Решение 150/1999

У.бр.150/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот и член 28 и 71 од Деловникот на  Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Бекиров Јашар Сали од Скопје за заштита на избирачкото право и правото на извршување на функцијата советник во Советот на Општина “Шуто Оризари”.

2. Бекиров Јашар Сали од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на избирачкото право и правото да ја извршува функцијата советник во Советот на Општина “Шуто Оризари” што му биле повредени со дејствието на претседавачот на Советот на Општината со кое бил спречен да присуствува и да учествува во работата на седницата на Советот на 31.08.1999 година.

3. Судот утврди дека Советот на Општина “Шуто Оризари” на својата седница од 16.11.1998 година констатирал престанување на мандатот на Бекиров Јашар Сали поради престанок на неговото членство во партијата од чија листа бил избран за член на Советот и дека оттогаш не му се дозволува да присуствува на седниците на Советот. Бекиров Јашар Сали поднесе барање до Уставниот суд за заштита на избирачкото право и вршењето на функцијата советник кое Судот го разгледа и со решение У.бр.38/99 од 28 април 1999 година го отфрли поради процесни пречки да одлучува по него.

4. Судот утврди дека во конкретниот случај се работи за идентично барање на Бекиров Јашар Сали за кое Судот веќе одлучувал, без оглед на тоа што тој сега се повикува на дејствие што настанало во подоцнежен период. Според оценката на Судот секое спречување на подносителот на барањето да учествува во работата на Советот по констатацијата на престанувањето на неговиот мандат е последица на таа констатација што настанала во точно определен момент, и не може да се третира како ново, самостојно деЈствие кое произведува ново правно дејство што би било критериум за воспоставување на надлежноста на Судот. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за истото барање, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот , Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.150/1999
28 октомври 1999 година
С к о п ј е

Leave a Reply