224/1999-0-0

224/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 март 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА точката 8 од Правилникот за начинот и условите за водење книга на акции (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/97).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.224/99 од 26 јануари 2000 година по повод иницијативата поднесена од Зоран Петковиќ, адвокат од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на точката 8 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за издавање и тргување со хартии од вредност и Законот за трговските друштва.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената точка од Правилникот гласи: ” Податоците внесени во книгата на акции и документацијата на акционерите во нивното досие се сметаат за деловна тајна и можат да се соопштуваат само лично на акционерот и на органи и служби утврдени со закон и правила донесени врз основа на закон”.
5. Според член 289, став (1) од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96,7/97,21/98,37/98,63/98,39/99,81/99), акциите се запишуваат во книга на акции на акционерското друштво. Се запишува името и презимето, местото на живеење, државјанството и занимањето на акционерот, односно фирмата и седиштето. Во ставот (4) од овој член од Законот, во однос на чии одредби се оспорува точката 8 од Правилникот, е утврдено дека на барање на секој акционер се овозможува увид во книгата на акции.
Во членот 246 од Законот за трговските друштва утврдено е дека во ” Службен весник на Република Македонија” се објавуваат податоците или извештаите на друштвото за кои таквата обврска е утврдена во законот или статутот на друштвото, а додека во дневните листови кои ќе ги определи статутот на друштвото, можат да се објавуваат и други податоци и извештаи за кои управниот одбор смета дека се значајни за акционерите.
Понатаму, во членот 251 од Законот е утврдено кои одредби задолжително мора да ги содржи Статутот на акционерското друштво со можност тој да содржи и други одредби значајни за друштвото, ако со овој закон не се забранети, а додека во членовите 270 и 271 од Законот се утврдува дека уписот на акционерското друштво се врши со уписот на статутот на друштвото во трговскиот регистар и се утврдуваат податоците кои се запишуваат во трговскиот регистар, а кои според член 271 и се објавуваат. Освен овие податоци, во овој член од Законот се утврдени и други податоци кои, исто така, подлежат на обврската за објавување.
Во членот 363 од Законот, во однос на кој, исто така, се оспорува точката 8 од Правилникот, меѓу другото, утврдено е дека за акционерите присутни на собранието се составува список на присутните во кој се назначува името (фирмата) и адресата (седиштето) на акционерот, односно на неговиот застапник и на акциите и бројот на гласовите кои по основ на акциите му припаѓаат на секој акционер (став 1) и дека списокот на присутните им се дава на увид на сите учесници на собранието на друштвото пред првото гласање, како и дека секој акционер може да бара препис на списокот на свој трошок (став 2).
Во член 480 став 1 и 2 од Законот, на кој, исто така, се повикува подносителот во иницијативата, утврдено е дека трговскиот регистар е јавна книга, кој се води на единствен начин на територијата на Република Македонија, на начин определен со овој закон и пропис на Министерството одговорно за правда, а додека во член 485 став 1 и 2 е утврдено дека податоците запишани во трговскиот регистар може секој да ги разгледува, да ги препишува и да бара да му се издаде заверен препис и дека препис на сите или на одделни уписи, како и на списите од ставот 1 на овој член може да бара секое лице и дека преписот го издава и заверува лицето кое го води трговскиот регистар, под своја одговорност.
Од друга страна, во член 20 од Законот за издавање и тргување со харити од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97, 15/97 (исправка), 11/99 и 81/99) утврдено е дека издавачот на акции е должен да води книга на акции, на начинот и под условите пропишани од Комисијата за хартии од вредност.
Од наведените законски одредби, меѓу другото, произлегува дека за акциите, како вид на хартии од вредност, издавачот, односно акционерското друштво е должно да води книга на акции, и тоа на начин и под услови пропишани од Комисијата за хартии од вредност. Понатаму, од овие законски одредби произлегува и тоа дека на барање на секој акционер мора да му се овозможи увид во книгата на акции, што според мислењето на Судот подразбира увид на податоците содржани во книгата на акции кои се однесуваат на сите акционери, а не само на оние податоци што се однесуваат само на акционерот кој го бара увидот во книгата.
Со оглед на тоа дека правото на увид на секој акционер во книгата на акциите што ја води акционерското друштво е утврдено во самиот Закон за трговските друштва, Судот оцени дека Комисијата за хартии од вредност го пречекорила овластувањето кога под начин и услови за водење на книгата на акции во точката 8 од Правилникот всушност само на подруг начин го преформулирала ова право. Евентуално, Комисијата можела само поблиску да го определи начинот и условите под кои ќе се врши увидот во книгата на акции, а не, според формулацијата на точката 8 од Правилникот, правото на увид на секој акционер во книгата на акции да го модифицира односно да го измени и утврди како право на “соопштување на податоците само лично на акционерот”, што според мислењето на Судот е порестриктивно право од правото на увид и таквата формулација остава простор за сфаќање и толкување во примената на оваа одредба спротивно на определбата од членот 289 став (4) од Законот за трговските друштва. Оттука, и покрај тоа што доносителот на актот смета дека ра зликата меѓу термините во точката 8 и член 289 од Законот за трговските друштва “е само од лексичка природа”, а во суштина имаат исто значење, Судот оцени дека поради наведените причини овој дел од точката 8 од Правилникот не е во согласност со член 289 став (4) од Законот за трговските друштва и член 20 од Законот за издавање и тргување со хартии од вредност.
Ова и од причини што, ваквото модифицирање на правото на увид во право на соопштување на податоците од книгата на акции, што подразбира соопштување на податоците на акционерот од страна на друго лице, а не непосреден увид на податоците од самиот акционер, може да се проблематизира и од аспект на казнените одредби од Законот за трговските друштва според кои (член 711 став (1) точка 1) и став (2) од овој член), со парична казна од 15.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок друштвото ако на акционер му оневозможи увид во книгата на акции, а за ист прекршок и со парична казна од една до три плати ќе се казни и одговорното лице во друштвото.
6. Имајќи предвид дека во член 20 од Законот за издавање и тргување со хартии од вредност не е децидно утврдено овластувањето на Комисијата за хартии од вредност да го утврдува степенот на доверливост на податоците внесени во книгата на акции, пред Судот, исто така, се постави прашањето дали утврдувањето во точката 8 од Правилникот дека овие податоци, како и документацијата на акционерите во нивното досие се сметаат за деловна тајна, може да се подведе под пропишување на начин и услови под кои се води книгат а на акции, или пак преставува пречекорување на нејзиното овластување утврдено во наведениот член од Законот.
Според мислењето на Судот тешко е да се одбрани тезата дека оваа Комисија, во рамките на даденото овластување, имала право да го утврди и степенот на доверливост на податоците внесени во книгата на акции, како деловна тајна. Ова затоа што, како прво, и во самиот Закон за трговските друштва не се содржани посебни одредби за деловна тајна, а од друга страна, иако во овој Закон не е утврдена обврска за задолжително запишување во трговскиот регистар, како и за објавувањето на името и презимето, местото на живеење, државјанството и занимањето на акционерот, односно фирмата и седиштето, како и другите податоци што се запишуваат во книгата на акции, меѓутоа, од членот 246 од Законот произлегува дека акционерското друштво може да објави и други податоци и извештаи за кои таква обврска е утврдена во статутот на друштвото или за кои управниот одбор смета дека се значајни за акционерите. Тоа значи дека врз основа на овој член од Законот, друштвото може да ги објави и податоците внесени во книгата на акции, доколку се разбира истите со статутот или друг свој акт не ги утврдило како деловна тајна и неовластеното соопштување и објавување на овие податоци не е утврдено како повреда на должноста на чување на деловната тајна. Од наведеното, според мислењето на Судот, произлегува дека не постои законски основ, односно овластување Комисијата за хартии од вредност податоците внесени во книгата на акции и во док ументацијата на акционерите во нивното досие да ги утврдува како деловна тајна, но тоа евентуално би спаѓало во надлежност на акционерското друштво, поради што оцени дека и овој дел од точката 8 од Правилникот не е во согласност со член 20 од Законот за издавање и тргување со хартии од вредност, како и со член 246 од Законот за трговските друштва.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Н едков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.
У.бр.224/99
26.март 2000 год.
С к о п ј е
сс/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply