47/2000-0-0

47/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и
112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд
на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на
седницата одржана на 26 април 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за висината на надоместокот на трошоците за
закоп (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен
Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на
Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави
прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот, член 194 од Законот
за здравствената заштита и член 160 од Законот за органите на управата.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен од
Министерството за здравство врз основа на член 194 став 1 од Законот за
здравствената заштита и со него се уредува висината на надоместокот на
трошоците за закоп на осигурениците на здравствената заштита и на членовите на
нивните семејства.

5. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по предметот
У.бр.137/99, на 26 јануари 2000 година донел Одлука со која го укинал член 194
од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија”
бр.38/91, 46/93 и 55/95), во делот што гласи: “односно со општ акт на
Министерството за здравство”. Притоа, Судот, со оглед на тоа што членот 194 од
Законот за здравствената заштита го утврдил само правото на надоместокот на
трошоците за закоп кој се исплатува од Фондот за здравствено осигурување, при
што Законот не утврдил ниту основи за уредување на ова право, ниту ги утврдил
рамките на овластувањето на органот на државната управа, туку упатил дека таа
ќе се уреди со правилник на Министерството за здравство, оценил дека оспорениот
дел од оваа одредба што гласи: “односно со правилник на Министерството за
здравство” не е во согласност со Уставот.

Според член 194 од Законот за здравствената заштита до уредувањето на
правото на надоместок на плата за време на отсутниот од работа поради бременост
и породување и надоместок на трошоците на закоп со друг закон, правото на овие
надоместоци ќе се остварува од Фондот за здравствено осигурување во висина од
100% од основицата утврдена според член 20 од овој закон.

Во согласност со член 160 од Законот за органите на управата,
функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници,
наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти
на Собранието на Републиката, кога за тоа се овластени со тие закони.

Тргнувајќи од наведеното, јасно произлегува дека основот врз кој е
донесен оспорениот правилник е укинат и непостои друг законски основ за негово
донесување, поради што, Судот оцени дека оспорениот правилник не е во
согласност со одредбите на Уставот, член 194 од Законот за здравствената
заштита и член 160 од Законот за органите на управата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа
одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен
Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор
Џунов.

У.бр.47/2000
26 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply