113/1998-0-0

113/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 58 став 2 и член 59 од Законот за ловство (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/96, 26/96 и 34/97).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на:
а) Одлуката за установување на ловишта на територијата на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.49/97) и
б) Правилникот за програма за полагање на ловечки испит, донесен од Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (“Службен весник на РМ” бр.70/96).
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Договорот за давање на користење на дивечот во ловиштата “Кључна Река” ;, “Бродец”, “Мирковци”, “Црешево” и ” Бунарџик”, склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Ловечкото друштво “Фазан” од Скопје.
4. Ловечкиот сојуз на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста односно законитоста на актите означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение. Членовите 58 став 2 и 59 од Законот се оспоруваат затоа што со нив не се признавал ловечкиот испит на лицата со 10 години ловечки стаж, што пред влегувањето во сила на законот било можно според правилникот на Ловечкиот сојуз, поради што тие имале повратно дејство; Одлуката означена во точката 2 од ова решение се оспорува затоа што со неа биле определени површини кои не можеле да влезат во склоп на ловиштата, па корисниците мораат да плаќаат надоместок и за површини на кои не може да се лови; Правилникот се оспорува без посебни причини, а Договорот затоа што создавал неосновани финансиски обврски за корисникот на ловиштата и создавал дилеми за начинот на нивното користење.

5. На седницата Судот утврди дека во член 58 став 2 од Законот е предвидено дозвола за ловење дивеч да може да се издаде на лице кое има положено ловечки испит и кое претходните две години не е казнето според одредбите на овој закон.
Според член 59 од Законот ловечкиот испит од член 58 став 2 на овој закон се полага пред стручна комисија што ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Комисијата ја сочинуваат пет членови во која по еден член предлагаат Министерството за внатрешни работи и Ловечкиот сојуз на Македонија.
Полагање на ловечкиот испит се врши врз основа на програма што ја донесува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Трошоците на стручната комисија од став 1 на овој член се на товар на кандидатот.
Според член 68 од Уставот собранието донесува закони, а според член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според тоа, несомнено е правото на законодавецот да го уреди прашањето за условите за добивање дозвола за лов, и во тие рамки да предвиди и полагање на ловечки испит во определена постапка и пред определен орган. Овие одредби воопшто не навлегуваат во прашањето дали лицата што порано го положиле овој испит или им е признат пред влегувањето во сила на законот, во друга постапка и пред друг орган, можат да ја обавуваат својата ловечка активност и без полагање на ловечкиот испит според новиот режим и затоа може да се рече, тие се неподобни да имаат повратно дејство.
Во член 83 став 2 од Законот, како преодна одредба е пропишано дека обврската за полагање на ловечкиот испит од член 59 од Законот не се однесува на лица со висока или средна стручна спрема кои го изучувале предметот ловство. Преодна одредба за признавање на ловечкиот испит положен пред влегувањето во сила на овој закон не постои.
Според тоа, евентуалното ускратување на стекнатите права не е последица на член 58 и 59, туку на отсуство на изречна преодна одредба која тие права би ги заштитила. Зошто законодавецот тие права не ги признава е посебно прашање, како и прашањето зошто би требало да ги признае. Напросто член 58 и 59 утврдуваат режим на добивање дозвола за лов кој законот налага да биде испочитуван за секое лице, освен оние од член 83 од Законот, без никаква дискриминација. Дозволата од член 58 е акт што се издава по влегувањето во сила на законот, важи одредено време и содржи определени права и обврски за ловецот, а законот не ги доведува во прашање дозвол ите што биле издавани во претходниот режим, ниту ловечките испити што биле положени и биле основ за добивање дозвола пред влегувањето во сила на законот.
Поранешниот Закон за ловство од 1988 година во член 51 утврдил дека право на лов има ловец кој положил испит пред стручна комисија што ја формира Сојузот на ловечките организации на Македонија, а од полагањето, според став 3, биле ослободени, како и сега според член 83, лицата кои завршиле средно или високо образование каде што е застапен предметот лов. За време на важењето на овој режим се применувал Правилник за полагање на ловечкиот испит, донесен уште во 1976 година, кога според Законот од 1973 овие прашања не биле законски регулирани, во кој испитот им се признавал и на лица со 10 годишен ловечки стаж.
Оттука, оспорените одредби од Законот не само што немаат повратно дејство, туку и не повредуваат законски стекнати права, затоа што и Законот од 1988 година не допуштал ослободување од испитот во случаи кои не се предвидени и сега. Правилникот на Ловечкиот сојуз, во овој контекст, не може да биде извор и основ на законското регулирање.
Врз основа на изнесеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 58 став 2 и 59 од Законот со член 52 став 4 од Уставот.
6. На седницата Судот утврди дека со Одлуката означена во точката 2 под а) од ова решение се установени 253 ловишта кои се поделени според критериумот ” крупен и ситен дивеч” и се распоредени во 22 ловностопански подрачја. Според т.5 од Одлуката документацијата за установените ловишта се наоѓа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде заинтересираните субјекти можат да вршат увид.
Согласно член 30 од Законот ловишта установува Владата, а според член 33 од Законот со површината на ловиштето не може да се опфатат населбите, повеќегодишни овошни и лозови насади, градежните земјишта, гробиштата, јавните патишта, железничките пруги, аеродромите, воените објекти, водните акумулации, рибниците, одредени природни простори прогласени како заштитени национални паркови, зоолошките и орнитолошките резервати.
Според член 30 став 3 од Законот со установувањето на ловиштето се одредуваат неговите граници, површината, намената, категоријата, бонитетот и капациететот.
Оспорената одлука несомнено се заснова на означените законски одредби и содржи определен степен на определеност во установувањето на ловиштата. Притоа, Судот не ја исклучува можноста во документацијата за ловиштата да биде направен и пропуст во поглед на опфатот на некои површини на кои фактички не може да се лови, иако припаѓаат во природните граници на определени подрачја (погранични појаси, железнички пруги и сл.). Но нивната идентификација, како основ за регулирање на правата и обврските, вклучително и финансиските, што се уредуваат со договор помеѓу Владата и корисникот на ловиштето, е прашање од фактичка природа кое се решава при воспоставувањето на договорниот однос или конечно во спор пред редовен суд. Поради тоа, ова е прашање на примена на законот во конкретни ситуации, а не прашање на уставноста односно законитоста.
Врз основа на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспсорената одлука со Законот.
7. На седницата Судот утврди дека оспорениот Правилник има 8 члена во кои се утврдува целта на полагањето на испитот, материјата по која се полага, евиденцијата, водењето записник, издавањето уверение за положен испит и повторувањето на испитот.
Од означениот член 59 од Законот призлегува дека Министерот за земјодество. шумарство и водостопанство е овластен да ја пропише програмата за полагање на ловечкиот испит, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Правилникот со член 59 од Законот.
8. Разгледувајќи го оспорениот Договор означен во точката 3 од ова решение, Судот утврди дека тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што не е надлежен да одлучува за неговата уставност или законитост.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевс ки и д-р Тодор Џунов.

У.бр.113/98
3 февруари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply