43/2000-0-0

43/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставиот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/92) на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 16 став 2 алинеја 4 од Правилникот за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства (“Службен весник на Република Македонија” бр.74/92).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување уставноста и законитоста на член 16 став 2 алинеја 4 од правилникот означен во точката 1 од ова решение затоа што тој не бил во согласност со член 13 став 1, член 32 став 5, член 96 од Уставот на Република Македонија, со член 106 став 5 и 6 од Кривичниот законик како и со член 164 од Законот за органите на управата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 39 од Уредбата за организирање, подготвување и извршување на активностите и задачите на цивилната заштита во воена состојба и за формирање и подготвување на единиците и штабовите на цивилна заштита (“Службен весник на РМ” бр.51/92).

Според овој член од Уредбата пронаоѓањето и уништувањето на неексплодирани убојни средства се уредува со правилник што го донесува министерот.

Со овој правилник се пропишува пронаоѓањето и уништувањето на неексплодирани убојни средства, кое опфаќа: пребарување на теренот, пронаоѓање, собирање, транспорт, складирање, чување и уништување на неексплодирани убојни средства во мир и војна како и здравствената и физичката способност и стручната подготвеност на лицата кои ги вршат работите на заштита од неексплодирани убојни средства.

Понатаму во правилникот се утврдени условите што кандидатите треба да ги исполнуваат за извршување на работите на заштита од неексплодирани убојни средства и тие да се здравствено и физички способни за извршување на работите од оваа област, да не се помлади од 20 односно постари од 60 години, да имаат завршено најмалку средно образование и школо или курс за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства (школа за цивилна заштита, соодветно воено училиште за уништување на сите видови убојни средства или специјалистички курс во траење од 30 дена.

Во член 16, пак, е предвидено дека одобрението за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства го дава Министерството за одбрана врз основа на писмено барање, лично поднесено од кандидатот.

Во прилог на барањето лицето приложува лекарско уверение со напомена дека кандидатот психофизички е способен за вршење на работите на заштита од неексплодирани убојни средства (да не е постаро од 6 месеци; извод од матичната книга на родените; уверение за завршен курс или школа за заштита од неексплодирани убојни средства: уверение дека кандидатот не е под истрага или осудуван и уверение – потврда за завршен курс за давање на прва помош на повредените.

4. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1, пак, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 106 став 5 од Кривичниот законик е предвидено дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Според став 6 на овој член на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.

Во член 164 од Законот за органите на управата со прописите на функционерот не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и другите организации и заедници да се установуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.

Од содржината на одредбата 13 и 14 од Уставот на Република Македонија произлегува дека со нив се утврдени два принципа на казнено правниот однос, а тоа се прво дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или со друг пропис и дека казната може да се изрече само со судска одлука. Според тоа казнено правниот однос се исцрпува во релација казниво дело и судски изречена казна и дека натамошните последици од неговто извршување односно осуда за тоа не се допуштени.

Со оглед на изнесеното Судот смета дека во конкретниов случај со оспорената одредба од правилникот се врши ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда, или како последица на водење на истрага, поради што основано се поставува прашањето за нејзината согласност со Уставот.

Исто така основано се постави прашањето дали оспорената одредба е во согласност и со член 106 од Кривичниот законик и член 164 од Законот за органите на управата.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.43/2000
12 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply