61/1999-0-0

61/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 1 точка 13 од Законот за данок на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр. 34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93, 42/95, 4/96, 5/97, 10/97, 28/97 и 13/98).

2. Управата за јавни приходи при Министерството за финансии на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 19 став 1 точка 13 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ослободувањето на адвокатите од обврската да плаќаат данок за извршените адвокатски услуги не било во согласност со членовите 9, 33 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Имено, според подносителот со оспорената одредба се создавале услови за привилегирање на адвокатите во однос на другите субјекти на пазарот со што се повредувал принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и принципот на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот утврдени во членовите 9 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Покрај тоа, ваквото даночно ослободување на адвокатите не било во согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 1 точка 13 од Законот за данок на промет на производи и услуги, данок на промет на услуги не се плаќа на надоместоци за извршени адвокатски услуги.

4. Правната положба и природата на адвокатската дејност е утврдена во член 53 од Уставот на Република Македонија според кој адвокатурата претставува самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Организацијата на адвокатурата, условите за вршење на адвокатската дејност, како и правата и обврските на адвокатите се регулирани со Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).

Оттука произлегува дека адвокатурата претставува јавна служба која е во функција на обезбедување стручна правна помош во примената и остварувањето на правниот поредок. Со оглед на фактот што дејствува во јавен интерес, нејзиното функционирање е општествено потребно и кроисно. При остварувањето на својата дејност, адвокатурата, меѓу другото индирекно придонесува и за правилна примена на правото и за остварување и заштита на правата и правно заснованите интереси на правните и физичките лица.

Согласно член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во искористувањето на јавните расходи, но на начин утврден со закон. Оттука, всушност произлегува дека законодавецот е овластен да ја утврди фискалната политика, условите и начинот под кои ќе се спроведе оданочувањето, како и можностите за определени даночни стимулации и погодности.

Имено, во членот 19 од Законот за данок на промет на производи и услуги предвидени се повеќе видови услуги за кои не се плаќа данок на промет на услуги, меѓу кои во оспорената точка 13 е предвидено даночно ослободување на адвокатите за надоместоците за извршени адвокатски услуги.

Согласно член 17 од Законот, данокот на промет на услуги се плаќа на прометот на услуги што се врши со надомест. Притоа, под услуги се подразбираат сите дејствија и работи кои согласно со одредбите на овој закон и Законот за акцизите, не се сметаат како промет на производи, односно секој надомест кој не произлегува од прометот на производи (член 18 од Законот).

Во член 20 став 1, Законот го дефинира даночниот обврзник на данокот на промет на услуги: тоа е “правното и физичкото лице кое ќе ја изврши услугата за која е пропишано плаќање на данок според овој закон”.

Од изнесеното и од содржината на член 33 од Уставот на Република Македонија, произлегува дека законодавецот има уставно право да предвиди даночни ослободувања за определени видови услуги. Изземањето на адвокатите (поединци или здружени во заедничка адвокатска канцеларија – член 5 од Законот за адвокатурата) од кругот на даночните обврзници на данокот на промет на услуги, според мислењето на Судот не е во несогласност со член 33 од Уставот.

Согласно член 55 од Уставот на Република Македонија слободата на пазарот и претприемништвото претставуваат основа на економските односи на државата.

Покрај тоа, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно Законот за адвокатурата, правото на вршење адвокатска дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија (член 8), при што Законот ги пропишува и условите кои лицето треба да ги исполни за да се запише во Именикот на адвокатите (член 9 и 11). Секој оној кој ќе ги исполни овие услови, се стекнува со правото да врши адвокатска дејност.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквост т.е. не дискриминација треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст, државата е должна да преземе определени мерки (превентивни или репресивни) со цел да ја спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарната конкуренција од една страна, и обезбедувајќи еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност, од друга страна.

Адвокатурата претставува специфична јавна служба чија дејност (обезбедување правна помош и други јавни овластувања) е утврдена со закон. Законското ослободување на адвокатите од обврската да плаќаат данок на промет за извршените услуги подеднакво се однесува на сите адвокати, при што тие имаат еднакви можности да бенефицираат од оваа преференција. Преференцијалниот даночен третман на адвокатите (од аспект на данокот на промет на услуги) е во насока на зацврстување и зајакнување на адвокатурата, како самостојна и независна јавна служба, чија правна помош е од примарно значење за остварување на јавниот интерес – заштита на правата и правно заснованите интереси на сите лица.

Едно од основните начела на уставниот поредок на Република Македонија претставува начелото на еднаквост на граѓаните во слободите и правата, независно од нивната припадност и положба, како и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Притоа, овој принцип не го оневозможува законодавецот да воведе различен третман при доделувањето даночни погодности ( и ослободувања), при што различниот даночен третман мора да биде заснован врз критериуми кои се целисходни и објективни во однос на целите кои законодавецот има намера да ги реализира, при што неопходно е да се земе предвид јавниот интерес.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 61/99
19 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply