179/1999-1-0

179/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 11, член 71 и член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јануари 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 3 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на РМ” бр.78/93, 70/94, 14/95, 42/95, 71/96, 5/97, 36/97, 7/98, 63/98, 39/99, 43/99).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението У.бр.179/99 од 10 ноември 1999 година за запирање од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот член.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник н Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Борис Кондарко од Скопје и Виктор Божиновски од Куманово со решение У.бр.179/99 од 10 ноември 1999 година поведе постапка за оценување уставноста на член 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што тој не бил во согласност со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Истовремено Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот член.

5. Судот на седницата утврди дека според Законот за акцизите, акцизата се воведува како посебен вид на данок на промет на определени производи, а стапките на акцизата се утврдуваат во Тарифата на акцизите која е составен дел на Законот.

Со Законот за акцизите односно со Тарифата до јули 1999 година акцизата била утврдена во процентуален износ.

Во Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на РМ” бр. 39/99) во Тарифата на акцизите тарифен број 1 став 1, 2, 3 и 7 (моторен бензин, дизел гориво, масло

за горење – екстралесно и масло за горење – мазут. акцизата на нафтените деривати е утврдена во фиксен износ.

Во Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на РМ” бр.43/99) во член 2 е предвидено дека членот 10 се менува и гласи:

“Акциза се плаќа во определен износ по литар за следниве деривати на нафта: моторен бензин, дизел гориво и масло за горење екстра лесно (ЕЛ). Акцизата во определен износ на масло за горење – мазут се плаќа по килограм.

Акцизата од став 1 на овој член се утврдува како разлика меѓу излезната рафинериска цена и производната рафинериската цена.

Производна рафинериска цена од став 2 на овој член е цената на прагот на рафинеријата за секој дериват утоварен во превозно средство, дефинирана согласно со Методологијата за формирање на цените на одделни видови енергија (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/98).

Излезна рафинериска цена за секој дериват, од став 2 на овој член, е производната рафинериска цена за секој дериват плус акцизата. Излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија.

За дериватите на нафта кои не се наведени во став 1 на овој член акциза се плаќа на основица продажна цена која во себе не содржи акциза”.

Во оспорениот член 3 е предвидено дека по членот 10 се додава нов член 10 а кој гласи:

“Владата на Република Македонија ја утврдува акцизата на нафтените деривати од член 10 став 1 на овој закон периодично, при што пропишаната акциза во Тарифен број 1 за оддделни нафтени деривати од точките 1) 2) 3) и 7) претставува просечен износ на акцизата во даночниот период на годишно ниво”.

5. Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеа 3 Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието.

6. Од изнесеното произлегува дека со Законот, висината на акцизата е утврдена на годишно ниво, а Владата е овластена периодично да интервенира во висината на акцизата на нафтените деривати во текот на еден определен период за да се постигнат просечни износи на годишно ниво.

Според тоа, неспорно е дека износите на акцизите кои се плаќаат на одделни нафтени деривати по литар со измените на законот не се фиксно определени, туку тие ќе варираат од производната рафинерската цена, а пропишаните износи на акцизата кој е утврден од 1 јули 1999 година во фиксен износ всушност ќе претставува просечен износ на акцизата во даночниот период на годишно ниво.

Со оглед на изнесеното, а имајќи го предвид начелото на општост и законистост според кои секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки на начин утврден со закон, Судот смета дека јавните давачки, меѓу кои се и даноците како и утврдување на нивните битни елементи (обврзник, основица, стапка, олеснувања и ослободувања) е во надлежност на Собранието.

Тргнувајќи од анализата на содржината на наведените уставни и законски одредби неспорно е дека акцизата е јавна давачка и дека јавните давачки може да ги утврди само Собранието на Република Македонија, а не и Владата на Република Македонија, поради што Судот оцени дека оспорениот член 3 од Законот не е во согласност со Уставот.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.179/99
26 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply