206/1998-0-0

206/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Мислењето на Министерството за финансии на Република Македонија бр.09-4817/1 од 2 јуни 1997 година.

2. “Ауто Македонија” А.Д. Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на мислењето означено во точката 1 од ова решение, затоа што со оспореното мислење се востановувала обврска односно јавна давачка за правните лица и се менувала содржината на одредба од закон што не било во согласност со членовите 33 и 68 од Уставот и член 19 став 1 точка 1 од Законот за данокот на промет на производи и услуги. Исто така, оспореното мислење и покрај тоа што по својата форма не претставувало пропис односно општ акт, во практиката му се давало таков карактер, па бидејќи истото не било објавено во “Службен весник на Република Македонија” тоа не било во согласност и со член 52 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека на барање на “Про Агенс” д.о.о. од Скопје, Министерството за финансии на Република Македонија на 2 јуни 1997 година го дало следното мислење:

“Согласно член 19, став 1, точка 1 од Законот за данок на промет на производи и услуги (“Службен весник на РМ” бр.34/92… 10/97), данок на промет на услуги не се плаќа на услугите на давање на кредити за ликвидност на банките од примарната емисија: депонирање на девизно штедење; камати по основ на депозити на правните лица кај деловните банки и камати по основ на депозити на деловните банки, кај Народната банка на Република Македонија, камати од должничко – доверителските односи.

Но бидејќи, во вашиот случај се работи за камата на орочен депозит кај деловна банка, сте во обврска да пресметате и платите данок на промет на услуги по стапка од 13% по тарифен број 1 од Тарифата на данок на промет на услуги, која е составен дел на Законот, не може да се примени ослободување од член 19, став 1, точка 1 од Законот за данок на промет на производи и улуги”.

На барање на “Ауто Македонија” АД Скопје, оспореното мислење, Министерството за финансии како свое мислење на 19 ноември 1998 година, го доставува до барателот, со укажување дека на каматата на орочениот депозит се плаќа данок на промет на услуга.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби во однос на надлежноста на Уставниот суд, а имајќи предвид дека оспореното мислење на Министерството за финансии, според мислењето на Судот, не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и дека според тоа, не подлежи на уставно-судска заштита. Имено, како што се гледа од формата и содржината на оспореното мислење, тоа во првиот пасус само ја наведува содржината на член 19 став 1 точка 1 од Законот за данок на промет на производи и услуги, со кои се утврдени даночните ослободувања, за да во вториот пасус го изнесе мислењето на органот, дека таквото ослободување не се однесува на конкретниот случај. Притоа, имајќи предвид дека обврската за плаќање на данок на промет на услуги произлегува од членовите 17 и 18 од Законот за данок на промет на производи и услуги, а ослободувањето од плаќање на таквиот данок произлегува од член 19 на овој закон, со оспореното мислење, Судот оцени дека, не се востановува обврска односно јавна давачка, туку се дава појаснување за примена на законска одредба за конкретен случај, што значи дека истото не ги исполнува основните елементи за да се третира како пропис односно општ акт.

Дали, притоа законската одредба правилно или неправилно се применувала во однос на наплаќањето и ослободувањето од даночните обврски, исто така, Судот не е надлежен да одлучува, а за евентуално другите можни импликации од оспореното мислење, подносителот на иницијативата заштитата на своите права може да ги оствари во управна и судска постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 206/98)

Leave a Reply