26/1999-0-0

26/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на експлоатација и одржување на водоводот од с.Караслари, донесен од Работничкиот совет на ХУРО “Интернационал” Титов Велес на 19 септември 1986 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Известувањата за цената на водата за пиење на граѓаните бр.03-579 од 10 април 1995 година и бр.03-1448 од 27 август 1997 година донесени од ХУРО “Интернационал”.

3. Круме Величковски од с. Караслари Велес му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение затоа што тие не биле во согласност со Уставот со Законот за претпријатијата, односно Законот за трговските друштва, Законот за комуналните дејности и Законот за водите. Имено доносителот на актите не е јавно претпријатие основано со цел да врши комунална дејност на територијата на општина Велес. Тоа нема добиено одобрение (концесија) ниту дозвола што е потребна за да може како правно лице да се занимава со оваа дејност и затоа што цената на водата за пиење е самоволно утврдена без согласност на основачот односно општината.

4. На седницата Судот утврди дека на 3 март 1984 година
ХУРО “Интернационал” Титов Велес и жителите од с.Караслари склучиле договор за изградба на постројки за водоснабдување (бунар, потисен цевовод и резервоар за вода) преку заедничко финансирање. Во договорот е предвидено дека постројките за водоснабдување ќе се градат за водоснабдување на с.Караслари кое само ќе си изгради повратен цевовод и разводна мрежа, а водоснабдувањето на хотелскиот коплекс “Македонија” кој се наоѓа во с.Караслари за кого ХУРО “Интернационал” сам ќе изгради повратен цевовод и развивање на мрежа. Исто така со договорот е предвидено дека водоводот треба да биде понуден односно со него да стопанисува Комуналното претпријатие “Дервен” од Титов Велес.

Основни принципи на кои ќе се засноваат односите ќе биде секоја странка да обезбеди потребни средства за експлоатација и одржување на водоводот до висина на стварно потрошените средства во износ утврден сразмерно количините на потрошената вода. Две години подоцна односно на 9.09.1986 година откако Јавното претрпијатие “Дервен” не прифатило да стопанисува со водоводот Работничкиот совет на ХУРО “Интернационал” го донел Правилникот за начинот на екплоатација и одржување на водоводот во с.Караслари. Со овој правилник е утврдено дека водоснабдувањето се врши од бунарот и резервоарот за вода изградени со заеднички средства на ХУРО “Интернационал” и населението на МЗ с.Караслари.

Интернационал е должен на жителите да им обезбеди трајно и непрекинато снабдување со вода и притисок, освен во случај на елементарни непогоди. Во член 4 од Правилникот е предвидено во кои случаи може да дојде до прекин на водоснабдувањето на корисниците на с.Караслари.

Во член 5 е утврдена обврската на Интернационал да врши дезинфекција и хлорирање на водата и испитување на квалитетот и здравствената исправност на водата. Понатаму со правилникот се уредени прашањата за одобрение за приклучување на водоводната мрежа, одржување на водоводната мрежа, забрана за самоволно изведување на водоводен приклучок, вградување на водоводни цевки и фрлање на разни отпадоци.

Во член 11 е утврдено дека надоместот за користење на вода се утврдува според потрошената количина на вода и направените трошоци за работа. Количината на потрошената вода се мери со водомер и секој корисник е должен да постави водомер кој мора да е пломбиран баждарен. На корисниците кои користат вода без водомери потрошувачката ќе се пресметува и наплатува по 15м3 по член на семејство, а корисниците кои користат вода без водомер во бавчите надоместокот се утврдува паушално. Читањето на водомерите ќе се врши секој месец од овластен работник од “Интернационал”.

5. Според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 на истиот член од Уставот начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење се уредуваат со закон.

Условите и начинот на употреба и користење на водите, како добра од општ интерес на Републиката, заштитата од штетни дејства на водите, заштитата на водите од исцрпување и загадување, управувањето со водите, изворите и начинот на финансирање на водостопанските дејности, условите и начинот на вршење на водостопанската дејност, давање на водата на користење со одобрение (концесија), како и другите прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите, се уредени со Законот за водите (“Службен весник на РМ” бр.4/98).

Според член 17 од Законот за водите водостопанската дејност од јавен интерес во смисла на овој Закон, покрај другото, е изградба, одржување и користење на водостопански објекти и постројки што се однесуваат на обезбедување на вода за водоснабдување, наводнување и одводнување на земјиштге.

Во член 136 е предвидено дека за вршрење на работите од членот 17 на овој закон, Владата на Република Македонија основа јавно водостопанско претпријатие. Според став 2 на овој член работите за обработка и испорака на вода за пиење одведување и пречистување на отпадните води и одведување и испуштање на атмосферски води од населени места како и работите на одржување и користење на водотеци во населените места ги вршат јавни комунални претпријатија или други правни лица.

Во член 50 од наведениот закон е предвидено дека правните лица кои вршат снабдување со вода за пиење и правните лица кои употребуваат вода за пиење од сопствен извор се должни да вршат дезинфекција на водата и да преземат мерки со кои ќе се обезбедува постојано и редовно испитување на квалитетот и здравствената исправност на водата и на објекти и постројки за снабдување на вода и податоците за тоа да ги доставува до Минситерството за здравство.

Комуналната дејност според член 14 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на РМ” бр.45/97) може да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности, основани од Владата на Република Македонија или од општините и градот Скопје, во зависност од значењето и карактерот на комуналната дејност и објектите на комуналната инфраструктура, како и други правни и физички лица со давање концесија или дозвола за вршење на комунална дејност.

6. Од наведените законски одредби произлегува дека комуналната дејност, снабдувањето на наслението со вода за пиење како дејност од јавен интерес можат да ја вршат јавни комунални претпријатија основани од Владата на Република Македонија, градот Скопје или од општината во зависност од значењето и карактерот на комуналните дејности, објектите и комуналната инфраструктура.

При тоа работите од обработка и испорака на вода за пиење, одведување и пречистување на отпадни води од населени места можат да ги вршат комунални претпријатија или други правни лица.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со правилникот е предвидено дека со водостопанските објекти изградени со сопствени средства односно со средства од месна заедница и од претпријатие, стопанисува претпријатие кое учествувало со средства во изградбата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на правилникот со означените законски одредби.

Фактот што претпријатието кое стопанисува со водостопанските објекти нема добиено дозвола од општината за вршење на комунални дејности е фактичко прашање за кое Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

7. Исто така Судот утврди дека со акт известување бр.03-579 од 10 април 1995 година ХУРО “Интернационал” до МЗ с.Караслари упатил известување со кое ги известува корисниците на вода дека почнувајќи од месец април 1995 година цената за еден тон вода изнесува 25,00 денари.

Со акт известие бр.03-1338 од 27 август 1997 година повторно ХУРО “Интернационал” упатил известување до месната заедница во кое се наведува дека на 1 септември 1997 година ќе се врши наплата за потрошена вода за пиење за изнинатите месеци по цена од 25,00 денари, како што било договорено.

За наплата на цената на вода треба да бидат известени потрошувачите со цел да се обезбеди присуство при наплатата, а во спротивно ќе дојде до прекунување со водоснабдувањето на вода за селото.

Исто така, Судот утврди дека на 6 јуни 1997 година издадено е соопштение од ХУРО “Интернационал” и од МЗ за почитување на заклучоците од заедничкиот состанок и е утврдена нова цена на вода од 35,00 денари по 1м3.

8. Имајќи ја предвид содржината на оспорените известувања за цените на вода за пиење, Судот смета дека тие не преставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.26/99
31 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply