169/1999-0-0

169/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на
– Ценовникот за ознака и други услуги за шумите, меѓите и осамени дрва во приватна сопственост, донесен од ЈП “Македонски шуми”-Скопје,
– Одлуката за утврдување на критериуми за стопани-сување на шумите на кои постои право на сопственост, број 09-2764/1, донесена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија на 12.09.1991 година.

2. Трајко Димовски, Димче Апостолски, Коста Илкоски и други од Прилеп, преку полномошникот Киро Адамчевски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Со иницијативата подносителите бараат Судот да даде мислење (толкување) на претходно донесена одлука на Судот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Ценовник за ознака и други услуги за шумите, меѓите и осамени дрва во приватна сопственост, донесен од ЈП”Македонски шуми” – Скопје се утврдува висината на цените за извршени услуги по одделни стапки и тоа: за дневници и за материјални трошоци, при што е утврдена висината на цената на услугата за 1мі (во оваа цена е вкалкулиран и износот (законски) за проста репродукција на шумите).

Со оспорената одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија од 1991 година е утврдено дека стопанисувањето со шумите на кои постои право на сопственост се врши врз основа на критериумите за извршување на сечите и работите на одржување и унапредување на шумите, утврдени со оваа одлука.

Со одлуката се дава опис и се утврдуваат мерки кои треба да се преземат кај соодветниот вид насади (високостеблести зрели склопени и разредени насади, високостеблести незрели насади, обновени насади, едновозрасни и вештачки подигнати насади, нискостеблести лоши шуми итн.).

Со одлуката се утврдува период од 10 години во кој се утврдува обемот на сеча во катастарска парцела под шума.

Според одлуката, ознака, жигосување и издавање на испратница за исеченото дрво врши стручно лице од овластеното претпријатие, при што приемот на исеченото дрво, жигосувањето и издавањето на испратница се врши по претходно воведен шумски ред.

4. Согласно член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Во членот 2 од Законот за шумите (“Службен весник на РМ” бр.47/97) е утврдено дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Согласно членот 33 од Законот, ознака за сеча во државна и приватна шума врши јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена.

Според ставот 2 од истиот член,за вршење ознака за сеча во приватна шума, средства обезбедува сопственикот на шумата.

Со членот 38 од Законот е утврдено дека одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издава јавното претпријатие.

Со ставот 5 од истиот член е утврдено дека со одобрението за сеча се утврдуваат дрвната маса за сеча и мерките за обновување, одгледување и заштита на шумите, како и рокот за нивно извршување, при што средствата за овие мерки ги обезбедува сопственикот на шумата (став 6).

Согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96), основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.

Во конкретниот случај, Владата на Република Македонија со Одлука бр.23-1755/4 од 06.07.1998 год. дала согласност на оспорениот Ценовник.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по иницијативата.

Со оглед на фактот што со оспорениот Ценовник не се уредуваат односи на општ начин, туку се утврдуваат цени за одделни услуги што ги врши ЈП “Македонски шуми” -Скопје, според мислењето на Судот истиот не претставува пропис за кој Судот е надлежен да одлучува.

Што се однесува до оспорената одлука за утврдување на критериумите за стопанисување со шумите на кои постои право на сопственост, од анализата на нејзината содржина може да се заклучи дека истата ги утврдува критериумите за стопанисување со шумите во приватна сопственост.

Согласно член 5 од Законот за шумите, одгледува-њето, користењето и заштитата на шумите (стопанисување со шумите) е дејност од јавен интерес.

Според членот 6 од Законот за шумите, со шумите се стопанисува со цел трајно да се сочува нивната површина и да се зголеми нивната вредност, да се обезбеди најголем прираст според природните услови и да се сочуваат и подобруваат нивните производни и општокорисни функции.

Согласно член 17 став 2 од Законот, со шумите во приватна сопственост стопанисуваат сопствениците.

Според член 20, за стопанисување со шумите во државна и приватна сопственост, без оглед на намената, Собранието на Република Македонија донесува општ план за стопанисување врз основа на кој се носат посебни планови со кои се опфаќаат и шумите во приватна сопственост (член 22 став 1, 2 и 5).

Оттука, произлегува дека согласно законските одредби, стопанисувањето со шумите, без оглед на намената и сопственичкиот режим, како добро од општ интерес, се врши врз основа на општиот, односно посебните планови.

Сепак, правниот основ за постоењето на оспорената одлука претставува членот 85 од Законот (поместен во главата преодни и завршни одредби) според кој до донесувањето на посебните планови за стопанисување со шуми, со приватните шуми ќе се стопанисува според постојните критериуми.

И покрај горенаведеното, од содржината на оспорената одлука произлегува дека не постојат процесни претпоставки Судот да ја оценува нејзината законитост, како акт кој не уредува права и обврски на субјектите во правниот промет, туку утврдува технички стандарди и критериуми при стопанисувањето со шумите во приватна сопственост.

Што се однесува до барањето во иницијативата Судот да даде толкување на својата одлука, Судот оцени дека е безпредметно да се расправа по истото, како прашање кое излегува надвор од надлежностите на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.169/99
5 јули 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов
љс.

Leave a Reply