19/2000-0-0

19/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 53 и 116 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/98 и 50/99).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од законот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 5, член 16 став 2, член 21, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Законодавецот при нормирањето на оспорените законски одредби не ги почитувал наведените уставни одредби, со тоа што спротивно на Уставот пропишал обврска за организаторот на изборната кампања за организирање на предизборен собир на јавни места писмено да го известува надлежниот орган на Министерството за внатрешни работи преку подрачната единица најдоцна 48 часа пред денот на одржувањето на собирот, а ако не постапи така, ќе биде парично казнет за прекршок.

3. Судот на седницата утврди дека според член 53 од Законот, организаторот на изборната кампања за организирање на предизборен собир на јавни места и на места каде што се одвива јавен превоз писмено го известува надлежниот орган на Министерството за внатрешни работи преку подрачната единица најдоцна 48 часа пред денот на одржувањето на собирот.

Според член 116 став 1 алинеја 1 од Законот, со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок политичка партија која нема да го пријави изборниот собир најдоцна 48 часа пред неговото одржување.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Според член 16 став 2 од Уставот, се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Членот 21 од Уставот, утврдува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 62 став 5 од Уставот, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (член 1) се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Во делот од Законот кој се однесува на изборната кампања, во членот 42 е уредено дека политичките партии, две или повеќе политички партии заедно, групата избирачи и кандидатите за пратеници (во натамошниот текст: организатори на избирачката кампања) имаат право рамноправно и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да влијае на одлуката на избирачите при гласањето за кандидати за пратеници.

Според член 52 од Законот, предизборните собири се јавни, а за одржување на редот на собирите одговара организаторот.

Од наведените уставни и законски одредби може да се извлече заклучок дека собирите што се одржуваат во изборната кампања неможат да се третираат како собири на кои граѓаните изразуваат протест, туку овие собири се организираат заради претставување на програмите на политичките партии и на нивните кандидати со крајна цел да се влијае врз одлуката на граѓаните -избирачи при гласањето за кандидатите за пратеници, од што произлегува дека оспорените одредби не би можеле да се подведат под оцена на членот 21 од Уставот, кој е рестриктивен и се однесува само во случаи на мирно собирање заради изразување јавен протест.

Тргнувајќи од фактот дека во изборната кампања учествуваат повеќе партии и голем број кандидати за пратеници, нормално е дека има многу собири на кои граѓаните во зависност од својата партиска определеност излегуваат јавно да ја дадат својата поддршка. При тоа, може да се случи на едно место, во исто време да се одржуваат собири на повеќе партии со различни програми и со голем број граѓани припадници или симпатизери така што лесно може да дојде до несакани инциденти. Оттука, целта на законодавецот, со пропишувањето на обврската на организаторот да го пријави предизборниот собир е пред се заштитата на граѓаните и создавање услови за мирно одржување на собирот од една страна, како и одржување на јавниот ред и мир во интерес на граѓаните кои не учествуваат на собирот, од друга страна.

Исто така, според Судот, предвидената казна за прекршок на политичка партија која нема да го пријави изборниот собир е логична последица на материјалната одредба според која организаторот на собирот писмено го известува надлежниот орган најдоцна 48 часа пред денот на одржувањето на собриот.

Според изнесеното, Судот оцени дека со оспорените одредби не се доведува во прашање политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок на државата, ниту пак со нив се повредуваат уставните слободи и права на човекот и граѓанинот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.19/00
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply