78/1998-0-0

78/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 април 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 31 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/82, 15/85, 22/88, 29/89, 47/89 и 28/92).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Друштвото со ограничена одговорност “Вламир” од Скопје, со решение У.бр.78/98 од 23.12.1998 година поведе постапка за оценување законитоста на член 31 од Тарифниот систем означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со начелото на еднаквата вредност на заемните давања утврдено во Законот за облигационите односи.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одредба е предвидено дека ако врвното оптоварување на потрошувачите на низок напон останата потрошувачка не се пресметува според одредбите на член 29, (со мерење на оптоварувањето во КВТ или ампери) истото ќе се утврдува според тарифните единици кои се изнаоѓаат:
– со попис на инсталираната моќ на трошилата, при што за најголемото трошило се зема 100%, второто со моќ 2/3 и сите останати 1/3 од инсталираната моќ;
– за тарифна единица се зема секои започнати 20 м2 вкупна површина на продавници, работилници, канцеларии, училници, касарни, сали, складови и слични простории.
Второто оптеретување за ИИ тарифен степен се пресметува за еднофазен приклучок (броило) 1 ТЕ, за трофазен приклучок (броило) 2 ТЕ.
Секоја тарифна единица претставува тарифен КВТ.
Од оспорените одредби произлегува дека тарифните единици за пресметување на моќта на енергијата претставуваат самостоен основ за нејзиното плаќање, независно од преземената активна енергија од страна на потрошувачите.
5. Според член 15 од Законот за облигационите односи во засновувањето на двострани договори учесниците тргнуваат од начелото на еднаквата вредност на заемните давања.
6. Судот утврди дека во елементите на електричната енергија преку кои се пресметува нејзината вредност несомнено влегува, покрај активната енергија, и нејзината моќност што го изразува нејзиниот квалитет. Меѓутоа, Судот оценува дека приклученоста на потрошувачот во енергетскиот систем иако е фактор на постојано обезбедување на електрична енергија од определена моќ, не може да биде самостоен основ за плаќање на нејзината цена независно од фактот дали потрошувачот презема или не презема енергија што, напротив, се сугерира во одговорот на ЈП “Електростопанство на Македонија”.. Обврската да се плаќа одреден елемент на вредноста на електричната енергија дури и во случаи кога во еден пресметковен период потрошувачот воопшто не трошел енергија, што произлегува од оспорената одредба на Тарифниот систем, според оценката на Судот го повредува принципот од член 15 од Законот за облигационите односи, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова , д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 78/98)

Leave a Reply