26/1998-0-0

26/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на
Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република
Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата
одржана на 24 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 42 од Законот за
одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му
поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 42
од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што лично смета дека,
согласно членовите 125 и 126 од Уставот, тој не може да постои.
3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 42 од Законот
известување и тревожење може да се врши и во вонредна состојба под услови и на
начин утврдени со правилник што го донесува министерот за одбрана.
4. Според член 125 од Уставот вонредна состојба настанува кога ?е
настанат големи природни непогоди или епидемии.
Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или
нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на Претседателот на Републиката,
Владата или најмалку 30 пратеници.
Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со
двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност
најмногу 30 дена.
Ако Собранието не може да се состане одлука за постоење на вонредна
состојба донесува Претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието
штом тоа ќе е во можност да се состане.
Во член 126 од Уставот е предвидено дека при постоење на воена или вонредна
состојба Владата во согласност со Уставот и закон донесува уредби со законска
сила.
Тоа овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната
состојба, за што одлучува Собранието.
Разгледувајќи го оспроениот член од Законот во контекст на изнесените
уставни одредби, Судот оцени дека тревожењето и известувањето, како мерки или
постапки од значење за одбраната може да се спроведат секогаш кога за тоа
постои потреба, независно од тоа дали во земјата е прогласена вонредна состојба
односно вонредната состојба не го исклучува фактичкото настанување на услови
кои претставуваат основ за спроведување на тие мерки.
Исто така, со прогласувањето на вонредна состојба, во која Владата има
овластување да донесува уредби со законска сила, не се суспендираат правните
акти во правниот систем на Републиката, ниту Владата станува исклучив извор на
прописите во државата кои треба да се применат за време на вонредна состојба.
Во таа смисла, не постои пречка правните прописи донесени во редовна состојба,
особено оние што се наменети токму за регулирање на прашањата во воена или
вонредна состојба, да се применуваат кога таква состојба ќе настапи.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето
за согласноста на член 42 од Законот за одбрана со членовите 125 и 126 од
Уставот на Република Македонија и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р
Тодор Џунов.
У.бр.226/99
24 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply