184/1999-0-0

184/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 3 став 1 точка 14 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на РМ” бр.45/97 и 23/93).

2. Трајче Трајковски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот законското утврдување дека давањето на услугите на пазарите на големо и мало е комунална дејност не било во согласност со членот 55 од Уставот. Утврдувајќи што се се подразбира под комунална дејност, законодавецот опфатил и дејности кои не биле комунални односно кои не биле незаменлив услов за животот и работата на граѓаните како што е давањето на услугите на пазарите на големо и мало. Оспорената одредба не била во согласност и со членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за трговија според кои дејноста на пазарите на кои се даваат услуги за продажба на земјоделски производи спаѓаат во стопанска дејност – трговија. Со оспорениот член од Законот за комунални дејности се одвојувал еден дел од услугите утврдени во членот 5 од Законот за трговија и се “прогласувал” дека е од јавен интерес односно дека е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 точка 14 од Законот, комунална дејност во смисла на овој закон е одржување и користење на пазари на големо и мало, под што се подразбира одржување на комуналните објекти, односно просторот и објектите изградени за давање на услуги на трговија.

4. Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба произлегува дека одржувањето и користењето на пазарите на големо и мало односно одржувањето на просторот и објектите кои служат за давање услуги, спаѓаат во комунална дејност во смисла на Законот за комунални дејности. Давањето на самите услуги на трговија кои се одвиваат на просторот и во објектите на пазарите на големо и на мало, остануваат и понатаму во стопанска дејност – трговија.

Според членот 5 од Законот за трговија, под услуги во трговија, во смисла на овој Закон меѓу другото се подразбираат и услуги на пазарот на големо и мало.

Од изнесеното недвосмислено произлегува дека давањето услуги на пазарот на големо и мало спаѓа во стопанска дејност – трговија, додека пак одржувањето и користењето на просторот и објектите на пазарите на големо и мало спаѓа во комунална дејност.

Оттука, очигледно е дека станува збор за погрешна интерпретација на оспорениот член од страна на подносителот на иницијативата кој смета дека давањето на услугите на пазарот се третира како комунална дејност, поради што Судот оцени дека има процесни пречки за одлучување и согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.

Во врска со тврдењето во иницијативата дека членот 3 став 1 точка 14 од Законот за комунални дејности бил спротивен на членот 5 од Законот за трговијата, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.184/99
3 ноември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply