162/1999-0-0

162/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 и 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот “а се применува од 1.05.1999 година” од Одлуката за плати и други надоместоци на избраните лица во органите на Општина Чучер – Сандево бр.07-264/7, донесена од Советот на Општина Чучер – Сандево на 23.06.1999 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 1 од одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Петар Мирковиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1 и 3 од одлуката означена во точката 1 од ова решение од причина што истите не биле во согласност со членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија и членот 12 од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.36/90, 38/91; 23/97). Истовремено со иницијативата се бара Судот да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените членови од одлуката.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од одлуката се врши намалување на претходно утврдениот коефициент за утврдување на надоместокот за плати на Секретарот на Советот на Општината од 2.65 на 2.00.

Согласно членот 12 од Законот, коефициентот за утврдување на надоместокот за плата и платата, генерално за сите избрани и именувани лица во Републиката изнесува од 2.20 до 4.50.

Покрај тоа, со членот 3 е предвидено одлуката да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службениот гласник на Општина Чучер – Сандево” (истата е објавена во “Службен гласник на Општина Чучер – Сандево” бр.4/99 од 25.06.1999 година), а да се применува од 1.05.1999 година.

5. Согласно членот 29 став 2 точка 13 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) Советот на единицата на локалната самоуправа избира и разрешува претседавач и секретар на Советот. Избраните и именуваните лица во единицата на локална самоуправа се избираат или именуваат за период од 4 години, при што остануваат на својата функција до изборот, односно именувањето на нови функционери (член 54 од Законот за локалната самоуправа).

Наспроти тоа, Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во Република Македонија не содржи одредби кои директно и непосредно се однесуваат на Секретарот на Советот на Општината. Единствената функција од рамките на единиците на локалната самоуправа која во Законот е потенцирана, и кој го специфицира начинот на утврдување на коефициентот за утврдување надоместок за плата и плата е градоначалникот (член 17-в). Оттука, индиректно може да се заклучи дека функцијата секретар на Совет на општина, нема карактер на изборна, односно именувана функција. Тоа значи дека за утврдување на платата и надоместокот на плата за Секретарот на советот на општината не се применуваат одредбите од Законот, односно дека начинот на нивното пресметување претставува дискреционо право на единицата на локалната самоуправа.

Оттука, произлегува дека членот 1 од одлуката не е во несогласност со членот 12 од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во Република Македонија, што имплицира право, единицата на локалната самоуправа самостојно да ја утврдува висината на платата и надоместокот на платата на Секретарот на Советот, како лице вработено во органите на единицата на локалната самоуправа.

Покрај тоа, согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со членот 3 од одлуката (објавена во “Службен гласник на Општина Чучер – Сандево” бр.4 од 25.06.1999 год.) е предвидено таа да влезе во сила со денот на објавувањето во Службениот гласник, а да се применува од 1.05.1999 година.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука во однос на онаа чие изменување се врши, јасно произлегува нејзиниот рестриктивен, односно понеповолен карактер.

Оттука, според мислењето на Судот, членот 3 во делот “а ќе се применува од 1.05.1999 год.” од одлуката не е во согласност со членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

6. Со оглед на краткото времетраење на ретроактивното дејство на оспорената одлука, Судот оцени дека не постои опасност да настанат тешко отстранливи последици, поради што одлучи да не го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените членови од одлуката.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.162/99
28 октомври 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply