99/1999-0-0

99/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 став 1 од Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92 и 12/93).

2. Бранко Скендерски од Берово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба особено во делот “со намера во него постојано да живее” на граѓаните им се оспорувало правото слободно да го избираат местото на своето живеалиште, што не било во согласност со член 27 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 од Законот, живеалиште е местото во кое граѓанинот се населил со намера во него постојано да живее и во кое има обезбедено стан за живеење.
4. Според член 27 став 1 од Уставот секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште, според став 2 од овој член, секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, а според став 3 од овој член од Уставот, остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Со Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните се уредува начинот на пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, како и пријавување на промената на адресата на станот. Така, според оспорената одредба на член 2 став 1 од овој закон, всушност се дефинира односно определува поимот живеалиште, дека тоа е местото во кое граѓанинот се населил со намера во него постојано да живее и во кое има обезбедно стан за живеење, за разлика од престојувалиштето, кое според став 3 од овој член на законот, се определува како место во кое граѓанинот привремено престојува, надвор од општината во која се наоѓа неговото живеалиште. Со член 3 од овој закон, покрај другото се уредува обврската на граѓанинот при промена на живеалиштето да го одјави претходното живеалиште и да го пријави новото живеалиште и да ја пријави промената на адресата на станот во живеалиштето, а според член 10 став 1 од овој закон, при пријавување и одјавување на живеалиштето, односно престојувалиштето, како и при пријавување на промената на адресата на станот, граѓанинот е должен да приложи лична карта или друга исправа заради утврдување на идентитетот.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека граѓанинот слободно може да го избере местото на своето живеалиште и дека при тоа, тој има обврска да го пријави односно одјави своето живеалиште и адреса на станот во живеалиштето во случај на нивна промена. Всушност, на овој начин, се овозможува идентификацијата на граѓанинот и остварување на неговите права и обврски во правниот поредок. Во таа смисла, оспорената одредба од Законот има појаснувачки карактер за терминот живеалиште и со нејзината содржина не се ограничува уставното право граѓанинот слободно да го избере местото на своето живеалиште, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 2 став 1 од Законот со член 27 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 99/99
26 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply