77/2000-1-0

77/2000-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за остварување на предвремена пензија (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/2000, 41/2000 и 53/2000).

2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение произведува правно дејство со објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Повеќе иницијатори-поединци, групи или здруженија на граѓани (27), на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на целината или на одделните одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

а) Така, Законот во целина се оспорува од следните пет причини:

– во ситуација (1) кога постои системски пропис за работни односи, па во тие рамки и за престанок на работниот однос (Закон за работните односи) и (2) кога се нормални општествените (односно политичките, безбедносните, економските и други) услови, немало уставни основи за интервентни закони.

– Законот во целина предвидува (1) ограничување на правата на граѓаните надвор од случаите дозволени за ограничување во Уставот (имено, Уставот не давал можност за ограничување на правата на граѓаните во сферата на работните односи), (2) иако не е време на воена или вонредна состојба (во кој случај Уставот дозволува ограничувања на правата) и (3) создавал дискриминација по основ на пол (што Уставот не го дозволува во ниедна ситуација), поради што Законот не бил во согласност со член 54 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот.

– определувањето Законот како целина да се однесува само на одредена категорија работници (оние вработени кај корисниците на средствата од Буџетот на Република Македонија), а не на сите работници каде и да се вработени, значело нивно ставање во понеповолна положба (заминуваат порано во пензија – со 35 години стаж, а не со 40 години или и со помалку стаж ако имаат одредена возраст – и со тоа добиваат помали приходи) и нееднаков однос на државата кон граѓаните, (едните порано, а другите подоцна се упатуваат во пензија), поради што Законот како целина не бил во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

– предвидувањето Законот да се однесува само на државните службеници, а не и на вработените во стопанството, значело привилегирање на државните службеници со оглед дека предвремено стекнувале полна пензија за разлика од “вишокот” во стопанството (овие добивале само симболичен материјален надоместок иако работеле во потешки услови, а не стекнувале “бенефицирани” услови за пензионирање), со што се создавала нееднаквост помеѓу сите вработени и различност помеѓу нив во обемот на правата од работата, поради што целината на Законот не била во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот.

– Законот, со тоа што не ги опфаќал сите корисници на Буџетот (на пример, лицата избрани од Собранието и Владата), туку само вработените и именуваните, назначените и раководните работници, создавал нееднаквост помеѓу оние кои остваруваат плата од ист извор, поради што Законот не бил во согласност со член 9 од Уставот и од тој аспект.

б) Член 1 став 2 од Законот се оспорува бидејќи предвидувањето предвремениот престанок на работниот однос да се однесува и на именуваните лица значело и јавните обвинители односно нивните заменици да остваруваат предвремена пензија, со што всушност им се прекинувал 6-годишниот мандат и со тоа се нарушувала самостојноста на јавното обвинителство утврдена во член 106 од Уставот, поради што наведениот член од Законот не бил во согласност со означената уставна определба;

в) Член 2 во целина се оспорува од шест аспекти бидејќи:

– предвидувал предвремено пензионирање и на (1) работно – способни лица, (2) чии работни места се задржувале односно биле потребни и во иднина (наместо тоа да било определено само за изнемоштени, болни, неспособни и за лица со несоодветно, пониско, образование од потребното), со што државата таквите лица ги ставала во
различна, нееднаква правна положба како во однос на оние кои заминале во редовна пензија пред влегувањето во сила на оспорениов закон, така и во однос на оние кои ќе заминат во пензија после престанокот на применувањето на оспорениов закон, па и во однос на оние кои остануваат на работа, а на истите видови работни задачи, поради што тој член од Законот не бил во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

– предвременото пензионирање на работно-способните лица чии работни места остануваат и понатаму значело (1) бркање од работа на најсуров начин, (2) врежување трајни, крвави линии длабоко во психата на тие луѓе, (3) создавање чувство на пониженост (односно чувство дека тие луѓе не вредат), (4) потоа дека се оставени без правда (односно без да им се изрази заслужената почит) и (5) репресирани (односно казнети), со што членот 2 од Законот длабоко навлегувал во моралниот интегритет на човекот мачејќи го, понижувајќи го и казнувајќи го, поради што таа законска одредба не била во согласност со член 11 ставовите 1 и 2 од Уставот.

– членот 2 од Законот, со оглед на тоа што (1) законската одредба го повредила принципот презумпција на невиност на тој начин што ги казнил луѓето пред да ја утврди нивната вина и што (2) тоа се прави со закон наместо со одлука на суд, не бил во согласност и со член 13 став 1 од Уставот; а дека е во прашање казнување, произлегувало од таму што тие луѓе трпеле штета (им се намалувале примањата) иако не направиле ништо погрешно.

– законската одредба во целина не била во согласност и со член 15 од Уставот бидејќи, определувајќи критериуми за престанок на работниот однос односно за предвремено пензионирање, таа не овозможувала остварување на уставно загарантираното право на жалба.

– Членот 2 од Законот, определувајќи критериуми за престанок на работниот однос кои се задолжителни, всушност (1) насилно го одзема правото на работа на определените граѓани, го повредува правото на заштита при работењето и на материјална обезбеденост и го повредува принципот секое работно место да му биде достапно на секого под еднакви услови, при што стекнувањето на друго право (право на социјална сигурност односно на пензија) не можело да претставува соодветна компензација на правото на работа, поради што таа законска одредба не била во согласност и со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот.

– пропишувањето, во член 2 од Законот, престанок на работен однос за определени граѓани, всушност значело нивно отпуштање од работа од страна на државата и тоа заради остварување на тесни партиски интереси, наместо за тоа да одлучуваат работодавачите (на пример, за наставниците тоа се директорите на училиштата), поради што таа законска одредба била неуставна.

г) член 2 став 1 алинеја 1 од Законот се оспорува од два аспекти:

– предвидувањето работниот однос на жените да им престане ако наполниле 58,5 години живот и 20 години стаж, а не ако и тие, како мажите, наполниле 63 години живот и 20 години стаж, значело (1) ставање на жените во нееднаква, понеповолна, положба од мажите, и (2) наметнување обврска да мораат да заминуваат во пензија, а не тоа да претставува право на жените самите да изберат со оглед на нивната специфична положба како мајки, како што определувале Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за работните односи, поради што делот “односно 58,5 години живот (жена)” од означената законска одредба не бил во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

– оспорениот дел од член 2 став 1 алинеја 1 на Законот не бил во согласност и со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот со оглед дека предвидувал (1) одземање на правото на работа на жените и (2) оневозможување и на нив да им биде достапно секое работно место како на мажите, под еднакви услови.

д) определувањето, во член 2 став 1 алинеја 2 од Законот, работниот однос да им престане на сите лица кои наполниле 35 години стаж (и мажи и жени) значело скратување на работниот стаж на мажите од 40 години на 35 години односно намалување и одземање право на работа за 5 години, поради што оваа одредба не била во согласност со член 32 став 1 од Уставот.

ѓ) Членот 3 од Законот, со определувањето (1) различен стартен процент при исти години на пензиски стаж (за мажите со 20 години стаж 55% од пензиска основица, а за жените со 20 години стаж 57,50% од пензиска основица) и (2) различен пресметковен процент за секоја наредна година пензиски стаж и на мажите и на жените (за мажите 1,67% зголемување на пензиската основица по година, а за жените 1,50% такво зголемување), создавал нееднаквост по пол на штета на мажите така што за ист стаж и работа остварувале различна пензија (на пример, маж со 21 година стаж остварува 55% плус 1,67% вкупно 56,67% од пензиската основица, а жената за, исто така, 21 година стаж остварува 57,50% плус 1,50% вкупно 59,00%), поради што оваа законска одредба не била во согласност со член 9 од Уставот.

е) Членот 4 од Законот се оспорува поради тоа што не ја определил висината (процентот) на пензиската основица за лицата кои имаат над 30 години стаж и доброволно ќе побараат да заминат во пензија.

ж) Членот 6 од Законот ја поврзува исплатата на средствата за предвремена пензија со прописите за престанок на работниот однос, во ситуација кога спорниот закон интервенира во Законот за работните односи и поставува други правила, поради што таквото поврзување било неоправдано.

з) Членот 7 од Законот, како и претходната одредба, предвидувал поврзување на некои права за предвремено пензионирање со одредбите од Законот за пензиско….., иако спорниот закон интервенира во “редовниот” пензиски систем, па и ова поврзување било неоправдано.

ѕ) Членот 9 од Законот се оспорува поради тоа што предвидувал престанок на работниот однос на наставниците во високото образование кои немаат научни звања, со што всушност го повредувал правото на работа на наведената категорија лица, па не бил во согласност со член 32 став 1 од Уставот.

Едновремено, во 8 поднесени иницијативи се бара Судот да изрече времена мерка – запирање од извршување на поединечни акти и дејства, до конечно произнесување на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

5. На седницата Судот утврди дека со оспорениот закон се определуваат условите за остварување на предвремена пензија за вработените кај корисниците и единките-корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија (член 1) и тие се најмалку 63 години живот (маж), односно 58,5 години живот (жена) и 20 години пензиски стаж и најмалку 35 години пензиски стаж (маж и жена) без оглед на годините на живот (член 2).

Во член 3 од Законот се определува пензиската основица на вработените на кои ќе им престане работниот однос врз основа на член 2 алинеја 1 од овој закон, а во член 4 од Законот се предвидува можност за доброволно заминување во предвремена пензија на вработениот кај корисниците од член 1 на овој закон.

Според член 6 од Законот, средствата за исплата на предвремена пензија остварена според овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а во член 8 од Законот се утврдува дека за спроведување на овој закон е надлежен Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

Во член 9 од Законот се предвидува можност за доброволно остварување на предвремена пензија на вработените во високото образование избрани во наставничко звање (доцент, вонреден професор или редовен професор) и на вработените во јавните научни установи избрани во научни звања (научен соработник, виш научен соработник или научен советник), а, според член 9-б од Законот, ако корисникот на предвремената пензија заснова работен однос или отпочне да врши самостојна дејност му се запира исплатата на предвремената пензија.

Во член 10 од Законот е определено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува до 31 декември 2000 година.

6. Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а, според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Оттука, неспорно е правото на законодавецот да уредува прашања од сферата на работниот однос со закон, па во тој склоп и престанок на работниот однос.

Исто така, според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Оттука, неспорно е и правото на законодавецот, во склоп на социјалната сигурност и социјалното осигурување на граѓаните, со закон да уредува прашања во врска и со нивната пензија.

Но, од друга страна, според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1) и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според тоа, од сите напред изнесени уставни определби произлегува дека законодавецот, при остварувањето на правото со закон да уредува прашања во врска со работниот однос и неговиот престанок, како и со социјалната сигурност на граѓаните и пензиите како нивен дел, има уставна обврска граѓаните да ги стави во еднаква правна положба по наведените основи.

Тргнувајќи од таквите уставни определби, пред Судот се постави прашањето дали оспорениот закон пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, Судот изразува сомнение дали предвидувањето, во член 1, Законот да се однесува само на некои вработени кај корисниците и единките – корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија, а не на сите кои остваруваат средства од тој ист извор, не значи дека Законот има нееднаков третман кон граѓаните кои се во иста општествена положба, а што е на штета на оние кои се опфатени со Законот; истото сомнение на Судот се отвора (различно третирање на граѓаните при истоветна општествена положба) и во однос на содржината на член 4 од Законот (некој вработен кај корисник на средствата од Буџетот може да бира дали ќе замине во предвремена пензија, а некој не, што е на штета на вториве) како и во однос на член 9 од Законот ( некои професори остваруваат право на предвремена пензија, а некои не, што е исто така на штета на вториве). Исто така, Судот изразува сомнение дали предвидувањето, во член 2 став 1 алинеја 1 од Законот, на мажите-вработени кај корисниците на средствата од Буџетот да им престане работниот однос со 63 години живот, а на жените-вработени кај корисниците на средствата од Буџетот со 58,5 години живот, во ситуација кога тие имаат исти години пензиски стаж, не значи нееднаков однос на Законот кон граѓаните по основ на пол, а на штета на жените; тоа сомнение на Судот (нееднаков однос на Законот кон граѓаните само затоа што се со различен пол) се однесува и на содржината на член 3 од Законот со оглед дека со него се предвидува различна висина (поради различен процент) на пензиска основица на мажите и жените (и едните и другите вработени кај корисниците на средствата од Буџетот) со исти години пензиски стаж, со тоа што во овој случај мажите се ставени во понеповолна правна положба. Што се однесува, пак, до содржината на другите законски одредби, Судот смета дека тие се во функција на напред наведените законски одредби и не можат самостојно да егзистираат во правниот поредок.

Имајќи ги предвид изнесените сомненија на Судот за содржината на оспорениот закон во неговата целина, од една страна, потоа паралелно со овој закон постоење на регулативата за работните односи и за пензискиот систем (Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување), во кои се содржи поинакви решенија за престанокот на работниот однос и за остварувањето на правото на пензија отколку во оспорениот закон, од друга страна и, исто така, имајќи предвид дека не се донесени соодветните закони со кои прецизно би се дефинирала положбата и правата на вработените кај корисниците на средствата од Буџетот (Закон за Владата на Република Македонија, Закон за државната управа, Закон за управната постапка, Закон за управните спорови, Закон за државните службеници, ….), од трета страна, пред Судот се постави прашањето дали оспорениот закон ја запазува уставната обврска за тоа граѓаните да бидат еднакво третирани и недискриминирани со закон.

Истовремено, со оглед дека на вработените кај корисниците на средствата од Буџетот, опфатени со оспорениот закон, им се менуваат правата од работниот однос и во врска со пензијата, а на другите вработени не, пред Судот се постави прашањето дали со тоа Законот не создава правна несигурност и, преку неа која е составен дел на доминантноста на правото како објективно мерило над субјективната волја, дали не се повредува владеењето на правото, што е темелна вредност на правниот поредок на Република Македонија според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Со оглед на тоа што се поведе постапка и се изрази сомнение во тоа дали Законот обезбедува еднаков правен третман на граѓаните, потоа дали не создава правна несигурност и, со тоа, дали не ја загрозува темелната вредност на правниот поредок на Република Македонија – владеење на правото, од што можат да настанат тешко отстранливи штетни последици за граѓаните, Судот оцени дека се исполнети условите за изрекување на времена мерка предвидени во членот 27 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.77/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply