118/1999-0-0

118/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Тарифниот систем за наплата на услугите што ги врши АД “Топлификација” Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/96).

2. Борче Тодоров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот Тарифен систем не бил во согласност со начелото на еквивалентност, утврдено во член 15 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85, 57/89, 21/98), од причина што истиот предвидувал, при утврдувањето на надоместокот за испорачаната топлинска енергија, (преку мерач на топлинска енергија) да се врши пресметка и на т.н. фиксни трошоци за инсталирана топлинска моќност. Со тоа се повредувал принципот на еднаква вредност на заемните давања утврден во член 15 од Законот за облигационите односи.

3. На седницата Судот утврди дека пресметувањето на висината на надоместокот е утврдено во член 5 од оспорениот Тарифен систем, во рамките на кој се наведени основните елементи за негово пресметување.

Имено, согласно членот 5 од оспорениот Тарифен систем, вредноста на надоместокот се добива од збирот на актуелната топлинска моќност на објектот и цената на топлинската моќност за соодветна група, од една страна и потрошената енергија регистрирана на мерачот и цената на енергијата за соодветната група, од друга страна.

Во утврдувањето на вредноста на надоместокот составен елемент претставуваат вкупните трошоци кои настануваат во целокупниот технолошки процес на производство и дистрибуција на топлинската енергија, кои се јавуваат како фиксни, т.е. постојани и променливи трошоци.

Постојаните трошоци се реални трошоци кои системот реално ги има за секој корисник, без оглед на начинот на наплата на услугата, преку мерач или преку пресметка. Така, и во случаите кога корисникот остварува помала потрошувачка на топлинска енергија од онаа што треба да ја потроши согласно пријавената – планската топлинска моќ, испорачателот ангажира моќност, при што доаѓа до “ангажирање” на фиксните трошоци.

Покрај тоа, постојаните трошоци на системот претставуваат составен елемент при утврдувањето на цената на топлинската моќност (Сф) и на цената за потрошена енергија (Се).

4. Согласно член 37 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97) со општите услови за испорака соодветен вид енергија од енергетските системи поблиску се определуваат условите и начинот на испорака и меѓусебните права, обврски и одговорности на испорачателот и корисникот на соодветниот вид енергија, а особено, меѓу другото, и начинот на пресметување и наплатување на испорачаната енергија.

Согласно член 52 од Општите услови за испорака на топлинска енергија (“Службен весник на СРМ” бр.47/89), надоместокот на испорачаната топлинска енергија се наплатува на 2 начина, и тоа преку мерач на топлинска енегија и преку пресметка.

Членот 30 од Општите услови предвидува испораката на топлинската енергија да се врши врз основа на енергетска согласност, и договор за испорака на топлинска енергија во согласност со општите услови и тарифните ставови за топлинската енергија.

Согласно член 32 став 1 точка 7 од Општите услови, договорот за испорака на топлинската енергија содржи начин на пресметување и плаќање на надоместокот при што согласно член 34, со склучувањето на договорот по пристапување, корисникот ги прифаќа Општите услови и тарифните ставови за испорака на топлинска енергија.

Основните тарифни елементи за пресметување на надоместокот за топлинска енергија и услуги што АД “Топлификација” Скопје им ја испорачува – извршува на корисниците се определуваат со Тарифниот систем (член 1 од Тарифниот систем).

Оттука, поаѓајќи од начелото на еднаква вредност на заемните давања, корисниците на топлинска енергија плаќаат за онолку енергија колку што им е испорачана, што се утврдува преку мерните инструменти, вклучувајќи ги и фиксните трошоци за топлинската моќност. Исто така, треба да се има предвид дека оваа категорија корисници се приклучува на топловодниот систем на сопствено барање,при што склучува договор со АД “Топлификација” – Скопје, што укажува на облигационо-правниот однос меѓу корисниците и испорачателот. Според тоа, корисникот склучувајќи го договорот, ги имал предвид условите утврдени со Тарифниот систем.

5. Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.118/99)

Leave a Reply