160/1999-1-0

160/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 став 1 точка 31 и на член 75 став 3 во делот “а по исклучок што го утврдува советот на општината со денот на донесување”, како и законитоста на член 55 став 1 алинеи 4 и 6 и на член 78, од Статутот на Општина Чучер-Сандево кај Скопје.

2. Трајан Нешков од село Кучевиште кај Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 75 став 3 во наведениот дел и законитоста на член 14 став 1 точка 31, на член 55 став 1 алинеи 4 и 6 и на член 78 од Статутот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, предвидувањето (во член 75 став 3, во делот означен во точката 1 од ова решение, од Статутот) општите акти во исклучителни случаи да можат да влегуваат во сила со денот на донесувањето, а не со објавувањето, не било во согласност со член 52 од Уставот. Понатаму, определувањето (во член 14 став 1 точка 31 од Статутот) Општината самостојно да определува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на Општината, во ситуација кога Уставниот суд ги укинал таквите определби во членот 17 став 1 точка 31 и во членот 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа, немало законска основа; потоа, предвидувањето (во член 55 став 1 алинеи 4 и 6 од Статутот) градоначалникот на Општината да именува главен архитект и членови на градскиот совет за архитектура, во ситуација кога таа општина нема град за свое седиште, не било во согласност со член 24 став 2 од Законот за локалната самоуправа; и, на крајот, определувањето (во член 78 од Статутот) советот на општината да одлучува за имотот на општината, а не градоначалникот, не било во согласност со член 43 став 1 точките 1 и 8 и со член 60 став 2 од Законот за локалната самоуправа.

3. Судот, на седницата, утврди дека според член 14 став 1 точка 31 од Статутот, Општината самостојно “определува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на општината”. Судот, исто така, утврди дека одредбите со истоветна содржина од Законот за локална самоуправа (член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10) се укинати од овој Суд со Одлука У.бр.16/98 од 20 јануари 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/99), затоа што: (1) само судовите можат да одлучуваат за вината на сторителите на казниви дела, а не и советите на општините кои се претставнички тела, што е согласно на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска; (член 8 став 1 алинеја 4 и член 13 од Уставот); (2) судовите можат да судат за казниви дела само ако тие се претходно утврдени со закон и ако со закон е определена санкција за нив, а не и ако казнивите дела и санкциите се определени со прописи на општините (член 14 и член 98 став 2 од Уставот); (3) пропишувањето на казнивите дела и на санкциите за нив, како и нивното спроведување, се исклучиво надлежност на државната власт; (4) нема потреба општините односно нивните совети да утврдуваат престапи и казни бидејќи тие своите надлежности ги вршат во согласност со определени закони во кои се веќе предвидени казнивите дела и санкциите за нив.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна состојба, Судот, по сопствена иницијатива, утврди дека може да се постави прашањето дали предвидувањето во означената статутарна одредба Општината самостојно да определува престапи, и казни за нив, има основа во наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Понатаму, Судот утврди дека според член 75 став 3 од Статутот општите акти стапуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Советот на општината со денот на донесување.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека прописите мора најнапред да се објават, а тоа значи мора да им се овозможи на граѓаните да се запознаат со содржината на тие прописи односно со правата и обврските на граѓаните кои произлегуваат од тие прописи, па потоа да влезат во сила односно да предизвикуваат правни последици за граѓаните.

Со оглед на тоа што оспорениот дел на став 3 од членот 75 на Статутот определува општите акти на Општината Чучер – Сандево да можат, по исклучок, да влезат во сила со денот на донесувањето, а тоа практично значи пред да се објават односно пред граѓаните да се запознаат со нивните права и обврски кои произлегуваат од тие општи акти, а не после објавувањето (веднаш или по истек на извесен временски период), пред Судот се постави прашањето за согласноста на спорната одредба со наведената уставна одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Судот, на седницата, утврди дека во член 55 став 1 алинеите 4 и 6 од Статутот се определува градоначалникот на Општината да “именува и разрешува главен архитект на градот” (алинеја 4) и да “именува и разрешува членови на градскиот совет за архитектура” (алинеја 6).

Според член 24 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95) органи на единиците на локалната самоуправа се: совет, градоначалник, управни и административни органи (став 1), а во единица на локалната самоуправа која има град како седиште на единицата на локалната самоуправа се именува главен архитект на градот (став 2).

Притоа, делокругот на главниот архитект на градот се состои во покренување иницијатива за измена и дополнување на деталните урбанистички планови, покренува иницијатива за изработка на урбанистички планови и архитектонско-урбанистички проекти, дава стручно мислење на наведените планови и проекти, дава насоки при изработка на проектите со цел да се зачуваат амбиенталните вредности на одделни градски квартови и објекти, дава согласност на архитектонски проекти што се од големо значење за градот според критериумите утврдени од единицата на локалната самоуправа, ….. (член 52 од Законот).

Инаку, главниот архитект се именува и разрешува од страна на градоначалникот на единицата на локалната самоуправа (член 43 став 1 точка 9 и член 53 став 1 од Законот), при што главниот архитект му предлага на градоначалникот состав на градскиот совет за архитектура од истакнати архитекти и други стручни профили заради компетентно, стручно и ефикасно вршење на своите надлежности (член 53 став 3 од Законот), а именувањето и разрешувањето на членовите на градскиот совет за архитектура го врши градоначалникот (член 43 став 1 алинеја 11 од Законот).

Од изнесените законски одредби произлегува дека, и формално и содржински, главниот архитект на градот и градскиот совет за архитектура можат да постојат како помошни органи на градоначалникот во некоја единица на локална самоуправа чие седиште е урбанизирано (градско) населено место.

Со оглед на тоа што седиштето на Општината Чучер-Сандево не е урбанизирано (градско) населено место, што произлегува од член 8 став 1 точка 116 на Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачја на единиците на локалната самоуправа – “Службен весник на Република Македонија” бр.49/96, како и од фактот дека таа општина опфаќа само неурбанизирани (селски) населени места, пред Судот се постави прашањето дали предвидувањето, во член 55 став 1 алинеи 4 и 6 од Статутот на наведената општина, да постојат органите: главен архитект на градот и градски совет за архитектура во општина чие седиште не е град, е во согласност со наведените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Исто така, Судот утврди дека според член 78 од Статутот, “за купување, оттуѓување и оптоварување на имотот на општината одлучува советот на општината” (став 1) и дека “Советот со одлука може да го овласти градоначалникот на општината да врши купување, оттуѓување и оптоварување на дел од имотот на општината” (став 2).

Според член 43 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот ја претставува и застапува единицата на локалната самоуправа (точка 1) и управува со имотот во согласност со статутот на единицата на локалната самоуправа (точка 8). Согласно член 60 став 2 од истиот закон, со имотот, единицата на локалната самоуправа располага и стопанисува во јавен интерес и како добар домаќин.

Од изнесените законски одредби произлегува дека градоначалникот на општината е орган кој е овластен да управува со имотот на општината, при што тој тоа мора да го прави така што ќе го остварува јавниот интерес и ќе се однесува како добар домаќин, а со статутот на општината може да се определи добивање на согласност, претходна или накнадна (на пример од советот) но без да му се одзема таквото законско овластување на градоначалникот.

Со оглед на тоа што член 78 ставовите 1 и 2 од Статутот му го одземаат правото на градоначалникот да управува со имотот на општината определено со означените законски одредби, а не ја регулираат поблиску материјата околу согласноста на таквото право на градоначалникот, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 78 од Статутот со наведените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.160/99
24 ноември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply