18/1999-0-0

18/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 35, 73 и 133 став 1 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “СФРЈ” и “Социјалистичка”, на членовите 79 став 1 и 2 и 283 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “Службен лист на СФРЈ””, на член 133 став 3 во делот “Социјалистичка” како и на членовите 127 став 2, 133 став 2 и 179 став 2 од Законот за вонпроцесната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.19/79).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на останатите делови на членовите 35, 75 и 133 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од законот означени во точката 1 на ова решение. При тоа, во иницијативата членовите 35, 75, 79 став 1 и 2, 133 и 283 се оспоруваат затоа што во нив биле содржани термини односно имиња на држави и институции кои веќе не постоеле и што предвидувале надлежност на судовите на Република Македонија за прашања во однос на субјекти (странски државјани) кои неможеле да спаѓаат под јурисдикција на Република Македонија, поради што овие одредби не биле во согласност со Уставот, а особено со неговиот член 1, а додека членовите 127 став 2 и 178 став 2 се оспоруваат затоа што со нив се ограничувало правото на сопственост и се вршело заштита на општествената сопственост што исто така не било во согласност со членот 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 став 1 и 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за вонпроцесната постапка се утврдуваат правила на постапката според кои постапуваат и одлучуваат судовите за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или со друг закон и дека овој закон е донесен во време на важењето на Уставот од 1974 година, односно кога Република Македонија беше во состав на СФРЈ и истиот досега не е усогласен со Уставот на Република Македонија од 1991 година.

Судот на седницата, исто така, утврди дека во оспорениот член 35 од овој закон е предвидено дека за лишување од деловна способност на лице државјанин на СФРЈ надлежен е судот во Социјалистичка Република Македонија, на чие подрачје лицето има живеалиште односно престојувалиште. Ако лицето од став 1 на овој член нема живеалиште односно престојувалиште во СФРЈ, надлежен е судот во Социјалистичка Република Македонија на чие подрачје тоа лице имало последно живеалиште односно престојувалиште.

Според член 75 од Законот, за прогласување на исчезнат државјанин на СФРЈ за умрено лице е надлежен судот на Социјалистичка Република Македонија, на чие подрачје тоа лице имало живеалиште во време на исчезнувањето. Ако државјанинот на Социјалистичка Република Македонија немал живеалиште во времето на исчезнувањето во СФРЈ, или тоа неможе да се утврди месно надлежниот суд ќе го определи Врховниот суд на Македонија.

Во член 79 став 1 е утврдено дека ако судот утврди дека се исполнети условите за поведување постапка според овој закон, ќе даде оглас во кој ќе се наведат битните околности на случајот и ќе се повика исчезнатото лице, како и секој друг што знае за неговиот живот, да се јави на судот во рок од три месеци од објавувањето на огласот во Службен лист на СФРЈ со укажување дека по истекот на тој рок исчезнатото лице ќе се прогласи за умрено. Според став 2 од овој член огласот се објавува во “Службен весник на СРМ”, во “Службен лист на СФРЈ” и на огласната табла во Судот, а ќе се објави и на вообичаен начин и во местото во кое исчезнатото лице имало свое последно живеалиште односно престојувалиште. Судот може да определи огласот да се објави и преку други средства за јавно информирање, како и во странство.

Според член 127 став 2 од Законот, судот во постапката за расправање на оставина внимава дали наследниците или легаторите со наследениот недвижен имот го надминуваат законскиот максимум.

Според член 133 став 1 од Законот, за расправање на оставина на државјанин на СФРЈ во поглед на неговиот имот кој се наоѓа во Социјалистичка Република Македонија исклучиво е надлежен судот во Социјалистичка Република Македонија.

Според став 2 од истиот член ако имотот на државјанин на Социјалистичка Република Македонија се наоѓа во друга социјалистичка република, односно социјалистичка автономна покраина, судот во Социјалистичка Република Македонија ќе биде надлежен ако според законите на републиката односно покраината во која се наоѓа имотот не е надлежен судот во таа република односно покраина.

Во став 3 од истиот член е утврдено дека судот во Социјалистичка Република Македонија исклучиво е надлежен за расправање на оставина на државјанин на Социјалистичка Република Македонија во поглед на неговиот движен имот што се наоѓа во странство, а во поглед на неговиот недвижен имот кој се наоѓа во странство ќе биде надлежен само ако според законите на државата во која се наоѓа имотот не е надлежен странски орган.

Во член 178 став 2 е предвидено дека правосилно решение за наследување или легат ќе му се достави и на општинскиот орган на управата надлежен за имотно-правни работи, ако се наследува земјоделско земјиште, стан, станбена зграда или деловна просторија за утврдување на сопственичкиот максимум.

Во член 283, кој е поместен во главата за поништување на исправи, е утврдено дека огласот се објавува во “Службен весник на СРМ”, а по потреба и во “Службен лист на СФРЈ” или и на друг погоден начин.

5. За разлика од Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, во член 1 од Уставот донесен 1991 година, Република Македонија е дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава и се утврдува дека суверенитетот во Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба, а имајќи предвид дека во оспорените членови 35 и 75 од Законот се утврдува месната надлежност на судот за лишување од деловна способност односно за прогласување на исчезнато лице за умрено и тоа на начин што оваа надлежност е утврдена во однос на државјанин на СФРЈ, што беше компатибилно со Уставот од 1974 година, според кој државјаните на Социјалистичка Република Македонија, исто како и државјаните на другите социјалистички републики што беа во состав на поранешната СФРЈ, едновремено беа и државјани на СФРЈ, меѓутоа со оглед дека оваа констатација не кореспондира со Уставот од 1991 година, според мислењето на Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на овие членови од Законот со Уставот на Република Македонија и тоа само во деловите кои се однесуваат на употребата на термините “СФРЈ”, а не на целите членови, како што смета подносителот на иницијативата. Ова од причини што правилата за определување на месната надлежност на судовите во Република Македонија во постапките по наведените правни состојби и односи утврдени во овие членови од Законот се однесуваат и во практиката се применуваа и се уште се применуваат и на државјаните на Република Македонија, така што при евентуална интервенција на Судот во однос на целите овие членови, би се создала правна празнина во поглед на месната надлежност на судовите на Република Македонија по овие прашања. Од друга страна не е спорно дека согласно член 98 став 5 од Уставот право е на законодавецот со закон, освен другите прашања да ја уреди и надлежноста (стварна и месна) на судовите во Република Македонија, поради што Судот оцени дека во останатите делови наведените одредби не се во несогласност со Уставот.

Од горе наведените причини пред Судот основано се постави прашањето за согласноста со Уставот и на член 133 став 1 од Законот само во делот на употребата на термините “СФРЈ” и “Социјалистичка”, а не и на целиот овој став. Со оглед дека во ставот 2 од овој член, е утврдена надлежност на судот во СРМ во поглед на имотот на државјани на Социјалистичка Република Македонија кој се наоѓа во друга социјалистичка република, односно социјалистичка автономна покраина под услов за тоа да не е надлежен судот на таа република односно покраина, а имајќи предвид дека овие републики односно автономни покраини повеќе го немаат статусот, ниту односот со Република Македонија што го имаа во претходниот систем, во кој тие, заедно со Социјалистичка Република Македонија беа во состав на поранешната СФРЈ, како сојузна држава, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста и на овој став од член 133 со Уставот.

Во однос на ставот 3 од член 133 од Законот, со оглед дека и овој член, како и членовите 35 и 75 се оспорува во целина, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, од аспект на наводите од иницијативата, според кои овој член не е во согласност со Уставот затоа што со него е определена надлежност за расправање на оставина на државјанин на СФРЈ и надлежност спрема другите социјалистички републики и социјалистички автономни покраини во СФРЈ, кои како такви сега не постојат, бидејќи ставот 3 од овој член не ги уредува овие прашања, но ја уредува надлежноста на судот во СРМ за расправање на оставината на државјанин на СРМ, во поглед на неговиот движен и недвижен имот, кој се наоѓа во странство. Меѓутоа, со оглед дека и во овој став на член 133 е употребен терминот “Социјалистичка”, кој не е во согласност со карактерот и името на нашата држава утврдени во Уставот на Република Македонија, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста со Уставот на ставот 3 од член 133 од овој аспект.

Имајќи предвид дека според оспорените делови на член 79 став 1 и 2 и член 283 од Законот е определено дека огласите на кои се однесуваат овие членови се објавуваат и во “Службен лист на СФРЈ” кој што повеќе не постои, а од друга страна судовите во Република Македонија повеќе не се обврзани тоа да го прават поради уставната независност и самостојност на нашата држава, Судот смета дека од овие причини основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

6. Во врска со прашањето за согласноста на членовите 127 став 2 и 178 став 2 од Законот, Судот утврди дека според член 8 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а додека според ставот 3 од овој член на Уставот никому неможат да му бидат одземени и ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Тргнувајќи од уставната гаранција за правото на сопственост и правото на наследување која се изразува во неограниченоста на овие права во поглед на видот и обемот на предметите, како и на правата кои произлегуваат од сопственоста, освен во случаи кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а имајќи предвид дека оспорените одредби за своја основа ја имаат можноста односно правната претпоставка со закон да се утврди сопственичкиот максимум во поглед на недвижен имот, според мислењето на Судот со овие одредби на индиректен начин се врши ограничување на правото на сопственост и правото на наследување и тоа пред се на приватната сопственост, на сметка на општествената сопственост која беше иманентна на социјалистичкото општествено уредување, а која повеќе нормативно не егзистира во Уставот на Република Македонија.

Поради наведеното Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на членовите 127 став 2 и 178 став 2 од Законот со напред наведените уставни одредби.

7. Врз основа на сето напред изнесено, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 18/99
5 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply