167/1998-0-0

167/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Урбанистичкиот план на Свети Николе бр.08-101/1 од 30 март 1998 година донесен од Советот на Општината Свети Николе, Решението бр.08-42/1 од 28 јануари 1998 година на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животна средина – Подрачна единица Свети Николе и Решението бр.31-308/98 од 30 јуни 1998 година на Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање на управни акти во втор степен од областа на урбанизмот и градежништвото.

2. Благој Насков од Свети Николе, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, бидејќи оспорениот урбанистички план бил подготвен од градскиот архитект, немало јавна анкета и излагање на планот на јавно место и не била извршена стручна ревизија што се заедно не било во согласност со членовите 16 став 3, 18 став 1 и 19 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди дека согласно писмото бр.13-151 од 23 ноември 1998 година на Советот на Општината Свети Николе, не постои урбанистички план на град Свети Николе под број 08-101/1 од 30 март 1998 година, како што е наведено во иницијативата.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што според известувањето на Советот на Општина Свети Николе урбанистички план на Свети Николе бр.08-101/1 од 30 март 1998 година не постои, Судот одлучи иницијативата да ја отфрли.

5. Што се однесува до оспорените решенија, Судот оцени дека се тие поединечни акти донесени во управна постапка за кои согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува па според тоа одлучи иницијативата да ја отфрли и во делот што се однесува на нив.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 167/98)

Leave a Reply