89/2000-0-0

89/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 133 став 2 од Законот за девизното работење (“Службен
весник на РМ” бр.30/93).

2. Славко Анакијев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот за девизното работење означена во точката 1 од ова решение, од причини што истата не била во согласност со членовите 15 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Имено, со овластувањето дадено на овластената банка да ја блокира жиро сметката на корисникот на кредитот во случај на ненамирување на обврската се повредувало уставно загарантираното право на жалба и се доведувала банката во привилегирана положба во однос на другите доверители.

Покрај тоа, со иницијативата се бара Судот да изрече времена мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оваа одредба до донесувањето на конечната одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 133 од Законот за девизното работење е предвидено плаќањето на пристигнатите обврски по странски кредити да го вршат корисниците на кредитите преку банките овластени за работа со странство.

Согласно оспорениот став 2 од истиот член, доколку корисникот на кредитот не ја изврши обврската од став 1 на овој член, плаќањето по таа основа должна е да го изврши овластената банка преку која е влечен кредитот, со тоа што истовремено банката е должна да ја блокира жиро сметката на корисникот на кредитот до висина на намирените обврски за сметка на корисникот на кредитот, зголемени за износот на трошоците настанати заради ненавремено положување на денарската противвредност на пристигнатата обврска.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, слободата на пазарот и претприемништвото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 55 од Уставот, оваа слобода претставува основа во уредувањето на економските односи меѓу субјектите на пазарот.

Во реализацијата на оваа уставна гаранција, државата активно учествува на начин што ја обезбедува еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, преземајќи мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Пазарната економија и слободата на пазарот и претприемништвото не налагаат апсолутна еднаквост на пазарните субјекти. Уставната одредба за еднаква правна положба всушност треба да се дефинира како постоење еднакви можности за сопствен развиток. При тоа, таа се однесува на субјекти кои статусно-правно се наоѓаат на ист пазар на определен производ или услуга.

Во конкретниот случај, оспорената одредба се однесува на сите овластени банки за работа со странство, т.е. на банките кои имаат овластување за вршење на работи на платен промет со странство и на кредитни работи со странство (член 10 од Законот за девизното работење). При тоа, Советот на Народната банка на Македонија одлучува за издавање овластување на банките, за вршење на овие работи доколку ги исполнуваат условите пропишани од страна на Народната банка (член 52 од Законот).

Отплатата на пристигнатите обврски по кредитите земени во странство спаѓаат во групата плаќања по тековни трансакции со странство (член 35 од Законот).

Согласно Законот за кредитните односи со странство (“Службен весник на РМ” бр.31/93), кредитни односи со странство се правни работи склучени меѓу домашно и странско лице со кое се уредува прибавувањето или одобрувањето на кредит за вршење на дејност (член 2). При тоа, како домашни лица се предвидени Републиката, банките, претпријатијата и другите правни лица, како и физичките лица со живеалиште во Република Македонија кои самостојно вршат стопанска и друга дејност.

Кредитните работи со странство се уредуваат со договор склучен во писмена форма, при што домашното лице му е одговорно на странското лице за извршувањето на обврските од склучениот договор (член 7 од Законот).

Согласно член 9 од Законот, банките овластени за работа со странство може да склучуваат договори за кредитни работи со странство во име и за сметка на друго лице, во свое име и за своја сметка, и во свое име, а за сметка на друго лице.

Согласно член 28 од Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на РМ” бр.31/93, 78/93, 17/96, 29/96, 37/98, 25/2000), банката е должна да ја одржува солвентноста и ликвидноста. И покрај тоа што Народната банка не презема обврски за плаќање, наместо други правни и физички лица, сепак таа е одговорна за општата ликвидност на плаќањата во Република Македонија и кон странство, при што таа е овластена да преземе определени мерки (предвидени со Законот за Народната банка на Република Македонија) на единствен начин спрема сите банки, ако со закон не е поинаку определено (член 3, 4 и 19 од Законот).

Со Законот за платниот промет (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 65/95, 71/96, 7/98 и 16/2000), покрај Заводот за платен промет, како носители на платниот промет, меѓу останатите, утврдени се и банките.

Согласно член 30 (став 1 точки 2, 3 и 4) од Законот, налози за плаќање од сметката издаваат: учесниците во платниот промет: доверители врз основа на други инструменти за обезбедување на плаќањата (банкарска гаранција, акцептен налог, меница и сл.); носителите на платниот промет, врз основа на судски одлуки и други извршни исправи, законски и договорни овластувања со свои интерни налози заради целосно или делумно извршување на налозите; други органи и организации врз основа на законски овластувања.

Според член 32 од Законот, носителот на платен промет ги извршува налозите за присилна наплата, меѓу другото, врз основа на извршни налози за органи и организации што со закон се овластени за донесување на такви решенија и извршни налози.

Во член 1 став 2 од Законот за извршната постапка (“Службен весник на РМ” бр.53/97) е утврдено дека одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, како и на обезбедување на парично побарување за кое се одлучува во управна постапка, освен ако за тоа извршување или обезбедување со закон е определеена надлежност на друг орган.

Оттука, произлегува специфичната положба на банките на пазарот и нивното дејствување како активни учесници и носители на платниот промет. Работите кои банките ги вршат, меѓу кои спаѓаат: давање и земање на кредити, вршење на работи на платен промет со странство, кредитни и гаранциски работи со странство (член 37 од Законот за банките и штедилниците) ја утврдуваат специфичната улога и положба на банките, како субјекти кои вршат специфична и многу битна функција во економскиот живот на една земја.

Нивното работење во голема мерка влијае врз севкупната состојба во сферата на ликвидноста на плаќањата во државата и кон странство. Како специфични субјекти, кои вршат посебни работи, законите предвидуваат и посебни услови за основање, работа, организација, управување. Оттука, јасно произлегува специфичната положба на банките, поинаква од останатите субјекти – учесници на пазарот.

Овластувањето или поточно речено обврската која законот им ја наметнува на банките (да го извршат плаќањето и да ја блокираат жиро сметката на корисникот на кредитот) е резултат на положбата на банките, посебна и различна од статусно-правен аспект, од останатите пазарни субјекти. Таа ниту доведува до создавање монополска положба, ниту е елемент на монополско однесување на пазарот. Нејзината функција е исклучиво заштитна – обезбедување заради намирување на парично побарување.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Анализата на содржината на оспорената одредба, упатува на заклучок дека истата ја обврзува овластената банка, преку која е влечен кредитот од странство, да го изврши плаќањето на пристигнатите обврски по странски кредити. Оваа законска, задолжителна облигација за банката е “ублажена” со исто така, обврската на банката да ја блокира жиро-сметката на корисникот доколку овој не ја намири пристигнатата обврска. Оваа обврска претставува еден вид заштитна клаузула за банката, како своевиден инструмент за обезбедување на своето побарување, настанато по основ на претходно неисплатени обврски на самиот корисник.

Отсуството на изречна законска одредба која ќе го предвиди правото на жалба, не го исклучува правото на должникот – (во случајот корисникот на кредитот) на судска заштита која се реализира во сооодветна постапка. Имено, корисникот на кредитот има право во процесна постапка, со поднесување тужба, односно во извршна постапка, со предлог за привремена мерка да обезбеди судска заштита, во ситуациите кога смета дека забраната (блокирањето на сметката) е сторена за нестасана обврска, кога истата се однесува на парична обврска чија висина е поголема од реалната и слично.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со членот 15 од Уставот на Република Македонија.

5. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не се исполнети претпоставките од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.89/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply