203/1998-0-0

203/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Решението У.бр.80/98, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата од 21 октомври 1998 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за преиспитување на Решението У.бр.80/98 од 21 октомври 1998 година со кое Судот не поведе постапка за оценување уставноста на членовите: 18 став 3, 31 став 2 и став 3, 33 став 4, 35 став 3, 40 став 2, 43 став 3, 57 став 1 и став 3, 58, 59 став 2, 102 став 3, 107 став 4, 110 став 3 и 131 од Законот за социјална заштита, затоа што при донесувањето на истото, Судот не го елаборирал членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, а основ за одлучување нашол во Законот за органите на управата кој бил донесен пред Уставот на Република Македонија и како таков несогласен со Уставот.

3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека со решение У.бр.80/98 од 21 октомври 1998 година не повел постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 2 на ова решение.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот не повел постапка за оценување уставноста на Законот за социјална заштита, а не постојат нови факти и докази, односно не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 203/98)

Leave a Reply