32/1999-1-0

32/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 138 став 8 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 став 2 и 3 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

3. Петре Илиевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 6 став 2 и 3 и член 138 став 8 од законот означен во точката 1 и 2 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со член 7 од Уставот на Република Македонија, според кој во Република Македонија службен јазик е само македонскиот јазик и кирилското писмо. Според тоа и во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство или во значителен број живеат припадници на националностите во службена употреба може да биде само македонскиот јазик и кирилското писмо а не и писмото и јазикот на националностите.

4. Судот на седницата утврди дека во член 138 став 7 од Законот за парничната постапка е предвидено дека текстот на доставницата е напишан на македонски јазик и на кирилско писмо.

Во член 138 став 8 е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа во која како мнозинство и како значителен број живеат припадници на националностите текстот на доставницата од став 7 на овој член е напишан на јазикот и писмото на националностите.

5. Според член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно член 7 став 2 и 3 од Уставот во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, е и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон, а во единиците на локалната самоуправа во кои припадниците на националностите се во значителен број, под услови и на начин утврдени со закон.

Според член 8 став 1 алинеја 1 и 11 од Уставот меѓу темелните вредности на уставниот поредок се и почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право утврдени во Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

6. Од изнесеното, според мислењето на Судот произлегува дека при преземањето на службени дејствија од страна на Судот тој не може да користи јазик и писмо кој не е службен јазик во Република Македонија на кој се води парничната постапка. Со оглед на изнесеното основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 7 од Уставот односно се постави прашањето дали текстот на доставницата не треба да се напише само на македонски јазик и кирилско писмо како службен јазик во Република Македонија.

7. Судот исто така утврди дека во член 6 став 1 од Законот за парничната постапка е предвидено дека парничната постапка се води на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.

Во став 2 на овој член е предвидено дека “припадник на национаоност граѓанин на Република Македонија кој како странка или друг учесник во постапката не го разбира или не го зборува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо има право на толкувач. Трошоците на толкувачот паѓаат на товар на Република Македонија.

Според став 3 на член 6 судот е должен да ја поучи странката, односно другиот учесник во постапката од ставот 2 на овој член за правото предвидено со истиот став.

Претседателот на советот или судијата поединец е должен во записникот да ја внесе поуката на судот и изјавата на странката, односно на другиот учесник во постапката.

Имајќи ја предвид уставната одредба од член 7 на Уставот на Република Македонија Судот смета дека прашањето за правото на толкувач на припадник на националност, граѓанин на Република Македонија како странка или како друг учесник во постапката кој не го разбира или не го зборува македонскиот јазик не треба да се гледа како преземање на службени дејствија од страна на судот туку афирмирање и остварување на начелата на еднаквост на странките во граѓанско правните предмети и израз на волја на државата да ги сноси трошоците за толкувач.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласност на оспорениот член со Уставот и одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 32/99
14 април 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply