193/1999-0-0

193/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 99 и 303 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 99 и 303 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените одредби за одделни учесници во постапката содржеле поригорозни казни во парничната постапка од тие во кривичната постапка, каков што бил случајот со член 74 од Законот за кривичната постапка, кој за разлика од оспорените одредби предвидувал помали казни во кривичната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 99 став 1 од Законот, со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец парничниот суд ќе го казни лицето кое во поднесокот го навредува судот, странката или друг учесник во постапката, според ставот 2 од овој член, изречената казна според ставот 1 од овој член не влијае врз изрекувањето на казната за кривично дело, според ставот 3 од овој член, ако лицето кое парично е казнето не може да ја плати оваа казна, таа ќе се замени со затвор, чие траење го одмерува судот сразмерно на висината на изречената казна, но кое не може да биде подолго од десет дена, а според ставот 4 од овој член на Законот одредбата на ставот 3 од овој член ќе се примени во сите случаи кога судот изрекува парична казна (членовите 233, 240, 301 и 303).

Според член 303 став 1 од Законот, ако лицето кое учествува во постапката или лицето кое како слушател присуствува на расправата го навредува судот или другите учесници во постапката, ја попречува работата или не им се покорува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената е безуспешна, советот може опоменатото лице да го отстрани од судницата или да го казни со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец, а може и да го отстрани и да го казни со парична казна. Согласно ставовите 2 и 3 од овој член, ако странката е отстранета од судницата, рочиштето ќе се одржи и без нејзино присуство, а ако од судницата биде отстранет полномошникот, советот на барање од странката ќе го одложи рочиштето, а ако странката не присуствувала на рочиштето, советот секогаш ќе го одложи рочиштето и ќе ја извести странката дека нејзиниот полномошник е отстранет од рочиштето поради нарушување на редот. Трошоците на одложеното рочиште паѓаат на товар на полномошникот. Според ставот 4 од овој член, кога судот ќе казни со парична казна или ќе отстрани од судница адвокат или адвокатски приправник како полномошник, за тоа ќе ја извести адвокатската комора, а според ставот 5 од овој член на Законот, жалбата против решението за паричната казна или за отстранувањето од судницата не го задржува извршувањето на решението.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по предметот У.бр.146/99 со Решение од седницата одржана на 6 октомври 1999 година не повел постапка за оценување уставноста на оспорените одредби, меѓу кои и на член 303 ставовите 1 до 4 од Законот и ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на член 99 и член 303 став 5 од Законот, затоа што утврдил дека оспорените одредби се во функција на обезбедување на законито водење на парничната постапка и дека тие се во согласност со Уставот. Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот ја отфрли иницијативата во тој дел.

Во однос на наводот во иницијативата дека има неусогласености во однос на казните за учесниците во парничната постапка содржани во оспорените одредби со казните за учесниците во кривичната постапка содржани во член 74 од Законот за кривичната постапка, Уставниот суд согласно член 110 од Уставот одлучува за согласноста на законите со Уставот, но не и за меѓусебната усогласеност на законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.193/99
3 ноември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply