51/1998-0-0

51/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за поблиските услови и критериуми за давање и користење на станови за службени потреби на функционерите и раководните работници во републичките органи и за утврдување на висината на надоместокот за користење на станот, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/87, 23/92, 50/95 и 8/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука во целина не била во согласност со членовите 9, 32 став 5 и член 88 став 2 од Уставот, ниту со Законот за станбените односи од кој што не произлегувал основ за нејзино донесување.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со членот 3 став 2 од Одлуката се повредувало начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, а член 15, според кој за користење на становите за службени потреби не се плаќа надоместок, освен со член 9, не бил во согласност и со член 33 од Уставот. Член 3 од Одлуката за изменување на оспорената одлука (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/97), во кој се предвидувало дека таа влегува во сила наредниот ден од денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”, не бил во согласност со член 52 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука
поблиску се определуваат условите и критериумите за давање на користење станови за службени потреби на функционерите, пратениците, именуваните и назначените работници во републичките органи, како и на функционерите во правосудните органи со ограничено траење на мандатот и се утврдува начинот на пресметувањето на висината на надоместокот за користење на станот, а според член 2 од Одлуката како републички органи се сметаат: Собранието на Република Македонија, Претседателот на Републиката, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, судовите, јавните обвинителства, Републичкиот судски совет, министерствата и другите органи на управата и управни организации.

Во член 3 од Одлуката е утврдено дека на функционер односно раководен работник му се доделува стан за службени потреби кој ги задоволува потребите на неговото семејно домаќинство, односно за самец-гарсоњера, за домаќинство од два члена – еднособен стан, за домаќинство од три члена – двособен стан, за домаќинство од четири члена – двоиполсобен стан, за домаќинство од пет члена – трособен стан и за домаќинство од повеќе членови – четворособен стан. Во оспорениот став 2 на овој член е утврдено дека по исклучок, ако поради природата на функцијата што ја врши е потребно да му се обезбедат посебни услови за работа на функционерот, може по негово барање и мислење на органот да му се додели и поголем стан, но не поголем од четворособен.

Според член 4, за доделување на стан за службена потреба одлучува Комисијата за станбени прашања на Владата на Република Македонија, а според член 6 став 1 за користење на станот за службени потреби, функционерот односно раководниот работник е должен да склучи договор за користење со Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, во рок од 30 дена од денот кога станот е вселив.

Според оспорениот член 15, за користење на становите за службени потреби не се плаќа надоместок за користење на становите, како и надоместок за користење на опремата во становите.

Во натамошните членови на Одлуката се утврдени одредби кои се однесуваат на опремувањето и тековното одржување на становите за службени потреби, како и на обврската на корисникот да ја надомести направената штета во станот или на неговата опрема.

4. Судот на седницата, исто така, утврди дедка Владата на Република Македонија оспорената одлука ја донела врз основа на овластувањето од член 39 од Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/85), во кој закон, во посебна глава од членовите 32 до 39, се уредуваа условите и начинот на доделување на становите за службени потреби и дека во текот на постапката е донесен Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98) со чие влегување во сила престанаа да важат одредбите односно главата “стан за службени потреби” од наведениот закон, како и Законот за станбени односи.

Во член 2 од Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат е утврдено дека средства во општествена сопственост во смисла на овој закон, меѓу другото, се сметаат и становите за службени потреби. Со членовите, пак, 32 до 39 од овој закон меѓу другото беше предвидено дека под стан за службени потреби се подразбира стан потполно или делумно наместен или ненаместен што служи за привремено сместување на функцонер, односно на раководен работник во републички орган. Стан за службена потреба може да се додели на функционер, односно на раководен работник во републички орган заради негово привремено сместување доколку во местото на вршење на должноста го нема решено станбеното прашање и нема стан во лична сопственост. Функционерот односно раководниот работник го задржува станарското право на станот што го користел во местото на постојано живеење (член 32).

Според член 33 од Законот функционерот односно раководниот работник не може да се стекне со станарско право на стан за службена потреба, а според член 36 функционерот односно раководниот работник во републички орган е должен да го ослободи службениот стан во рок од 30 дена од денот кога тој или неговото смејно домаќинство се здобил со станбена зграда или стан на трајно користење односно се здобил со станбена зграда или стан во сопственост и со денот на разрешување од должноста.

Во член 6 од Законот за станбените односи, исто така, беше утврдено дека на становите за привремено сместување и за службени потреби, корисникот на станот не се стекнува со станарско право, туку само со правата и обврските утврдени со општиот акт на давателот на станот, односно договорот за користење на станот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека становите за службени потреби, согласно овие закони, а оттука и согласно оспорената одлука, која е донесена врз основа на овластувањето на Владата што произлегуваше од тие закони, имаа статус на станови во општествена сопственост, како и другите станови, со тоа што за нивното доделување и користење беше утврден посебен режим и на нив не можеше да се стекне станарско право.

За разлика од вака утврдениот статус и режим на користење на службените станови во наведените закони, во Законот за домување, службените станови повеќе не се утврдени како посебна категорија и за нив не е утврден посебен режим на доделување и користење. Напротив, во овој закон, со кој се уредуваат односите во домувањето, начинот и условите за давање на становите под закуп, правата и обврските на сопствениците и корисниците на становите и одржувањето на станбените згради, во посебна глава ИИИ, законодавецот посебно ги уредил односите за станбените згради и становите во сопственост на Републиката. При тоа, во член 33 од овој закон е утврдено дека Владата на Република Македонија ги уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Републиката, а во член 34 е утврдено дека Владата на Република Македонија одлучува за давање под закуп станови во сопственост на Република Македонија на: носители избрани и именувани за вршење на јавни и други функции утврдени со Уставот и закон; социјално – загрозени лица – станбено необезбедени согласно со Законот за социјалната заштита; лица од подрачја прогласени за погодени од природни непогоди и епидемии и вработени во државните органи кои вршат посебни должности неопходни за остварување на основната функција на органот. Според член 35 од овој закон, договорот за закуп во име на Република Македонија го склучува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија и тоа најдоцна во рок од 15 дена по добивањето на одлуката за давање на стан под закуп.

Од наведените одредби на Законот за домување произлегува дека основ за користење на становите согласно овој Закон не е повеќе општествената сопственост на становите, со кои претходно располагаше Републиката, но овие станови се во сопстеност на Републиката, која што таа како сопственик, има право истите да ги дава под закуп, на определени лица утврдени во самиот закон. Оттука и овластувањето на Владата на Република Македонија утврдено во овој закон, да ги уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Републиката, во својата основа и димензии суштински се разликува од нејзиното овластување што произлегуваше од Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат.

Со оглед дека оспорената одлука е донесена врз основа на Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат, а чии одредби со кои се уредуваше доделувањето и користењето на станови за службени потреби престанаа да важат со влегувањето во сила на Законот за домувањето, во кој не само што не е утврдена категоријата на службени станови, но условите и начинот на давањето на станови на користење во овој закон, воопшто, а и на становите со сопственост на Републиката, посебно, се уредени на поинакви основи, Судот утврди дека оспорената одлука по сила на законот го изгубила своето правно дејство, односно престанала да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за домување, кога престанаа да важат и одредбите од Законот за чие извршување е донесена оваа одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.51/98)

Leave a Reply