238/1999-0-0

238/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на

а) Одлуката за организирање на автотранспортна организација на здружен труд “Полет”-Тетово како јавно претпријатие, донесена од Собранието на општина Тетово, на седницата одржана на 12 декември 1989 година и

б) Одлуката за разрешување од должноста директор на Јавното претпријатие АТП “Полет”-Тетово, донесена од Повереникот на Владата на Република Македонија за вршење на работите на градоначалникот и советот на општина Тетово на 8 февруари 1999 година.

2. Маренко Ристовски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Одлуката за организирање на Јавното претпријатие “Полет” не била усогласена со Законот за јавните претпријатија, а тоа требало да се стори во рок од 6 месеци од денот на неговото влегување во сила, односно заклучно до 8 февруари 1997 година. Во тој контекст, според подносителот на иницијативата, со Одлуката биле повредени одредбите од член 10 став 1 точка 3 и точка 7, член 16 и член 49 од Законот за јавните претпријатијата, затоа што со неа, како акт на основање не бил утврден износот на средствата за основање на јавното претпријатие, не бил определен рокот за донесување на статутот и именувањето на органите на јавното претпријатие, и не било предвидено формирање на управен одбор, одбор за контролата на материјално-финансиското работење и директорот.

Одлуката со која подносителот на иницијативата се разрешува од должноста директор на јавното претпријатие била несогласна со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за организирање на автотранспортна организација на здружен труд “Полет”-Тетово, се предвидува оваа организација да се организира како јавно претпријатие за автотранспорни услуги во јавниот патен сообраќај; дека ќе работи под фирмата АТП “Полет” со седиште во Тетово; дека дејноста што ќе ја обавува се состои од: превоз на патници во градски и приградски сообраќај, превоз на патници во патниот сообраќај (договорен превоз, излети и екскурзии), поправка и одржување на патни и моторни возила и дека ќе врши и други дејности што придонесуваат за искористување на капацитетите и средствата кои се употребуваат во работата и се запишани во судскиот регистар; дека општината Тетово своите меѓусебни односи со претпријатието ќе ги регулира со посебен договор и сл.

4. Согласно член 196б од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90, 61/90 и “Службен весник на СРМ” бр.15/93), постојните организации од посебен општествен интерес, можеа да се организираат како јавни претпријатија со донесување одлука на надлежната општествено-политичка заедница, која сразмерно на вложениот капитал учествува во управувањето во јавното претпријатие.

Независно од тоа што оваа одредба од Законот престанала да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за јавните претпријатија, во време на донесувањето на оспорената одлука (12 декември 1989 година) оваа одредба од Законот за претпријатијата била во сила, што значи дека Собранието на општина Тетово одлуката ја донело врз законски основ.

Судот, исто така, утврди дека оваа одлука не била усогласена со Законот за јавните претпријатија, во смисла што не содржи некои од елементите што според Законот за јавните претпријатија треба да ги содржи актот за основање на јавно претпријатие, меѓутоа со оглед на тоа дека одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку основачки акт, Судот оцени дека е нецелисходно да се впушта во елаборирање на прашањето за нејзиното усогласување со овој закон.

Во однос на Одлуката за разрешување на Ристовски Маренко од должноста директор на Претпријатието, Судот оцени дека истата е донесена согласно Законот за локалната самоуправа и Законот за јавните претпријатија, меѓутоа оваа одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку поединечен акт, за кој Судот не е надлежен да одлучува.

Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби како и одредбата од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според која Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Решението под а) во точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а решението под б) од точката 1 Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.238/99
12 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply