8/2000-0-0

8/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98).

2. Владан Златановиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што по укинувањето на член 23 од овој Закон со Одлуката У.бр.120/98 од 10 март 1999 година на Уставниот суд на Република Македонија, односно со неговото отстранување од правниот поредок, граѓаните-носители на станарско право во општествените станови стекнати по основ на т.н. присилни прописи се ставени надвор од законската регултива и со тоа повторно биле доведени во нерамноправна-нееднаква положба во однос на другите граѓани – носители на станарско право, што било во спротивносот со начелото на еднаквост утврдено во член 9 став 2 од Уставот.

Имено, според наводите во иницијативата оваа категорија на граѓани прво била ставена во нерамноправна положба во однос на другата категорија граѓани со Законот за продажба на становите во општествена сопственост, со кој била изземена продажбата на становите во општествена сопственост стекнати по основа на присилните прописи, а за што се изјаснил во образложението на Решението У.бр.61/94 од 13.10.1994 година и Уставниот суд на Република Македонија, по повод оценувањето на уставноста на член 3 став 3 од тој закон.

Според подносителот, законодавецот имајќи го предвид токму наведеното решение на Уставниот суд, го вградил членот 23 во Законот за денационализација, со цел да ги изедначи овие граѓани со другите граѓани – носители на станарско право кои имаат право на купување на општествените станови, меѓутоа , по неговото укинување од страна на Уставниот суд оваа категорија граѓани повторно е доведена во нерамноправна положба, поради што смета дека Уставниот суд треба да го преиспита својот став во врска со укинатиот член 23 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со своја Одлука У.бр.120/98 од 10 март 1999 година, покрај другите членови од Законот за денационализација, го укинал и членот 23, затоа што утврдил дека со овој член се ограничувала сопственоста и правата што од неа произлегуваат, а граѓаните се ставале во нееднаква положба. Имено, според мислењето на Судот изнесено во образложението на наведената одлука одделни реални состојби кои настанале во текот на користењето на одземениот имот не можат да бидат правна основа за востановување на категорија носител на право на користење на станови во туѓа сопственост (се едно дали државна, општествена или приватна) и така востановената категорија да биде главно мерило за враќање или невраќање на таквиот имот. Таквата категорија не е, и не може да претставува јавен интерес, ниту пак, граѓаните како поранешни сопственици можат да се стават во положба нивните права да зависат и да бидат различни во зависност од тоа дали во станбените згради односно станови има “носител на право на користење”.

Со оглед дека подносителот во иницијативата се повикуваше и на Решението У.бр.61/94, од 13.10.1994 год. или поточно на ставот на Судот изразен во образложението на ова Решение, Судот на седницата, исто така утврди дека со тоа решение не повел постапка за оценување уставноста на член 3 став 3 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост со кој се предвидувало да се изземаат од продажба становите во општествена сопственост доколку сопственикот на станот го стекнал по основ на присилни прописи, затоа што според мислењето на Судот, изнесено во образложението на решението, со отстранувањето на членот 99 од Законот за станбени односи од правниот поредок на Република Македонија (со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.209/93 од 13 јули 1994 година со која е укинат член 99 од Законот за станбени односи), не постоеле правните односи воспоставени врз основа на овој член, односно не постоела општествена сопственост на становите стекнати по присилни прописи, ниту станарско право врз тие станови. Според тоа, носителите на станарското право на становите во општествена сопственост стекната по присилни прописи не се во еднаква правна положба со другите носители на станарско право на становите во општествена сопственост, поради што оценил дека оспорената одредба не е во несогласност со означените уставни одредби, односно со член 9 од Уставот.

4. Судот на седницата, исто така утврди дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на РМ” бр.31/2000) е вградена нова одредба (член 22-а) во која враќањето во сопственост на станбените згради и становите одземени по 2 август 1944 година е уредено на сосема подруг начин. Според неа, за разлика од укинатата одредба, овие станбени згради и станови се враќат во сопственост на поранешните соптвеници или на нивните наследници независно дали во нив живеат или не живеат други граѓани и без оглед на другите услови кои беа претходно утврдени.

5. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека Законот за денационализација се оспорува од причина што по укинувањето на членот 23 со Одлуката У.бр.120/98 од 10 март 1999 год. на Уставниот суд, овој Закон не содржел одредба која го регулира режимот на враќање во сопственост на станбени згради и станови кои што станале општествена сопственост по основ на т.н. присилни прописи, а во кои што живеат други граѓани, Судот, утврди дека согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за уставноста на Законот од аспект на одредби што не се содржани во него, ниту од аспект на последиците што настанале со отстранувањето на одделни негови одредби од правниот поредок со одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во врска со наводите во инцијативата дека укинатиот член 23 бил вграден во Законот за денационализација , заради изедначување, односно обезбедување на рамноправност на носителите на станарско право на становите во општествена сопственост стекната по присилни прописи со другите носители на станарско право на станови во општествена сопственост, а во однос на кои Судот, според подносителот на иницијативата, во Решението У.бр.61/94 од 13.10.1994 год., изразил став дека оваа категорија граѓани биле ставени во нерамноправна – нееднаква положба со Законот за продажба на становите во општествена сопственост, Судот утврди дека подносителот погрешно го сфатил и протолкувал цитираниот став од образложението на ова решение, на кој тој се повикува во иницијативата, од причини што овој став го посматра изолирано и неповрзано со другите ставови и мислења на Судот изнесени во образложението на тоа решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.8/2000
21 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply