218/1998-0-0

218/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 32 став 3 и член 33 став 5 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 32 став 3 и член 33 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби од Законот, се давале овластувања на министерот за внатрешни работи да може да пропише дека државјаните на Република Македонија и странците да можат да се движат и да престојуваат во одделни делови од граничниот појас и без дозвола, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 9 став 2, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 32 став 1 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92), државјаните на Република Македонија можат да се движат и да престојуваат во граничниот појас само ако имаат дозвола за тоа, а според оспорениот став 3 на овој член од Законот, министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за одбрана може да пропише државјаните на Република Македонија да можат да се движат и да престојуваат во одделни делови од граничниот појас и без дозвола од став 1 на овој член.

Според член 33 став 1 од Законот, странец може да се движи и да престојува во граничниот појас само ако добие дозвола за тоа. Дозволата на странец може да му се издаде на барање од државен орган или претпријатие чие седиште, односно чија дејност се врши во граничниот појас или заради посета на лице кое има живеалиште во граничниот појас. Според оспорената одредба на став 5 на овој член од Законот, министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за одбрана може да пропише дека странци можат да се движат и да престојуваат во одделни делови од граничниот појас и без дозвола од став 1 на овој член.

4. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 став 2 од Уставот се уредува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Тргнувајќи од содржината на уставните одредби што се однесуваат на надлежностите на извршната власт во донесувањето на прописи за извршување на законите и од системските решенија содржани во Законот за органите на управата, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби на член 32 став 3 и член 33 став 5 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас, според кои министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за одбрана се овластува да може да пропише дека државјаните на Република Македонија и странците да можат да се движат и да престојуваат во одделни делови од граничниот појас и без дозвола, според мислењето на Судот, таквото овластување на министерот за внатрешни работи не е во несогласност со Уставот. Имено органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека, овластувањето содржано во оспорените одредби на член 32 став 3 и член 33 став 5 од Законот е во рамки на постојната системска поставеност на државната управа, ниту пак со нив се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 218/98)

Leave a Reply