Одлука У.бр.135/1999

У.бр.135/1999-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 декември 1999 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката бр.0303/3-1, донесена од Управниот одбор на Нотарската комора на Република Македонија на 19 јуни 1999 година.

2. СЕ УКИНУВА решението со кое се запираат од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Марковски Данчо и Секулов Славко од Скопје, со решение У.бр.135/99 од 3 ноември 1999 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

5. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Одлуката при изготвување на нотарски акт, солемнизација-потврдување на приватна исправа, со која се заснова заложно право врз подвижни предмети и права, надлежен за постапување е нотар на чие службено подрачје залогодавачот има седиште, доколку е правно лице. Ако залогодавачот е физичко лице, според неговото место на живеење.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека при изготвување на нотарски акт или потврдување на приватна исправа (солемнизација) со кое се засновува заложно право врз недвижен имот – хипотека, надлежен за постапување е нотар на чие службено подрачје се наоѓа недвижноста.

Согласно ставот 2 на овој член од Одлуката, доколку предметот на залог-хипотеката се повеќе недвижности и истите се наоѓаат на различни подрачја за кои се надлежни повеќе нотари, надлежен за постапување е нотар на чие службено подрачје се наоѓа било која од недвижностите врз кои се засновува заложното право – хипотека.

Според членот 3 од Одлуката, во случаите кога се врши потврда на приватна исправа (солемнизација) на анекс на договор со кој се врши промена во цената на недвижниот имот – предмет на договорот, нотарската награда ќе се определува согласно член 12 став 1 од ПНТ.

Доколку со анексот се решаваат други прашања (начин на плаќање и слично), согласно ставот 2 на овој член од Одлуката, во тој случај нотарската награда ќе се определува според член 13 од ПНТ.

Согласно членот 4 од Одлуката, при изготвувањето на нотарски акт или потврда на приватна исправа, заверени прилози треба да се користат само кај изворниот примерок.

Според ставот 2 на овој член од Одлуката изводите не треба да се оптеретуваат со заверени преписи на прилозите освен кога странката инсистира, а според ставот 3 на истиот член од Одлуката, кога приватната исправа содржи клаузула интабуланди или извршна клаузула, во такви случаи заверените прилози треба да ги содржат и изводите кои се наменети за органот кој го врши уписот на товарот и изводот наменет за доверителот, а доколку странките тоа го бараат, сите изводи може да бидат обезбедни со заверени прилози.

Согласно членот 5 од Одлуката, нотарот не смее да презема службени дејствија и активности надвор од своето службено подрачје.

Во членот 6 од Одлуката, е предвидено дека нотарот не може да состави во форма на нотарски акт договор за засновање на заложно право – хипотека, ниту да потврди таква приватна исправа доколку хипотеката се засновува врз времен објект.

Времен објект, според ставот 2 на овој член од Одлуката, може да биде предмет на договор за залог на подвижни предмети само доколку времениот објект има такво својство да може да се одвои од земјиштето, а притоа да не бидат нарушени неговите својства – функција (монтажен објект).

6. Согласно член 68 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Од содржината на овој член се гледа дека Уставот содржи генерална одредба со која се регулира надлежноста на Собранието на Република Македонија, што значи дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, е овластено со соодветен закон да уреди прашања од определена област.

Имајќи го предвид изнесеното наспроти одредбата од член 1 од Одлуката која ја определува месната надлежност на нотарот при изготвувањето на нотарскиот акт со кој се заснова заложно право врз подвижни предмети во смисла што потврдувањето на таквата приватна исправа е ставено во надлежност на нотарот на чие службено подрачје залогодавачот има свое седиште (ако е правно лице), а доколку е физичко лице надлежноста на нотарот се определува според местото на неговото живеење, Судот оцени дека станува збор за засновање на заложно право врз подвижни предмети, при што, за определување на надлежниот нотар одлучувачки фактори се местото на седиштето на залогодавачот (ако е правно лице), односно местото на живеењето на залогодавачот (ако е физичко лице).

Од друга страна, пак, одредбата од член 2 од Одлуката го регулира пашањето за месната надлежност на нотарот кога се изготвува нотарски акт со кој се засновува заложно право врз недвижен имот – хипотека, во смисла што како месно надлежен се определува нотарот на чие службено подрачје се наоѓа недвижноста.

Согласно член 7 од Законот за вршење на нотарските работи нотарот има свое седиште и подрачје на кое ја врши својата должност.

Од содржината на текстот произлегува дека Законот со генерална одредба го регулира прашањето на службеното седиште на нотарот и подрачјето на кое ја врши својата должност без притоа службеното седиште и подрачјето да ги поврзува со видот на издавањето на нотарските исправи.

Исто така, согласно членот 24 од овој закон, службеното подрачје на нотарот е подрачјето на основниот суд на кое тој има свое седиште, а според членот 44а од Законот исправите за правните работи врз основа на кои се врши пренос на правото на сопственост односно размена на недвижности, ги потврдува нотарот (согласно со одредбите од овој закон само ако претходно утврдил дека се исполнети условите и постапката предвидени со посебни закони) на чие подрачје се наоѓа недвижноста.

Од изнесеното произлегува дека одредбите од членовите 1 и 2 од оспорената одлука го регулираат прашањето на месната надлежност на нотарот кога станува збор за заведување на заложно право врз подвижни предмети, односно врз недвижен имот; дека членот 24 од Законот со глобална одредба ја определува месната надлежност, односно го определува службеното подрачје на нотарот сврзувајќи го истото со подрачјето на основниот суд каде тој има свое седиште и дека членот 44а го регулира прашањето за пренос на правото на сопственост, предвидувајќи дека тоа може да го врши нотар на чие подрачје се наоѓа недвижноста.

Исто така, од изнесеното произлегува дека членот 24 и членот 44а не се однесуваат на определувањето на месната надлежност на нотарите при засновувањето на заложно право врз подвижни предмети, односно недвижен имот, туку го определуваат службеното подрачје на нотарот и надлежноста на нотарот при вршење пренос на правото на сопственост, поради што Судот утврди дека Законот за вршење на нотарските работи не содржи одредби со кои се определува месната надлежност на нотарите, и дека оспорената одлука со одредбите од членовите 1 и 2 излегува надвор од рамките на Законот за вршење на нотарските работи.

Проучувајќи го Законот за залог на подвижни предмети и права, Судот утврди дека со него се уредува начинот, условите и постапката за заложување на подвижни предмети и права врз основа на договор кој го составува нотар во форма на нотарски акт што го обврзува нотарот да го пријави во Заложниот регистар за територијата на Република Македонија, односно дека овој закон не содржи одредба со која се определува месната или територијалната надлежност на нотарот што ги заверува исправите врз основа на кои се врши уписот на заложно право врз предмети и права во заложниот регистар, ниту одредба за засновување на заложно право врз недвижен имот – хипотека, поради што утврди дека одредбите од членовите 1 и 2 од Одлуката излегуваат надвор од рамките и на овој закон.

Согласно членот 61 од Законот за основните сопственосно правни односи, право на залог може да постои на подвижни предмети, недвижности и на права, а настанува врз основа на правна работа, судска одлука и на закон.

Членот 63 од Законот предвидува дека заради обезбедување на определено побарување, недвижен предмет може да биде оптоварен со право на залог во корист на доверителот (хипотека), кој е овластен на начин предвиден со закон, да бара намирување на своето побарување од вредноста на таа недвижност пред доверителите кои на неа немаат хипотека, како и пред доверителите кои хипотека на неа стекнале по него, без оглед на промената на сопственоста на оптоварената недвижност.

Според членот 64 став 1 од овој закон, врз основа на правна работа или судска одлука, хипотека се стекнува со упис во јавната книга или на друг соодветен начин определен со закон, а согласно ставот 2 на овој член од Законот хипотеката се стекнува во моментот кога се исполнети условите определени со закон.

Имајќи ги предвид наведените одредби Судот утврди дека овој закон не содржи одредби со кои се определеува месната или територијалната надлежност за засновање на заложно право врз основа на правна работа, туку само се определува дека правото на залог настанува врз основа на правна работа, судска одлука и на закон.

А, правна работа (договор постигнат со слободно изразена воља меѓу залогодавачот и залогопримачот), врз основа на која може да настане заложно право врз недвижност, според законските прописи што важат во Република Македонија е: спогодба на странките постигната пред суд во смисла на член 247 од Законот за извршната постапка и нотарскиот акт или приватна исправа потврдена од нотар, во смисла на член 42 од Законот за вршење на нотарските работи.

Така, доколку заложното право врз недвижност се стекнува врз основа на спогодба постигната пред суд, според одредбите од Законот за извршната постапка, законодавецот определил кој суд ќе биде месно надлежен да одлучува по предлогот за обезбедување на парично побарување со засновање на заложно право над недвижноти врз основа на спогодба, во смисла што во членот 247 од овој закон определил дека за одлучување по предлогот ќе биде надлежен судот на чие подрачје се води јавната книга во која треба да се изврши запишувањето, а доколку предлогот се однесува за обезбедување на парично побарување со засновање на заложно право врз недвижноти кое треба да се запише во јавни книги од подрачјата на повеќе судови, надлежен е секој од тие судови кај кој странките ќе го поднесат предлогот.

Доколку, пак, заложното право врз недвижност се востановува врз основа на нотарски акт или приватна исправа (договор или спогодба меѓу странките) потврдена од нотар, согласно член 42 од Законот за вршење на нотарските работи, законодавецот не предвидел ограничувања во смисла на месната надлежност, која како институт постои само за судовите (не и за нотарите), ниту пак предвидел било каква територијална надлежност или ограничување.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби Судот утврди дека Нотарската комора не е овлстена со свои акти да ја востановува месната надлежност на нотарите, поради што Одлуката, така како што гласи, има ограничувачки карактер.

Ова дотолку повеќе што согласно Законот за вршење на нотарските работи граѓаните можат да направат нотарски акт или договор за залог на надвижност како основ за стекнување на заложното право кај нотар според своја определба, со тоа што правото на залог ќе го запишат во јавните книги според територијалната припадност на недвижноста согласно законските прописи што го регулираат уписот на стварните товари врз недвижнотите (Закон за премер и катастар кој во членот 50, меѓу другото, предвидува дека во катастарот на недвижностите се запишуваат товари и ограничувања кои согласно член 51 се: реалните товари, правото на залог (хипотека) и личните ограничувања).

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека Законот за вршење на нотарските работи, Законот за залог врз подвижни предмети и права и Законот за основните сопственосно правни односи, не содржат одредби за определување, односно за ограничување на месната надлежност на нотарите ниту, пак, содржат одредба која би упатувала тоа прашање да се уреди со акт на Нотарската комора.

Што се однесува до одредбите од членовите 3, 4, 5 и 6 од Одлуката, независно од тоа што содржат одредби од процедурална природа, Судот смета дека основано може да се постави прашањето и за нивната уставност од причина што се донесени од ненадлежен орган.

Имено, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Имајќи ги предвид овие одредби од Уставот, Судот смета дека Собранието на Република Македонија е овластено со закон, да ги уреди прашањата сврзани со месната надлежност на нотарите, и дека овие прашања не спаѓаат во доменот на надлежноста на Управниот одбор на Комората.

Исто така, согласно член 52 став 1 и став 2 од Уставот, законите и другите прописи, пред да влезат во сила, се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од нивното донесување.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не содржи одредба за нејзино објавување, пред да влезе во сила, Судот оцени дека истата е несогласна со членот 52 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.135/1999
8 декември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply