231/1999-0-0

231/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежното земјиште на Општина Битола, бр.07-559/1, донесена на 2.07.1998 година од Советот на Општина Битола.

2. Група граѓани од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, од причина што според нив, за исто земјиште се воведувале две давачки – данок на имот и надоместок за употреба на градежно земјиште. Покрај тоа, подносителите сметаат дека општината нема законско овластување да воведува јавни давачки за граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека во одлуката се содржани одредби со кои се утврдува обврска за плаќање на надоместокот и се уредува висината, роковите на плаќање и начинот на пресметување на надоместокот.

Во членот 2 се дефинира што се смета за градежно земјиште (изградено и неизградено земјиште), а членот 3 ја утврдува намената на реализираните средства – финансирање на изградбата и одржувањето на комунални објекти и инсталации, како и уредување на градежното земјиште.

Понатаму, со Одлуката се утврдуваат обврзниците на надоместокот, како и оние субјекти кои се ослободуваат од негово плаќање.

Според членот 6, надоместокот се пресметува и плаќа по 1 м2 површина , посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор.

Висината на надоместокот се утврдува зависно од погодностите што определеното земјиште му ги дава на корисникот, кои служат како основа за поделба на градежното земјиште на три станбени и три деловни зони.

Согласно член 11, основицата за пресметување на надоместокот со решение ја утврдува Градоначалникот, а врз основа на површината и локацијата.

Секој обврзник е должен на овластеното лице од Совет на општината да му овозможи непречена контрола заради утврдување на околностите за правилно одредување на основицата и пресметување на висината на надоместокот.

Евиденцијата и пресметувањето на надоместокот се врши месечно од ЈКП “Водовод” Битола со доставување заедничка сметка за овој износ и износот на потрошената вода.

4. Согласно членот 33 од Уставот на РМ, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 17 став 1 точка 4 , 5 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр. 52/95) единиците на локалната самоуправа самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште, утврдуваат зони и собираат земјишна такса и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје. При тоа, предвидено е вршењето на овие работи да се остварува во согласност со закон.

Според член 3 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79; 18/89; 21/91; 71/96 и 18/99), општините, односно градот Скопје ги уредуваат работите што се однесувааат на уредувањето и употребата на градежното земјиште.

Согласно член 44 од Законот за градежното земјиште, Собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременост со комунални објекти и инсталации. Ставот 2 од овој член предвидува

со одлуката да се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот. Надоместокот го плаќа непосредниот корисник на таквото земјиште, а тоа е носителот на правото на користење на недвижностите и нивниот сопственик.

Согласно членот 45 од Законот, надоместокот се плаќа, по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор.

Според член 48, висината на надоместокот се утврдува во зависност од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот.

Со членот 46 од Законот е утврдена и намената на остварените средства од надоместокот – за финансирање на изградбата на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште.

Покрај тоа, според член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Од содржината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека обврската за плаќање јавна давачка, а во тие рамки и надоместокот за употреба на градежно земјиште е утврдена со закон. Општината се финансира меѓу другото и од сопствени извори на приходи определени со закон, а во тие рамки спаѓа и надоместокот за употреба на градежното земјиште, како јавна давачка на граѓаните утврдена со Законот за градежното земјиште, потполно посебна од данокот на имот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека е во согласност со Уставот и со Законот за градежното земјиште, граѓаните да плаќаат надоместок за употреба на градежно земјиште поради што, неможе да се постави прашањето за согласност на оспорената одлука со Уставот и законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.231/99
17 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply