222/1999-1-0

222/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Репубика Македонија , врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 26 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 8/98).

2. Борис Гудев од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одредбата од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи означена во точката 1 од ова решение, од причини што истата предвидувала можност, работник да се распореди на работно место со еден степен повисока стручна подготовка од стручната подготовка што ја поседува работникот, што не било во согласност со член 27 став 2 од Законот за работните односи (” Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93, 14/95, 53/97 и 21/98).

Имено, според подносителот на иницијативата, иако оспорената одредба можела да се применува само по исклучок, а доколку се оцени дека работникот се стекнал со потребната работна способност за извршување на работните задачи, сепак истата не била во согласност со цитираната законска одредба, според која, работник може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

3. На седницата Судот утврди дека согласно оспорената одредба, работник може да се распореди на работно место со еден степен повисока стручна подготовка од стручната подготовка што ја поседува работникот, доколку за истиот се оцени дека, се стекнал со потребна работна способност за извршување на утврдените работни задачи. Притоа оспорената одредба може да се применува како исклучок од ставот 2 на истиот член, а во случаите на точка 1 алинеја 1 и точка 4 од истиот став, односно поради поефикасно извршување на функцијата на Министерството, а особено ако со знаењето и стекнатата работна способност ќе се остваруваат подобри резултати во работата на друго работно место, и ако работното

место на кое се распоредува е слободно или упразнето и ако условите за работа се соодветни на претходното работно место.

4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 14/95, 53/97, 21/98) работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор.

Друг закон со кој исто така, се уредува остварувањето на правата на вработените е Законот за органите на управата (“Службен весник на РМ” бр.40/90, 63/94, 63/98). Овој закон во однос на Законот за работните односи е посебен закон (леџ специалис) бидејќи со него на посебен начин се уредени определени права, обврски и одговорности на работниците во овие органи, при што за оние прашања што воопшто не се уредени или не се уредени поинаку со овој закон, се применува Законот за работни односи.

Согласно член 200 од Законот за органите на управата, функционерот кој раководи со органот на управата може да одлучи работник во органот на управата да се распореди на други работи и задачи што одговараат на неговата стручна подготовка, односно работна способност стекната со работа, во согласност со општиот акт за систематизација на работите и задачите.

Членот 202 оди понатаму, предвидувајќи можност кога потребата на работата тоа го бара и додека трае таа потреба, да се распореди работник (со негова согласност) на работи и задачи за чие извршување се бара пониска стручна подготовка од онаа што работникот ја има, а најдолго до шест месеци.

Одредбата од членот 200 како поекстензивна ја проширува можноста за распоредување на работник при што, покрај општото начело за соодветност на степенот на стручна подготовка, предвидува можност за распоредување на работи и задачи кои одговараат на работната способност стекната со работа.

Од друга страна, остварувањето на правата на вработените и нивната положба не е само законска материја, туку овие прашања се уредуваат и со колективен договор.

Согласно член 84 став 1 од Законот за работните односи, со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Согласно членот 86 од Законот, колективен договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од законот.

Согласно ставот 2 од истиот член, одлуките и актите со кои се одлучува за правата на работниците не смеат да бидат во спротивност со колективниот договор, освен ако се поповолни за работникот.

Ваквите решенија упатуваат на заклучок дека со законот се утврдува долната граница на правата на работниците од работен однос, под која не може да се оди, ниту со колективен договор, ниту со акт на работодавецот. Но, со истите може да се предвидуваат права или услови кои се поголеми односно поповолни од оние утврдени со закон.

Согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на РМ” бр.39/94), со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец и со договор за работа може да се утврдат поголеми права утврдени со овој колективен договор, како и други права кои не се предвидени со овој колективен договор, ако тоа не е во спротивност со Законот и овој колективен договор.

Согласно членот 5 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.53/95, 11/98), со колективен договор на ниво на работодавец и со договор за работа можат да се утврдат и поголеми права утврдени со овој колективен договор, како и други права кои не се предвидени со овој колективен договор, ако тоа не е во спротивност со Законот и овој колективен договор.

И покрај тоа што и општиот и гранскиот колективен договор не предвидуваат можност за распоредување на работно место со поинаков степен на стручна подготовка (истите само ги предвидуваат случаите за распоредување на работно место со соодветна стручна подготовка), сепак во членот 16 став 2 од гранскиот колективен договор е предвидено со колективниот договор на ниво на работодавец да се утврдуваат условите, начинот и постапката за распоредување на работниците по основ на неопходна потреба на процесот на трудот, во согласност со закон.

Од наведеното произлегува дека прашањата во врска со правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работен однос се уредуваат со закон и со колективни договори. Законодавецот освен што ги уредил на општ начин со Законот за работните односи, за одделни категории вработени ги уредил и посебно, односно на посебен начин, во зависност од специфичностите и посебностите на работите за одделни дејности.

Така, иако генералната одредба од член 27 став 2 од Законот за работните односи предвидува распоредување на работник на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка, Законот за органите на управата (член 200) предвидува можност работник (во органите на управата) да се распореди на работи и задачи кои одговараат на работната способност стекната со работа.

Со оспорената одредба од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи се предвидуваат поголеми права на работникот – распоредување на работно место со еден степен повисока стручна подготовка од стручната подготовка која ја поседува работникот. Притоа, мора да биде исполнет и условот (предвиден и со законот) – доколку за истиот се оцени дека се стекнал со потребна работна способност за извршување на утврдените работни задачи. Предвидувањето на случаите кога може овој исклучок да се примени, дополнително го потврдува ексклузивитетот на неговата примена, а кое е во функција на поефикасно извршување на функцијата на Министерството.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.222/99
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply