96/2000-0-0

96/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за давање на користење – концесија на дивечот во ливиштата во Република Макдонија, донесена од Владата на Република Македонија на 16 мај 2000 година (“Службен весник на РМ” бр.42/2000).

2. Ловечкото друштво “Дримкол” с. Лабуништа од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 37 точка 2 и 3 и член 38 став 3 од Законот за ловство.

Имено подносителот смета дека со донесување на оспорената одлука и со доделување на користење на ловиштата на “Дримкол” и “Велешта” е повреден Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 12 од Законот за концесии и член 36 од Законот за ловство.

Со оваа одлука на десетгодишно користење – концесија се дава дивечот во ловиштата и тоа: “Белица”, “Драслајца” и “Ржаново” на ловечкото друштво “Превезан” од Струга; “Дримкол” на здружението на ловците “Нерез” од село Безево; “Велешта” на ловечкото друштво “Дримкол”од село Лабуништа.

Како почеток на користењето, концесијата на дивечот во ловиштата од точка 1 на оваа одлука ќе се смета денот на потпишување на договорот.

Во името на Владата на Република Македонија договрот за користење на дивечот во ловиштата ќе го потпише министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

4. Разгледувајќи ја иницијативата, содржината на оспорената одлука, како и одредбите од Законот за ловство, Судот смета дека оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку тоа претставува поединечен акт со кој поименично се даваат на користење одредени ловишта поради што тој не е надлежен да одлучува.

5. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талески.

У.бр.96/2000
05.07.2000 год.
С к о п ј е
сс/.љс

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply