200/1999-1-0

200/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ ставовите 2, 3 и 4 на член 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95, 20/98 и 40/99).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Борис Поцев и Ѓорѓе Дучков од Гевгелија, со Решение У.бр.200/99 од 5 април 2000 година, поведе постапка за оценување уставноста на ставовите 2, 3 и 4 на член 20 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 30 и со член 15 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според став 2 од член 20 на Законот за експропријација, по исклучок на став 1 на овој член, а по барање на корисникот на експропријацијата кога експропријацијата се врши врз основа на решение во случаи на итност произлезена од: природен настан (земјотрес, поплава, пожар); воени дејствија, терористички акти; реализација за усвоен детален урбанистички план; реализација на годишна програма во врска со планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето и заштита на магистралните, регионалните и локалните патишта, донесена согласно со Законот за јавни патишта од Владата на Репблика Македонија, Градот Скопје, односно соодветната општина, реализација на утврдената потреба за изградба на енергетски објекти во Стратегијата за

развој на енергетиката во Репбулика Македонија усвоена од Владата на Република Македонија согласно со Законот за енергетика; реализација на одлуки за определување на услови за градба на објекти согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање; реализација на одлуки за изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот, донесени согласно со овој Закон и други закони со кои е утврдено постоењето на јавен интерес, органот за експропријација, може да одлучи недвжноста да се предаде во владение по донесување на првостепеното решение.

Во ставот 3 на овој член е предвидено дека итноста од став 2 на овој член за изградба на објекти од јавен интерес може да произлезе и од: утврдени рокови на градба; временски услови; кредитирање на изградбата условено со отпочнување на работите во одреден рок ; вложување на домашен и странски капитал во стратешки гранки условен со финансиски рокови и слично, а според ставот 4 од истиот член на Законот во случаите на ставовите 2 и 3 на овој член, кога органот на експропријацијата по барање на корисникот на експропријацијата, ќе одлучи недвижноста да му се предаде на корисникот во владение по донесување на првостепеното решение, согласно со одредбите на овој Закон алтернативно ќе го утврди видот на надоместокот, а кај паричниот и приближниот износ кој му припаѓа на сопственикот на експропираната недвижност и рокот на исполнувањето. Ако не постои соодветна недвижност која може да биде дадена во замена за експропираната недвижност, надоместокот се утврдува само во пари.

5. Со членот 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира сопственоста и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 исто на овој член, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопствреноста се гарантира праведен надомст кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон и дека

во случај на одземање и ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во оваа смисла со Законот за експропријација е утврден јавниот интерес за експропријација на сопственоста и поблиску се определува за какви објекти или други потреби за државата може да се врши експропријација. При тоа Законот не само што го определува видот на јавниот интерес туку и неговиот досег, односно степенот и видот на одземање или ограничување на сопственоста. Така, и со одредбите на членот 20 од Законот определил во кои случаи корисникот на експропријацијата може да се стекне со владение над експроприраната недвижност и пред протекот на законските рокови, односно пред настапување на конечноста на актот за експропријацијата. Според мислењето на Судот оспорените одредби и другите одредби на членот 20 од Законот јасно и прецизно го утврдиле постоењето на јавниот интерес за експропријација, ниту пак допушта тој да се утврдува со друг акт, што значи доволна гаранција за заштита на сопственоста и остварување на праведниот надомест за експроприраната недвижност.

Меѓутоа со оглед на тоа што со оспорените одредби на член 20 ставовите 2, 3 и 4 од Законот, по барање на корисникот на експропријацијата, а врз основа на решение во случаи на итност и утврден јавен интерес, корисникот на експропријацијата може да се стекне со владение врз експроприраната недвижност по донесување на првостепеното решение, односно органот може да одлучи недвижноста да се предаде во владение пред претходно спроведена експропријациона постапка на начин предвиден со Закон, Судот оцени дека со овие одредби се повредуваат правата кои произлегуваат од член 30 од Уставот.

Исто така, Судот оцени дека овие одредби не се во согласност и со член 15 од Уставот со оглед на тоа што со одлуката на органот за експропријација недвижноста да му ја предаде на корисникот на експропријацијата пред истекот на рокот за жалба на актот за експропријација се доведува во прашање суспензивното дејство на жалбата на сопственикот на недвижноста.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.200/99
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков

Leave a Reply