230/1998-0-0

230/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 точка 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на Начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија утврдено на општата седница одржана на 11.05. и 15.06.1998 година, според кое “ако за време на важење на колективен договор се донесе закон со кој се ограничуваат определени права од колективниот договор, во однос на тие права ќе се применува законот.”
2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување времена мерка запирање на извршувањето на поединечните судски акти или дејствија што се преземени врз основа на оспореното начелно правно мислење.
3. Стамен Филипов и Димитрија Атанасовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на начелното правно мислење означено во точката 1 на ова решение, затоа што односот помеѓу Законот и колективните договори е утврден со Законот за работни односи, со што истиот не може да се уредува со начелно правно мислење на Врховниот суд.
Според подносителите, правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос се уредуват исклучиво со Законот за работни односи, а не и со други закони.
Понатаму, оспореното начелно правно мислење се однесувало на одземените или ограничените права што работникот ги имал во 1994 година со што тоа произведувало повратно дејство, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
На тој начин Врховниот суд преземал некои од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд на Република Македонија, создавајќи обврска за пониските судови во практиката да го применуваат ова мислење.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека со неа не се бара оценување уставноста на закон или уставноста и законитоста на пропис за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува, туку начелно правно мислење што Врховниот суд на Република Македонија го донел со цел обезбедување на единствена примена на законите.
Што се однесува до барањето Судот до донесување на конечната одлука, да го запре извршувањето на поединечните судски акти или дејствија преземени врз основа на оспореното начелно правно мислење, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на ваква мерка.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донес е во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.230/98
27 јануари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply