227/1998-0-0

227/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 71 став 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/98, 11/98).
2. Момчило Милковски од Куманово и Тодор Велинов од Скопје, преку адвокатот Слободан Ивановиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 71 став 2, 3 и 4 од Колективниот договор означен во точката 1 на ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 точка 3 од Уставот затоа што со нив на униформираните работници во територијалните професионални противпожарни единици во Министерството за внатрешни работи им се ускратувало правото на зголемување на платата за работа подолга од полното работно време, односно за работа подолга од 40 часа во работната недела, за работа ноќе, за време на празници и за работа во смени. Овие одредби не биле во согласност и со член 32 став 3 од Уставот, бидејќи им се ускратувало правото на целосна заработувачка, во однос на надоместоците на плата по наведените основи, како и со член 9 од Уставот бидејќи со оспорените одредби овие работници биле ставени во нееднаква положба во однос на другите вработени во Министерството за внатрешни работи при остварувањето на правото на надоместоци на плата по овие основи.
Исто така, оспорените одредби од овој Колективен договор не биле во согласност и со членовите 5 и 74 од Законот за работните односи чии одредби биле облигаторни и како такви тие не можеле да се менуваат и суспендираат со било кој акт, па оттука ниту со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 71 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи на униформираните работници во територијалните професионални противпожарни единици во Министерството, платата им се зголемува за 20% заради специфичните услови на работа.
Под специфични услови на работа во смисла на ставот 1 на овој член се подразбираат: работа изложена на висока температура, влага, загаденост од дим и други материјали, височина, работа со опасни материјали и работа подолга од полно работно време заради завршување на започнатата работа, работа во денови на празници, работа ноќе и во смени.
Во случаи на работа подолга од полното работно време заради вонредни и дополнителни ангажирања и за работа во денови на празници, освен на работи кои се однесуваат на гасење на пожари и на други елементарни непогоди на работниците од ставот 1 на овој член им се овозможува користење на слободни работни денови.
За работниците од став 1 на овој член не им се утврдува зголемување на платата според членот 72 од овој договор”.
Судот, исто така, утврди дека според член 72 од овој колективен договор на работникот утврдената плата му се зголемува и тоа: за работа подолга од полното работно време – 40%; за работа но?е и викенд денови – 40%; за работа во денови на празник – 50%; за работа во смени – 5%.
За извршените работи и поминато време на работа според ставот 1 од овој член раководителот на соодветната организациона единица води соодветна евиденција.
Наместо зголемувањето на платата од став 1 од овој член, со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови”.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 3 од Уставот секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Прашањата во врска со платата и надоместоците на плата се уредени во посебен оддел на глава ИИИ од Законот за работните односи (членовите од 69 до 75), така што според член 69 од Законот работникот има право на плата, која му се обезбедува од средствата на работодавецот сразмерно на извршената работа, како и придонесот на работникот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.
Во членот 74 е утврдено дека на работникот му припаѓа зголемена плата за работа во деновите на празници во кои не се работи, за ноќна работа и за работа подолга од 40 часа во работната недела, во висина утврдена со колективен договор.
Понатаму, според член 84 од Законот, со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.
Според член 86 од Законот, колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од законот.
Од содржината на цитираните законски одредби, помеѓу другото, произлегува дека работата во деновите на празници во кои не се работи, ноќната работа и работата подолга од 40 часа во работната недела претставуваат посебни основи по кои на работникот му припаѓа право на зголемување на платата во висина утврдена со колективен договор.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, од една страна, како и фактот дека процентот на зголемувањето на платата на униформираните работници во територијалните професионални противпожарни единици утврден во оспорениот член се однесува, покрај за другите работи, и за работата во деновите на празници, за ноќната работа и за работата подолга од 40 часа во работната недела, Судот оценува дека со ваквиот начин на овие работници не им се оспорува, ниту ускратува правото на зголемување на платата по основите утврдени во членот 74 од Законот за работните односи, туку напротив, во смисла на истиот овој закон, се утврдува обемот и начинот на остварувањето на ова право, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на овој член од Колективниот договор со наведениот член од Законот за работните односи.
Според мислењето на Судот ваквиот начин на остварување и утврдување на висината на платата има основ и оправдување во специфичноста на работите и спрецифичните услови за работа на униформираните работници во територијалните професионални противпожарни единици.
Судот, исто така, смета дека оспорениот член од Колективниот договор не ги прави униформираните работници во територијалните професионални противпожарни единици нееднакви со другите работници во Министерството за внатрешни работи, бидејќи во случајот се работи за различни категории на работници, со различни работи и работни задачи и при ваква ситуација не може да стане збор за повреда на уставното начело на еднаквост.
Поради напред наведените причини пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби ни со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 3 и член 51 од Уставот, од чии аспекти, исто така во иницијативите се оспорени овие одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.227/98
21 април 1998 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply