163/1999-0-0

163/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 29 од Законот за основните сопственосно-правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80 и 36/90).

2. Јоше Атанасовски од Гостивар преку Ѓорѓи Митровски адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение, бидејки оспорениот член не бил во согласност со членовите 30 и 55 од Уставот, бидејки со него се штитела општествената сопственост на која и се давало привилегирана положба во однос на приватната сопственост. Понатаму во иницијативата се наведува дека Основниот суд во Гостивар во првостепената пресуда утврдил дека подносителот на иницијативата го владеел имотот цели 66 години, меѓутоа истиот не можел да се стекне со право на сопственост по пат на одршка затоа што оспорениот член 29 од Законот тоа го забранувал. Поради тоа, иницијаторот бара Уставниот суд да донесе времена мерка за запирање на постапката пред Апелациониот суд по предметот П.бр.224/97, за кој првостепена пресуда има донесено Основниот суд во Гостивар.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 29 од Законот, на предмет во општествена сопственост, право на сопственост не може да се стекне со одршка.

Судот исто така утврди дека членот 29 од Законот бил предмет на уставно судска оценка и Уставниот суд не повел постапка (У.бр.177/95 од 12.06.1995 г.). При тоа Судот оценил дека со членот 29 кој предвидува на предмет во општествена сопственост да не може да се стекне право на сопственост по пат на одршка, законодавецот имал за цел да ја спречи узурпацијата на недвижностите по пат на одршка.

Подоцна, истиот член бил предмет на уставно судска оценка уште два пати (У.бр.96/98 и У.бр.31/99 и 70/99) при што Судот не нашол основ за поинакво одлучување и ги отфрлил иницијативите.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што членот 29 од Законот се оспорува од истите причини како и во претходните случаи за кои Судот веќе одлучувал, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување и дека иницијативата треба да се отфрли.

5. Со оглед на тоа што Судот ја отфрли иницијативата, оцени дека нема основ за изрекување времена мерка запирање на дејствијата преземени врз основа на оспорениот член.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.163/99
29 септември 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply