23/2000-0-0

23/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за воведување на самопридонес за подрачјето на општината Дебар бр.07-227/3 од 2.07.1999 година, донесена од Советот на општина Дебар.

2. Група граѓани од Дебар, претставени преку Исмет Мерсовски, исто така, од Дебар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова ршение затоа што референдумот за воведување на самопридонесот бил спроведен спротивно на одредбите од членовите 14, 17 и 18 од Законот за основните начела на самопридонесот, како и на член 39 став 2 од Статутот на општина Дебар.

Имено, во иницијативата се наведува дека и покрај тоа што најголем број на граѓаните од општината не излегле да гласаат на референдумот, а од оние кои што гласале, гласале против воведување на самопридонесот, сепак од страна на Советот на општината било констатирано дека референдумот успеал, односно дека за воведување на самопридонесот гласале 52% од вкупниот број на избирачи. Понатаму, се наведува и тоа дека до ваквиот резултат од гласањето било дојдено со фалсификат на гласачките ливчиња и другиот гласачки материјал, а како доказ за тоа е приложен подолг список на граѓани (со име и презиме и нивен потпис) кои што не гласале, а се сомневаат дека биле заокружени во избирачкиот список, со предлог Уставниот суд да го провери и утврди овој факт.

Исто така, кон иницијативата се приложени и изјави од претседателите на основните организации на политичките партии во Дебар, кои што кога биле повикани на состанок кај градоначалникот не се согласиле со намерата за воведување на самопридонесот, поради што и тие се сомневаат во регуларноста на гласањето на референдумот и воопшто на оспорената одлука. Како друга причина поради која се оспорува оваа одлука се наведува и тоа дека пред да се распише референдумот немало никаква активност со граѓаните по месните заедници во смисла на прифаќање на иницијативата за воведување на самопридонесот од нивна страна.

И на крајот, одлуката се оспорува и поради тоа што за Одлуката за распишување на референдумот, која и претходи на Одлуката за воведување на самопридонесот, гласале само 8 члена од вкупно 18 члена на Советот на општината, така што оваа одлука била донесена без потребното мнозинство на гласови, а и без претходно да биде прифатена иницијативата од собирите на граѓаните во месните заедници.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука
се воведува самопридонес за целото подрачје на општина Дебар за изградба и реконструкција на комунални инфраструктурни објекти од општ интерес за општината, чиј вкупен износ на средства е предвиден со Програмата за финансирање и користење на средствата од самопридонесот.

Самопридонесот се воведува за време од пет години (од 1.08.1999 до 1.08.2004 година), во пари и тоа во висина од 2% од платите, пензиите и другите приходи на граѓаните.

Исто така со оваа одлука се утврдува начинот и роковите за извршување на обврските од самопридонесот, органот што ќе се грижи за извршувањето на овие обврски, како и органот за надзор над собирањето и употребата на средствата од самопридонесот.

4. Врз основа на одговорот добиен од Советот на општината Дебар и целокупната приложена документација во врска со постапката за спроведување на референдумот и донесување на оспорената одлука, Судот ја утврди следната фактичка состојба по предметот:

Иницијативата за воведување на самопридонесот во општината Дебар е покрената од страна на Советот на општината со Одлука бр.08-69/6 од 20.03.1998 година, а по претходно поднесена иницијатива, односно барање за распишување на референдум за месен самопридонес од Месната заедница ИИ реон Дебар.

Врз основа на напред наведената одлука, а по изготвувањето и усвојувањето на Програмата за финансирање и користење на средствата од самопридонесот, во периодот од 13.07.1998 година до 21.07.1998 година во вкупно 11 месни заедници од општината Дебар биле организирани и одржани собири на граѓани, на кои што присуствувале поголем број на граѓани од тие месни заедници и при тоа од нивна страна, после дискусијата и дадените предлози и сугестии, едногласно била прифатена иницијативата за воведување на месен самопридонес. На одржаните собири на граѓаните во сите месни заедници редовно присуствувале и членови на Комисијата формирана од страна на Советот на општината која, меѓу другото, била задолжена и за организирање на јавните расправи на соборите на граѓани во општина Дебар, како и за објаснување на Програмата во врска со воведувањето на самопридонесот.

За резултатите од одржаните јавни расправи во врска со иницијативата за воведување месен самопридонес, Комисијата поднела извештај до Советот на општината Дебар, кој што бил усвоен со Заклучок бр.08-10/14 од 25.01.1999 година.

По изведените напред наведени активности, Советот на општината донел Одлука за начинот на рспишувањето и спроведувањето на референдумот во општината Дебар под бр.08-10/5 од 25.01.1999 година. Видно од записникот од оваа седница, споменатата одлука е донесена со 9 гласа “за” и 3 гласа “воздржани” од присутните 12 членови на седницата, од вкупно 17 членови, колку што броел Советот на општината.

Референдумот за воведување на месниот самопридонес бил одржан на 21.03.1999 година и согласно записникот за утврдување на резултатите од гласањето на Комисијата за спроведување на рефернедумот, од вкупно запишаните избирачи во единствениот избирачки список за Општината Дебар 14144, на гласање излегле 7382 избирачи односно 52,19% од кои “за” гласале 7102, а “против” – 228 избирачи и врз основа на ваквиот резултат било констатирано дека е донесена Одлука за воведување на самопридонес во Општината Дебар.

Записникот на Комисијата за спроведување на референдумот бил усвоен од страна на Советот на Општината со Заклучок бр.07-18/8 од 01.06.1999 година, а на седницата одржана на 2.07.1999 година Советот на општината ја донел оспорената одлука, односно Одлуката за воведување на самопридонес за подрачјето на општина Дебар, кога е донесена и Одлука за формирање на Одбор за надзор на реализацијата на Програмата, собирање на уплатата и употребата на средствата од самопридонесот.

5. Согласно член 3 став 2 од Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на РМ” бр.27/78), самопридонес може да се воведе и за подрачјето на општината како целина, ако служи за остварување на заедничките интереси и за задоволување на заедничките потреби на граѓаните во таа општина, а според член 6 став 2, за воведување на самопридонесот одлучуваат граѓаните со референдум.

Според член 14 став 4 од истиот Закон, иницијатива за воведување самопридонес во општината како целина, покрај советот на општината, може да покренат и граѓаните, со тоа што и во членот 23 од Законот за локалната самоуправа е утврдено дека советот на општината може да распише референдум по сопствена иницијатива, а должен е тоа да го направи и по барање од најмалку 20% од избирачите во единицата на локалната самоуправа на начин, односно постапка утврдена со статутот во согласност со закон.

Ако иницијативата за воведување на самопридонесот биде прифатена од собирите на граѓаните во повеќето месни заедници, односно во општината како целина, согласно член 14 став 5 од Законот за општите начела на самопридонесот, советот на општината донесува акт за распишвуање на референдум за воведување на самопридонесот.

Согласно член 17 од наведениот Закон, самопридонесот за подрачјето на општината во целина се смета за воведен ако за него со референдум се изјаснат повеќе од половината на граѓаните запишани во избирачкиот список на подрачјето на општината.

Согласно член 23 став 4 од Законот за локалната самоуправа одлуката на референдумот е усвоена ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број на избирачи, а согласно ставот 5 од истиот член од Законот одлуката усвоена на референдумот е задолжителна за советот на општината. Задолжителноста на одлуката донесена на референдумот за советот на општината произлегува и од член 18 од Законот за општите начела на самопридонесот, според кој ако граѓаните се изјаснат за воведување на самопридонес советот на општината донесува акт за воведување на самопридонес кој што треба да ги содржи податоците утврдени во овој член од Законот (подрачјето за кое се воведува самопридонесот, намената на самопридонесот, вкупниот износ на самопридонесот, времето за кое се воведува, видот и висината на самопридонесот и др.).

И на крај, според член 32 став 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на советот, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со овој закон и со статутот не е определено поинаку.

Во однос на одлучувањето на собирот на граѓаните, како еден од облиците преку кој граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, единствено решение е содржано во член 22 став 4 од Законот за локалната самоуправа, според кое на собирот на граѓаните, кој што може да се свика за целата единица на локалната самоуправа или за дел од единицата на локалната самоуправа (став 1 од истиот член) со мнозинство гласови од присутните можат да се усвојат општи насоки за работа на органите и телата на единиците на локалната самоуправа. Истоветно решение е содржано и во член 25 од Статутот на општина Дебар, така што ниту Законот за локалната самоуправа, ниту Статутот на општината не го утврдува потребниот број на присутни граѓани, односно кворумот за одлучување на собирот на граѓаните, било тој да се одржува за целата општина или само за одделен нејзин дел, односно месна заедница.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, од една страна, како и фактот дека на оспорената одлука и претходела иницијатива за воведување на самопридонесот, која била разгледана и прифатена едногласно од поголемиот број на граѓани присутни на собирите на граѓаните одржани во месните заедници од подрачјето на општината Дебар, дека потоа од страна на Советот на општината Дебар била донесена Одлука за начинот на распишувањето и спроведувањето на референдумот и тоа со мнозинство гласови од присутните членови на седницата на советот, дека на референдумот гласале повеќе од половината од вкупно запишаните избирачи во избирачкиот список и за воведување на референдумот, исто така, се изјасниле мнозинството од избирачите кои гласале, односно кои се запишани во избирачкиот список, според мислењето на Судот при воведувањето на самопридонесот целосно е спроведена и запазена постапката пропишана со Законот за општите начела на самопридонесот, како и Законот за локалната самоуправа, поради што не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со напред наведените законски одредби.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата дека при гласањето и утврдувањето на резултатите од гласањето на референдумот било извршено фалсификување на гласачките ливчиња и избирачкиот список, односно дека биле внесувани невистинити податоци, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да ги утврдува овие наводи, но за тоа се надлежни другите судови, при тоа имајќи предвид дека според Кривичниот законик во групата кривични дела против изборите и гласањето (Глава шеснаесетта) посебно се инкриминирани вакви и слични дејствија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.23/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply