204/1998-0-1

204/1998-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 од Одлуката бр.07-271/9 за ограничување на оптоварувањето на локалните патишта Белчишта-Ново Село; Ново Село – Црвена Вода; магистрален пат Издеглавје – Слатино; магистрален пат Лактиње; магистрален пат Годивје; магистрален пат Врбјани; магистрален пат Сливово; Сливово – Турје; Сливово-Мраморец; магистрален пат Арбиново; Лактиње-Годивје-Врбјани; Лешани-Брежани; регионален пат Злести-Лешани; Оздолени – Сошани; Велмеј-Брежани, за возила чија најголема дозволена тежина (вкупна) преминува 10 (тона), донесена од Советот на Општината Белчишта на 15 септември 1998 година.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 3 од актот означен во точката 1 од ова решение.
3. ЈП “Македонски шуми” Скопје, подружница ШС “Галичица” Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 1 и 3 од актот означен во точката 1 од ова решение. Имено, членот 1 од оспорената одлука бил спротивен на член 36 став 1 и 2 од Законот за јавните патишта, бидејќи локалните патишта можеле да бидат оспособени и за помало осно оптоварување, но не помало од 60 кило њутни сметано по една оска од возилото. Членот 3 од оспорената одлука бил спротивен на член 90 став 4 од истиот закон, со оглед дека основ за поставување, заменување и отстранување на сообраќајните знаци било постоењето на техничката документација, а не оспорената одлука.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 17 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа и член 36 став 2 од Законот за јавните патишта, како и член 40 став 1 точка 8 од Статутот на Општината.
Согласно членот 1, со оваа Одлука се забранува движење на моторни возила чија најголема дозволена (вкупна) тежина преминува 10 (десет) тона на следните патни правци: Белчишта – Ново Село; Ново Село – Црвена Вода; магистрален пат Издеглавје-Слатино; магистрален пат Лактиње, магистрален пат Годивје, магистрален пат Врбјани; магистрален пат Сливово; магистрален пат Арбиново; Сливово-Турје; Сливово – Мраморец; Лактиње – Годивје – Врбјани; Лешани – Брежани; регионален пат Злести – Лешани; Оздолени – Сошани; Велмеј – Брежани.
Членот 3 од Одлуката утврдува дека Општината Белчишта со сообраќајни знаци и на друг погоден начин ќе ги означи условите и ?е утврди режим на сообра?ајот на локалните патишта.
5. Според член 17 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа самостојно го уредуваат и организираат градењето и одржувањето на локалните патишта, улиците и други инфраструктурни објекти од локално значење во согласност со закон, а според точката 13 го уредуваат одржувањето на уличната и сообраќајната сигнализација во согласност со закон.
Локален пат, според Законот за јавните патишта е јавен пат кој поврзува населени места на општината или кој е од значење за сообраќајот во општината.
Јавен пат, во смисла на овој закон, е сообраќаен објект од општо значење што може слободно да се користи за сообраќај под услови определени со закон и кој е прогласен за јавен пат. Јавни патишта се и улиците во населените места и градовите.
Согласно членот 36 од овој закон, јавните патишта мора да бидат оспособени да можат да поднесат осно оптоварување од најмалку 100 КН по оска. По исклучок од став 1 на овој член, локалните патишта и улиците, можат да бидат оспособени и за помало осно оптоварување, освен за објектите, но не помало од 60 КН по оска.
Во конкретниот случај од содржината на членот 1 произлегува дека се забранува движење на моторни возила чија најголема дозволена (вкупна) тежина преминува 10 тона. Меѓутоа имајќи го предвид членот 36 од Законот за јавните патишта очигледно е дека станува збор за законско определување на оптоварување на патиштата по оска. Оттука, со оглед дека вкупната тежина на моторните возила не е исто што и осното оптоварување, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членот 1 од одлуката, со членот 36 од Законот.

6. Според член 90 став 3 од Законот за јавните патишта, сообраќајните знаци и заштитната опрема на локалните патишта и улици ги поставува, заменува или отстранува и уредно ги одржува општината односно градот Скопје.
Техничката документација за локалните патишта и улици ја одобрува општината односно градот Скопје во согласност со Министерството за внатрешни работи.
Како техничка документација за изградба на објекти, во смисла на Законот за изградба на инвестициони објекти, се сметаат урбанистичките, геодетските, хидро-геолошките и геомеханичките подлоги, проектите со неопходни описи, пресметки и графички прилози, посебните елаборати и акти, со кои се утврдуваат и разработуваат условите за изградба на објектот, условите и начинот на градбата на објектот, како и други услови пропишани со закон и прописи донесени врз основа на закон.
Од изнесените законски одредби произлегува дека единиците на локалната самоуправа го уредуваат и организираат градењето и одржувањето на локалните патишта, улиците и други инфраструктурни објекти од локално значење во согласност со закон. Понатаму, сообраќајните знаци и заштитната опрема на локалните патишта и улици ги поставува, заменува или отстранува и уредно ги одржува општината односно градот.
Оттука, во врска со оспорениот член 3 од Одлуката, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Законот за јавните патишта бидејќи општината е законски овластена да ги поставува, заменува или отстранува сообраќајните знаци и заштитната опрема на локалните патишта.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојм ен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 204/98)

Leave a Reply