14/2000-0-0

14/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 од Законот за начинот и условите за користење на средства за исплата на испратнини по договорот за кредит по Проектот за итна социјална помош на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/99).

2. Тодор Пљаков од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 6 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според подносителот на иницијативата овој член од Законот бил несогласен со Уставот на Република Македонија затоа што предвидувал на работниците, вработени во друштвата со доминантна државна сопственост, при престанокот на работниот однос да не им се обезбедува ново вработување или стручно оспособување, преквалификација и доквалификација, туку упатува испратнината да им се исплати во висина и на начин утврдени со Законот за работни односи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 6 од Законот, при остварувањето на правата на работниците по овој закон на кои ќе им престане работниот однос нема да се применуваат одредбите од член 127 став 1, член 129 и член 130 точки 1 и 2 од Законот за работните односи.

4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закони и со колективни договори.

Како што се гледа од овој текст од Уставот, уставотворецот не се впушта во уредувањето на правата и обврските на вработените, туку упатува истите да се уредат со закон.

Во таа смисла Законот за работните односи, меѓу другите основи за престанок на работниот однос (по спогодба, по истек на времето за кое е заснован работниот однос, по сила на закон, со отказ од страна на работникот) предвидува и престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени, при што, во такви случаи предвидува: должност за работодавецот на таквиот работник да му обезбеди вработување кај друг работодавец, без огласување на работното место, според стручната подготовка што ја поседува; стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај друг работодавец или еднократен надомест во вид на испратнина во висина на едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж наполент кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, а најмногу 12 месечни плати, остварена во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос на работникот, што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.

Меѓутоа, како што се гледа оспорениот член 6 од Законот за начинот и условите за користење на средствата за исплата на испратнини по договорот за кредит по Проектот за итна социјална помош на Република Македонија кој го регулира остварувањето на правата на работниците на кои им престанува работниот однос по овој закон, со императивна норма предвидува дека погоре наведените права од Законот за работните односи нема да важат за овие работници.

Имајќи ги предвид овие уставни и законски одредби, Судот смета дека членот 6 од оспорениот закон не е несогласен со Уставот поради следното: Република Македонија, претходно со Закон за задолжување кај Меѓународното здружение за развој се задолжила со кредит наменет за финансирање на Проектот за итна социјална помош на Република Македонија при што е предвидено условите и начинот за користењето на овој кредит да се утврдат со Договорот за кредит по Проектот за итна социјална помош што ќе се склучи меѓу Република Македонија и Меѓународното здружение за развој; со Законот за начинот и условите за користење на средства за исплата на испратнини по Договорот за кредит по Проектот за

итна социјална помош на Република Македонија, решавањето на статусот на работниците вработени во овој вид друштва (со доминантна државна сопственост) не е препуштено да се уреди со друг закон или општ акт, туку директно се уредуваат начинот и условите за користење на овие средства (за исплата на испратнина); според Договорот за кредит по Проектот за итна социјална помош, средствата се строго наменски, односно не можат да се користат за исплата на заостанати плати и придонеси, туку исклучиво за исплата на еднократен надомест во вид на испратнина; овие друштва се со доминантна државна сопственост кои во своето работење искажуваат загуба и на кои со овој договор за кредит им се дава можност на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални и сл. промени, да им се исплати предвидената испратнина; овој Проект за социјална помош е финансиран од Меѓународното здружение за развој, а го спроведува Агенцијата на Република Македонија за приватизација, за што редовно ја известува Владата на Република Македонија.

Од овие причини, Судот оцени дека, во случајов, не станува збор за вообичаен пример на престанок на работниот однос на работникот поради економски, технолошки, структурални или слични промени во претпријатието, односно друштвото во кое е вработен, туку за работници вработени во друштва каде е доминантна државната сопственост и каде што Владата на Република Македонија преку Договорот за кредит по Проектот за итна социјална помош на Републиката прави напори да го регулира нивниот статус преку исплаќање на испратнина, во висина од едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос.

Во тој контекст, имајќи ја предвид и одредбата од Уставот која упатува правата на вработените да се уредуваат со закон, Судот оцени дека законодавецот е овластен да определи на кој начин ќе се остваруваат правата и положбата на вработените во друштвата во кои е доминантна државната сопственост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.14/2000
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков

Leave a Reply