24/1999-0-0

24/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11, член 16 став 1 алинеја 3 и член 27 од Законот за народниот правобранител (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата членовите 11 и 16 став 1 алинеја 3 од Законот не биле во согласност со членот 77 став 2 од Уставот, според кој народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања, што значело дека уставната одредба не била условена со водење на судска постапка.

Членот 27 став 2 не бил во согласност со членовите 9 и 32 став 5 од Уставот, бидејќи се создавала правна нееднаквост помеѓу народниот правобранител и неговите заменици од една страна и вработените во Стручната служба на народниот правобранител од друга страна. Платите на вработените во Стручната служба не требало да се утврдуваат со општ акт туку со закон како и платите на народниот правобранител и на неговите заменици или пак со колективен договор.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот за народниот правобранител, народниот правобранител не постапува по предметите за кои е во тек судска постапка. Според членот 16 став 1 алинеја 3 од овој Закон, народниот правобранител ќе ја отфрли претставката ако предметот е во постапка пред судските органи. Според членот 27 од овој закон платите и другите надоместоци на народниот правобранител и на замениците на народниот правобранител се определуваат со закон. Платите и другите надоместоци на Стручната служба се утврдуваат со општ акт во согласност со закон и колективен договор.

4. Уставот на Република Македонија предвидува четири облика на заштита на индивидуалните слободи и права и тоа: заштита од страна на судовите; заштита од страна на Уставниот суд; заштита од страна на народниот правобранител и заштита од страна на постојаната анкетна комисија на Собранието на Република Македонија.

Според член 77 од Уставот, Собранието избира народен правобранител. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органот на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.

Народниот правобранител ги штити уставните слободи и права, но и сите други законски права на граѓаните од самоволието на државната администрација и јавните служби. При тоа, народниот правобранител, слободите и правата ги штити посредно, а не непосредно со донесување на свои одлуки или со дополнување на одлуките на другите органи надлежни за заштита на човековите слободи и права.

Ако се има предвид дека Уставот од една страна го определил народниот правобранител како заштитник на уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања, а од друга страна допуштил надлежноста на народниот правобранител да се уреди со закон, интенцијата на оспорениот член 11 од Законот е прецизирање на надлежноста на народниот правобранител во однос на судските органи кои според Уставот се самостојни и независни и никој не може да се меша во начинот на нивното одлучување дури ни во постапките кои се однесуваат на управните работи. При тоа се тргнува од фактот дека судската заштита на човековите слободи и права, како еден од облиците на заштита, ја остваруваат судовите независно во точно утврдена постапка за примена на правото на секој конкретен случај, но под услов оваа судска постапка да трае и да заврши во еден разумен рок. Оттука, народниот правобранител не би можел да води паралелна постапка по предмети за кои е во тек судска постапка, особено поради тоа што народниот правобранител не смее да влијае на одлучувањето на судот и да ја доведе во прашање неговата самостојност при одлучувањето. Така сфаќајќи го оспорениот член 11 од Законот, како и оспорениот член 16 став 3 од Законот кој го определува начинот на постапувањето на народниот правобраниел по претставките по предмети кои се во постапка пред судските органи, Судот оцени дека тие не се во несогласност со членот 77 од Уставот.

5. Во врска со оспорениот член 27 став 2 од Законот Судот смета дека народниот правобранител и замениците на народниот правобранител ги избира Собранието на Република Македонија врз основа на Уставот и Законот за народниот правобранител. Овие лица се избрани функционери чии права и обврски се определени со Устав и закон, па оттука и платите и другите надоместоци на народниот правобранител и на замениците на народниот правобранител се определуваат со закон.

Што се однесува до вработените кај народниот правобранител тие се лица кои засноваат работен однос согласно актите на народниот правобранител и нив ги избира народниот правобранител.

Инаку, народниот правобранител е инокосен орган кој нема други органи на управување ниту пак има организирано синдикат. Актот со кој се определуваат платите на вработените кај народниот правобранител всушност претставува акт со кој се одлучува за правата од работен однос во кој спаѓа и правото на плата.

Со оглед на тоа што народниот правобранител и замениците на народниот правобранител, и вработените кај народниот правобранител не спаѓаат во иста категорија вработени Судот оцени дека оттука произлегува и различниот начин на уредување и определување на платите и другите надоместоци. Поради тоа Судот оцени дека не станува збор за нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 27 став 2 од Законот со членот 9 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.24/99
24 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply