95/1998-0-0

95/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 јануари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат (“Службен весник на СРМ” бр.41/85 и 51/88).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.95/98 од 4 ноември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од одлуката затоа што во сите одредби се зборува за средства во општествена сопственост која во Уставот не е предвидена како сопственосен облик, како и со оглед на тоа што се употребуваат термини кои не се во согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 1 од Основните одредби на законот е предвидено дека со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите на републичките органи и на работниците во работните заедници на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат.
Во член 2 од законот е предвидено дека средства во општествена сопственост што ги користат републичките органи за извршување на работите и задачите во смисла на овој закон се сметаат: земјиште, службени згради и простории, средства за изградба и прибавување на станбени згради и простории станови и гаражи, станови за службени потреби, средства за репрезентација, средства за подароци, средства за превоз, предмети со уметничка и културна вредност, опрема и потрошен материјал и други средства за потребите на републичките органи.
Како средства во општествена сопственост во смисла на овој закон се сметаат и средствата што работниците во работните заедници ги користат за изградба и прибавување на станбени згради, станови и гаражи.
Во член 3 од законот е предвидено дека користењето, управувањето и располагањето со средствата од член 2 на овој закон се врши според одредбите на овој закон, ако за одделни средства не е со закон определено поинаку.
Во член 4 е предвидено дека републичките органи имаат права, обврски и одговорности во поглед на користењето, управувањето и располагањето со средствата во општествена сопственост на кои право на располагање има СРМ (Републиката) утврдено со закон.
Во член 5 од законот се наведени републичките органи кои имаат права, обврски и одговорности во поглед на користењето, управувањето и располагањето со средствата во општествена сопственост.
Во овој член се утврдени и органи кои егзистираа во поранешниот правен поредок а сега тие не постојат.
Во член 6 е предвидено дека со закон со кој се оснива републичкиот орган со својство на правно лице се определуваат средствата во општествена сопственост врз кои се превземаат правни работи и други дејствија во правниот промет.
Во член 7 од законот е предвидено како ги користат средствата од општествена сопственост републичките органи.
Во член 12 од законот, пак, е предвидена обврската на Јавното правобранителство на Македонија да превзема мерки и дејствија заради заштита на правата и интересите на Републиката во врска со прибавување, користење и располагање со средствата во општествена сопственост при што републичките органи се должни да прибават претходно мислење од Јавното правобранителство на Република Македонија за правните работи во однос на прибавувањето и отуѓувањето на средствата ако тоа со закон е предвидено.
Во вториот дел од законот е регулирано прашањето за средствата што ги користат републичките органи за начинот на прибавување на средствата и тоа дали е тоа со надоместок или без надоместок врз основа на договор или по други основи, начинот на прибавување на предметите по пат на јавно надавање, прибирање на понуди и со непосредна спогодба, предвање на предмети од републичкиот орган на управата за заеднички работи, давање на предмети на привремено користење, замена или отуѓување од општествена сопственост.
Понатаму во законот се разработени средствата во општествена сопственост што ги користат републичките органи а кои беа наброени во член 2 од законот (тоа се: земјиште, службени згради и простории, средства за изградба и прибавување на станбени згради, станови и гаражи и нивно користење, средства за репрезентација, примање и давање на подароци во односите со странство, предмети со уметничка и културна вредност, опрема и потрошен материјал и други средства за потребите на републичките органи).
Во третиот дел од законот е регулирано прашањето за надзорот на примената на овој закон и органот надлежен за водењето на евиденцијата на средствата во општествена сопственост што ги користат републичките органи.
Во четвртиот дел од законот се казнени одредби кои се однесуваат на одговорноста на одговорното лице за сторен стопански престап или прекршок.
Во петтиот дел се предвидени преодни и завршни одредби на законот.
5. Оспорениот закон е донесен врз основа на Уставот на СРМ од 1974 година чија основа на општествено економското уредување беше општествената сопственост и самоуправувањето.
Со осамостојувањето на Република Македонија и донесување на Уставот на Република Македонија од ноември 1991 година, општествената сопственост повеќе не функционира како сопственосен облик а преку Уставниот закон за спроведување на Уставот на законодавецот му беше наложено да донесе закон за начинот на трансформација на општествената сопственост во други сопственосни облици.
Според тоа општествената сопственост не може да се смета како форма на сопственост туку таа треба да се трансформира во некој друг вид на сопственост (приватна, државна, задружна).
Основната интенција на уставотворецот била да се напушти концептот на социјалистичкиот систем а со него и општествената сопственост како доминантен облик на сопственост за да приватната сопственост стане основен сопственосен облик, утврден во член 30 од Уставот на Република Македонија.
Меѓутоа иако Уставот изрично не ја предвидел државната сопственост, неспорно е дека државата треба да се јави и ќе се јави како сопственик на оние објекти што се материјален услов за остварување на нејзините функции како власт.
Имено, Уставот државната сопственост ја споменува само на едно релативно тесно подрачје, а не како еден од сопственосните облици односно таа се споменува само во член 56 во врска со природните богатства, но тоа не значи дека државната сопственост нема да постои односно ќе биде исклучена како сопственосен облик.
Постоењето на државната сопственост е реалност која одговара на економската состојба и структура на денешното општество и без овој облик не би можело да се замисли функционирањето на државата како власт ниту обезбедувањето на одредени општи, општествени или јавни интереси на општествената заедница како целина.
Според тоа ако е неспорно дека во оваа област државата ќе се јави како сопственосен наследник на одредени општествени добра кои се во функција на остварување на државната власт, нужно е законодавецот да го предвиди и моделира сопственосниот облик односно мора државата да се прогласи за легитимен наследник на соодветниот дел од средствата во општествена сопственост.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај во правниот поредок егзистира закон кој ги регулира односите засновани врз самоуправувањето и општествената сопственост кога таа имаше доминантна положба, како и со оглед на тоа што оспорениот закон содржи и терминолошка неусогласеност Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен М ихајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.95/98)

Leave a Reply