Решение У.бр.51/1999

У.бр.51/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 во врска со член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за одредување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, донесена од Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации” на 23.09.1998 година.

2. Група граѓани од с. Глумово и с. Шишево, преку Велимир Мердовиќ од Скопје и група граѓани од с. Фурка и с. Николич преку Киро Киров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите со донесувањето на оспорената одлука, со која е намален надоместокот за телефонски приклучок од 500 на 250 ГМ, граѓаните кои не знаеле дека таква одлука ќе биде донесена биле доведени во положба да го платат надоместокот во повисок износ според старата одлука, додека одредена група привилегирани граѓани што биле информирани за тоа можеле да го одложат исполнувањето на претходните обврски и да ги користат погодностите на оспорената одлука во поглед на висината на надоместокот. Се смета дека на тој начин граѓаните се дискриминирани и се бара Судот да определи дека корисниците на телефонски услуги треба да бидат еднакво третирани.

3. На седницата Судот утврди дека иницијативите се однесуваат на примената на оспорената одлука, но и на претходната одлука за утврдување на надоместокот за телефонски приклучок односно на постапувањето на АД “Македонски телекомуникации” во склучувањето и реализирањето на договорите со корисниците на телефонски приклучок.

4. Според член 110 од Уставот Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и со закон, но не и за нивната примена и начинот на постапувањето на правните субјекти во поединечни случаи.

Со оглед на тоа што со иницијативите се бара Судот да одлучи за правилноста на примената на две сукцесивни одлуки на АД “Македонски телекомуникации” во поединечни случаи на воспоставување на облигационо-правни односи, Судот утврди дека тоа не спаѓа во неговата надлежност утврдена со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 25/1999 и 51/1999
16 јуни 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply