119/1999-0-1

119/1999-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 18 став 4 и 5, член 19 став 2, член 45 став 4 и член 48 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/99).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението У.бр.119/99 од 14 јули 1999 година за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија со Решение У.бр.119/99 од 14 јули 1999 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека во текот на постапката Собранието на Република Македонија донело Закон за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/99) со кој оспорените одредби престанале да важат. Притоа, оспорените одредби од член 45 став 4 (новиот член 100-а) и член 48 престанале да важат со нивно бришење, додека член 18 став 4 и 5 и член 19 став 2 (членовите 28 и 28-а од основниоте текст на Законот) престанале да важат со нивно заменување со нови одредби.
5. На седницата Судот утврди дека со член 2 од овој закон оспорените одредби на член 18 став 4 и 5 (односно член 28 став 4 и 5 од основниот текст на законот) се заменуваат со нови пет става, кои гласат: “Корисникот на попустот од член 25 на овој закон го губи правото на отплата на рати на запишаните акции, односно удели со попуст, доколку не уплати две рати едно по друго или три рати со прекин во текот на шест месеци.
Во случаите превидени во став 1 на овој член корисникот на попустот има право веднаш, но не подолго од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон да го исплати целиот остаток од продажната цена на акциите, односно уделите.
Ако корисникот на попустот го искористи правото за исплата на остатокот од продажната цена на акциите, односно уделите се стекнува со правото на дополнителен попуст од член 26 став 3 на овој закон.
Ако корисникот на попустот не го користи правото од став 5 на овој член има право на сопственост на акциите, односно уделите сразмерно на износот што го отплатил.
Акциите, односно уделите врз кои корисникот на попустот го изгубил правото на сопственост, Агенцијата за приватизација веднаш ги нуди на продажба на начин и под услови предвидени со овој закон”.
Уставниот суд поведе постапка за став 4 и 5 од овој член затоа што во нив беше предвидено дека кога работниците ќе го изгубат правото на отплата на акциите тие да се пренесуваат на Агенцијата како обични, и не беше предвидено дека работниците го задржуваат правото на сопственост на отплатениот дел од акциите. Како што се гледа, со сегашните измени и двете прашања се решени на начин што ги почитува правата на работниците и на акционерските друштва поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
6. Со член 3 од овој Закон е изменета оспорената одредба од член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/99) и сега таа гласи:
“По барање на Агенцијата за приватизација, акционерското друштво, односно друштвото со ограничена одговорност во кое согласно со одредбите од член 28 на овој закон дошло до промена на сопственичката структура на акциите, односно уделите, е должно во рок од 15 дена од денот на пристигнатото барање од Агенцијата да ја усогласи акционерската книга, односно книгата за удели со новонастанатата сопственичка структура”.
Уставниот суд поведе постапка за оспорената одредба затоа што со неа се овозможуваше Агенцијата да стане акционер кој сам на себе си издава акции и потврди за акциите односно уделите со што се повредува правата на сопственост на акционерското друштво. Со новата измена таа одредба има само книговодствено значење и цел, со што престануваат основите за продолжување на постапката.
7. Со оглед на тоа што оспорените одредби од Законот престанале да важат со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, а за новите одредби на член 28 и 28-а од Законот Судот не наоѓа основи за поставување на прашањето за нивната уставност, Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на постапката.
8. Во согласност со тоа, решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија е беспредметно.
9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.119/99
12 јануари 2000 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply