36/1998-0-0

36/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25.11.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 2 и 3 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 15/97).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 и член 8 став 2 и 3 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 15/97).

3. Ставре Џиков од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за кривичната постапка означени во точките 1 и 2 од ова решение затоа што со нив, покрај македонскиот јазик, во службена употреба во кривичната постапка се воведувале и јазиците на националностите што не било во согласност со член 7 од Уставот на Репбулика Македонија според кој јазиците на националностите може да бидат во службена уптреба само во единиците на локалната самоуправа, а не и во работата на државните органи како што се судовите.

4. На седницата Судот утврди дека во член 7 од законот е предивдено дека припадник на националност државјанин на Република Македонија во кривичната постапка има право да се служи на јазикот на националноста на која припаѓа и на неговото писмо. Судот на тоа лице му обезбедува бесплатно преведувач.

Според член 8 став 2 од Законот припадник на националност, државјанин на Република Македонија има право поднесоците до судот да ги упатува на јазикот и писмото на националноста на која и припаѓа. Судот во таков случај ги преведува поднесоците и така преведени ги доставува на другите странки во постапката.

Согласно став 3 на овој член другите лица кои не го зборуваат или разбираат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо можат поднесоците до судот да ги упатат на својот јазик и писмо. Во тие случаи судот постапува како во став 2 на овој член.

Во член 9 став 2 од Законот е предвидено дека на припадник на националност, државјанин на Република Македонија поканата што ќе му се упати ќе биде напишана, покрај на македонскиот јазик и кирилско писмо и на јазикот и писмото на националноста на која и припаѓа.

Според став 3 на овој член на обвинетиот припадник на националност, државјанин на Република Македонија писмената ќе му се достават на јазикот со кој се служел во постапката.

Претходно во член 6 од Законот е определено дека во кривичната постапка службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо.

5. Според член 7 став 1 од Уставот во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно член 7 став 2 и 3 од Уставот во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, е и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон, а во единиците на локалната самоуправа во кои припадниците на националностите се во значителен број, под услови и начин утврдени со закон.

Според член 8 став 1 алинеја 1 и 11 од Уставот меѓу темелните вредности на уставниот поредок се и почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и во Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Во член 6 став 3 точка е) од Европската конвенија за правата на човекот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 11/97) како едно од минималните права на обвинетиот е утврдено и правото на бесплатна помош на преведувач ако не го разбира или не го зборува јазикот што се употребува во судот.

6. Врз основа на изнесените уставни одредби и одредбите од означената конвенција, Судот оцени дека прашањето на употребата на јазици во кривичната постапка различни од службениот јазик треба да се согледа не само во контекст на член 7 од Уставот, туку и во контекст на положбата, пред се на обвинетиот, но и на другите учесници во постапката од аспект на принципот на фер судње како неопходен и легитимен услов на заштита на правата на човекот и граѓанинот. Минималните стандарди за правото на бесплатен преведувач односно служење со свој јазик во кривичната постапка утврдени во оначената конвенција не го ограничуваат законодавецот да пропише и определени повисоки стандарди се до онаа мера во која не се доведува во прашање некој друг битен принцип на работата на судот во кривичната постапка, како што е задолжителноста на службениот јазик.

Во таа смисла член 7 став 1 и член 8 став 2 од Законот во кои правото на служење со својот јазик и правото на бесплатен преведувач односно правото на доставување писмена до судот на својот јазик е условено со државјанството и припадноста кон националност а не со непознавање на службениот јазик на кој работи судот, Уставниот суд ги оценува како веведување на повисок стандард на заштита на правата на тие лица во кривичната постапка заради можноста за учество на поединците во таа постапка на својот мајчин јазик кој што природно поавтентично го разбираат и говорат без оглед на тоа колку го познаваат и службениот јазик. Според тоа, ова право е исклучиво насочено кон реализација на принципот на фер судење и е во интерес на поединецот во кривичната постапка автентично да ги разбере наводите во постапката, но и да ги соопштува сопствените наводи од кои зависи одлуката на судот и тоа на ниеден начин не може да се третира како манифестација на службена употреба на јазик или како повреда на службениот јазик на кој работи судот. Се додека правото на служење со својот јазик не создава обврски судот да ги врши службените дејствија на некој друг, а не на службениот јазик, тоа право не може да се согледува во контекст на уставните одредби за службениот јазик во Република Македонија.

Во поглед на член 8 став 3 од Законот Судот исто така смета дека правото на другите учесници во постапката кои не го познаваат службениот јазик, меѓу кои и странците, да му ги доставуваат на судот писмената на својот јазик и писмо, е повисок стандард на положбата на сите учесници што не го познаваат службениот јазик, а не само на обвинетиот, кој е оправдан од аспект на автентичноста на изведувањето на доказите во постапката во која учествуваат и лица што не го зборуваат службениот јазик.

Наспроти тоа, во член 9 став 2 и 3 од законот се пропишуваат обврски за судот дел од службените дејствија да ги извршува и на јазик кој не е службен во неговата работа. Со тие ставови на член 9, според оценката на Судот, не се востановуваат права на поединецот кои се поврзани со неговата положба во кривичната постапка заради обезбедување фер судење, туку должности на судот во својата работа да употребува и друг јазик освен службениот, што директно се однесува на член 7 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 9 став 2 и 3 од Законот со член 7 од Уставот но не и за согласноста на членот 7 став 1 и член 8 став 2 и 3 од Законот со Уставот.

Поради тоа, Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.36/98)

Leave a Reply