134/1999-0-0

134/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 став 1 точка 5 и став 2 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/97).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 17 став 1 точка 2 од Законот за стечај.
3. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за стечај означени во точката 1 и 2 од ова решение. Се смета дека одредбите од член 17 став 1 точка 5 и став 2 не биле во согласност со член 15 од Уставот затоа што стечајниот судија како член на стечајниот совет учествува во одлучувањето за приговорите против актите што самиот ги донесува со што се повредувал принципот на двостепеност. За оспорувањето на член 17 став 1 точка 2 не се наведени посебни причини.
Истовремено се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорените одредби.
4. На седницата Судот утврди дека во член 16 став 2 од Законот е предвидено дека стечајниот судија е член на стечајниот совет, со резерва дека тој не може да биде претседател на советот.
Во оспорениот член 17 став 1 точка 2 од Законот, како една од надлежностите на стечајниот совет е утврдено и одлучувањето за отворање на стечајна постапка. Во став 1 точка 5 на член 17 од Законот е предвидено дека стечајниот совет одлучува за приговорите на доверителот, одборот на доверители и собранието на доверители против заклучоците на стечајниот судија.
Според член 17 став 2 стечајниот совет може по службена должност, по приговор или по предлог, да ги менува одлуките на стечајниот судија или на стечајниот управник, ако утврди дека се незаконити и нецелесообразни.
Според член 18 од Законот стечајниот судија е овластен да одлучува за сите прашања на стечајната постапка, освен за оние за кои според овој закон одлучува стечајниот совет или некој друг орган на стечајната постапка.
5. Во член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Уставниот суд во досегашната практика оцени дека оваа уставна одредба во себе нужно го содржи и принципот на деволутивност на жалбата односно дека за жалбата против поединечни правни акти со кои се одлучува за права и обврски во прв степен треба да одлучува друг, повисок орган од првостепениот.
При разгледувањето на оспорените одредби од законот Судот оцени дека е важно да се имаат предвид и некои други одредби од законот кои ја определуваат природата на приговорот против акти на стечајниот судија односно стечајниот управник.
Така, Законот, во член 15 ги утврдува органите на стечајната постапка: стечаен совет, стечаен судија, стечаен управник, одбор на доверители и собрание на доверители. Претходно, во насловот на “глава втора” која почнува со член 15, ја употребува следнава формулација: “стечаен суд и други органи на стечајната постапка”. Според тоа, стечајниот совет и стечајниот судија ја сочинуваат структурата на “стечајниот суд” и во суштина претставуваат единство. Според член 49 од законот стечајниот совет во решението за поведување претходна постапка ќе определи кој од членовите на советот ќе биде стечаен судија, со што тој, така да се рече, е повереник на судот (советот).
Во член 10 став 1 од Законот е определено дека одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок, а според став 2 со заклучок се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење на одделни дејствија, ако со овој закон не е поинаку определено.
Член 12 го регулира приговорот против заклучок за кој одлучува стечајниот совет со решение против кое не е дозволена жалба.
Оспорениот член 17 став 1 точка 5 се однесува токму на приговори против заклучоци на стечајниот судија поднесени од другите органи на стечајната постапка, но и од доверителот што ќе рече приговори против акти со кои се даваат службени налози, а не се одлучува за суштинска работа.
Ако се има пред вид положбата на стечајниот судија како орган на судот и карактерот на неговите заклучоци, тогаш употребата на ремонстративниот правен лек – приговор е оправдана дури и ако за него би одлучувал самиот судија. Според тоа, идентитетот на стечајниот судија со неговото членство во стечајниот совет не претставува повреда на принципот, “никој не може да биде судија во своја работа” затоа што се работи за акти што се однесуваат на водењето на постапката, а не на мериторно одлучување за суштината на работата, против што, секако, жалбата мора да се обезбеди како деволутивен правен лек.
Член 17 став 2 од Законот исто така ја нагласува доминацијата на стечајниот совет во поглед на донесување одлуки за сите прашања за кои инаку одлучуваат (односно “заклучуваат”) стечајниот судија и стечајниот управник. Така да се рече, стечајниот совет има права на апсолутен надзор на дејствијата на стечајната постапка врз сите други органи што му се подредени, па и врз стечајниот судија. Повторно, двојното својство на стечајниот судија нема последици врз двостепеноста, затоа што во суштина советот во случаите од точка 17 став 2 ги решава прашањата на водењето на стечајната постапка. Кога советот ке донесе конечна одлука (за отворање на стечај, затворање на постапка и т.н.) стануваат релевантни правото на жалба и правилата за нејзиното поднесување и за одлучувањето по неа.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 17 став 1 точка 5 и став 2 од Законот со член 15 од Уставот.
6. Судот оцени дека делот од иницијативата со кој се оспорува уставноста на член 17 став 1 точка 2 не може да се доведе во контекст на уставните одредби за правото на жалба, што е единствен основ на иницијативата, па затоа одлучи во тој дел иницијативата да ја отфрли.
7. Со оглед на тоа што Судот одлучи да не поведе постапка односно да ја отфрли иницијативата за оспорените одредби од Законот не постојат процесни услови да одлучува за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.134/99
28 октомври 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply