40/1999-0-0

40/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) член 60 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), и

б) точката 6 од Упатството за начинот на спроведувањето на делбениот биланс меѓу Републиката и 34-те општини и градот Скопје и делбениот биланс меѓу новооснованите општини и општините од кои произлегуваат, донесено од министерот за правда на 28 март 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/97).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на:

а) член 60 ставовите 2 и 3 и на член 61 од Законот за локалната самоуправа;

б) член 3 став 4 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/76), и

в) точката 8 од упатството означено во точката 1 под б) од ова решение.

3. Месната заедница “Шуто Оризари” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите и Упатството означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив се предвидувало одземање на имотот од месните заедници и негово давање на општините, со што всушност се одземало правото на граѓаните да организираат месна самоуправа, поради што тие норми не биле во согласност со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 114 став 3 и со член 115 став 1 од Уставот.

Освен тоа, оспорените одредби значеле и одземање на сопственоста на граѓаните која тие заеднички ја стекнале преку активностите во месните заедници, поради што тие норми не биле во согласност и со член 30 став 1, како и со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека со член 60 став 1 од Законот за локалната самоуправа се определува имотот на единицата на локалната самоуправа да го сочинуваат земјиште, објекти и средства во обем што ги финансирале и финансираат граѓаните по пат на самопридонес или на друг начин учествувале во изградбата и други недвижнини и подвижни ствари, парични средства и права.

Исто така, Судот утврди дека со точката 6 од Упатството се определува објекти кои ќе бидат предмет на делбените биланси да се: станбени објекти, деловни објекти, објекти од областа на образовните дејности, здравствената заштита, културата, спортско-рекреативни објекти, објекти од комуналната инфраструктура, како и објекти на месните заедници на чие подрачје се наоѓаат.

Од содржината на наведените одредби произлегува дека тие уредуваат прашања во врска со имот, но притоа овие норми се однесуваат на определување критериуми за поделба на имотот помеѓу одредени субјекти, во ситуација кога настанала промена во положбата на единиците на локалната самоуправа во однос на државата (тие сега не се, како порано, носители на политичка власт) и кога настанала промена во бројот на единиците на локалната самоуправа во државата. Во таа смисла, членот 60 став 1 од Законот определува еден од критериумите за поделба на имотот помеѓу државата и единиците на локалната самоуправа да биде потеклото на средствата користени за создавање на материјалните вредности, па ако тие добра биле производ од придонеси на граѓаните, доброволно изразен во пари или работа тогаш според законската одредба тој имот ќе и припадне на користење на единицата на

локалната самоуправа. Точката 6 од Упатството, пак, определува еден од критериумите за поделба на имотот помеѓу државата и општините и помеѓу “старите” и “новите” општини да бидат определени објекти, меѓу кои и објекти на месните заедници (при што, како предмет на делбениот биланс, тие ќе им припаднат на користење на општините на чие подрачје се наоѓаат), а тоа всушност значи операционализација односно поблиска разработка на соодветните одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (имено, Упатството е и донесено врз основа на овластување од тие закони).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека членот 60 став 1 од Законот и точката 6 од Упатството не навлегуваат во прашањата за сопственоста на граѓаните и на месните заедници во врска со самопридонесот и со објектите користени од месните заедници, а таквата евентуална примена на наведените одредби може да се оспорува во редовна судска постапка доколку граѓаните или месните заедници располагаат со релевантни докази.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на означените одредби со уставните одредби наведени во иницијативата.

5. Што се однесува до причините за оспорување на членот 60 ставовите 2 и 3 и на членот 61 од Законот за локалната самоуправа, потоа на членот 3 став 4 од Законот за уредување на односите… и на точката 8 од Упатството, Судот утврди дека нивната содржина не регулира прашања во врска со правата на граѓаните и месните заедници, поради што нема процесни претпоставки тие одредби да бидат оценувани од аспектот покренат со иницијативата.

Оттука, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на сето напред изнесено, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во однос на точката 1 од диспозитивот односно едногласно во однос на точката 2 од диспозитивот, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.40/99
28 април 1998 година
С к о п ј е
сд/сс

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply