41/1999-0-0

41/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на став 1 алинеја 5 од Конкурсот за избор на најповолни идејно-ликовно-графички решенија за пригодни поштенски марки донесен од Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” Скопје, објавен во весникот “Дневник” на 12 јануари 1999 година.

2. Зоран Ангелов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на став 1 алинеја 5 од Конкурсот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во дел од оспорениот текст на конкурсот за одделни идејно-ликовно-графички решенија за издавање на пригодни поштенски марки било предвидено употреба само на латинско писмо, што не било во согласност со член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот дел од содржината на Конкурсот како услов е предвидено во идејно-ликовно-графичките решенија за поштенските марки “Европа” и “Македонски средновековни владетели” – Добромир Хрс и Стрез, називот на Република Македонија да се испишува само на латинско писмо.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на Конкурсот за избор на најповолни идејно-ликовно-графички решенија за пригодни поштенски марки, Судот оцени дека тој не претставува пропис и затоа не подлежи на уставно-судско оценување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.41/99
14 април 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply