144/1998-0-0

144/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98) во целина и посебно на член 21 став 2, член 32, член 33, член 34 во целина и посебно само став 4 и 5, член 35, член 36, член 37, член 38, член 39, член 40 во целина и посебно само став 2, член 41, член 42, член 66, член 67, член 68, член 69, член 70 и член 71.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на целината и наведените одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се предвидувало (1) и странци да членуваат или основаат здруженија на граѓани, (член 21 став 2, член 34 став 4 и 5, член 40 став 2 и членовите 66-71 од Законот), потоа (2) членувањето на странците во домашните здруженија да зависи од статутот на здружението и, со тоа, статутот да има поголема правна сила од Уставот и Законот (член 21 став 2 од Законот), како и (3) да постојат фондации (Законот во целина и членовите 32-42 посебно), што значело излегување надвор од уставните рамки и измена на неговата концепција, поради што Законот, во целина и во наведените одредби, не бил во согласност со членовите 20, 29 и 51 од Уставот.

3. а) Во врска со оспорувањето на членот 21 став 2, членот 34 став 4 и 5, член 40 став 2 и членовите 66-71 од Законот, и тоа од аспект на членувањето на странските државјани во домашни здруженија на граѓани или основањето здруженија на странци на територијата на Република Македонија, Судот утврди дека, според член 21 став 2 од Законот странски државјани можат да се зачленуваат во здруженија на граѓани на Република Македонија ако е предвидено во статутот.

Потоа, според член 34 став 4 и 5 од Законот, како основачи на фондацијата можат да се јават и странски правни и физички лица. Одредбите за основање, регистрација и работа на фондацијата од овој закон ќе се применуваат и за странските фондации.

Понатаму, според член 40 став 2 од Законот, најмалку половина од членовите на управниот одбор мора да се државјани на Република Македонија (останатите можат да се странци и, поради ова, оваа одредба се оспорува);

Според член 66 од Законот, странците кои имаат постојан престој или привремено престојуваат подолго од една година на територијата на Република Македонија, можат да основаат здруженија на странци под услови утврдени со овој закон. Одобрение за основање на здружение на странци од ставот 1 на овој член, дава основниот суд на чие подрачје здружението на странци има седиште по претходно прибавено мислење од Министерството за надворешни работи.

Во член 67 од Законот се предвидува основање на здружение на странци да може да се одобри по барање од најмалку петмина полнолетни странци и дека основање на здружение на странци може да се одобри само за унапредување на научни, спортски, културни, хуманитарни и социјални цели.

Исто така, член 68 од Законот предвидува во постапката за регистрација и престанок на здруженијата на странци да се применуваат одредбите од овој закон, за регистрација и престанок на здруженијата на граѓани и дека за здруженијата на странци основниот суд води посебен регистар.

Со член 69 од Законот се определува на територијата на Република Македонија да можат да се основаат и да дејствуваат странски и меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивни подружници кои се непрофитабилни, потоа на територијата на Република Македонија да можат да се основаат и да дејствуваат и други организации кои се исклучително финансирани од билатерални и мултилатерални договори за да се вклучат во развојните проекти на Република Македонија, како и дека дејноста на странските организации не смее да биде во несогласност со Уставот, законите на Република Македонија и меѓународните договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Понатаму, член 70 од Законот утврдува странските организации да се запишуваат во регистарот на странски организации што го води основниот суд, по претходно прибавено мислење од Министерството за надворешни работи.

Конечно, Судот утврди дека според член 71 од Законот,
барањето за упис во регистарот на странска организација со седиште на територијата на Република Македонија, потребно е да ги содржи сите податоци и документи пропишани во член 44 на овој закон; со барањето за упис во регистарот странската организација треба да достави податоци од регистарот во земјата каде што е регистрирана; ако на територијата на Република Македонија се формира подружница на странска организација, со барањето за упис во регистарот треба да се приложи и извод од основниот акт (правилата) од кој се гледа дека странската организација има статус на правно лице и да се наведе седиштето на таа подружница. Одредбите од овој закон соодветно се применуваат и на странските организации.

б) Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Согласно член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Од наведените уставни одредби произлегува дека на граѓаните – државјани на Република Македонија им е уставно загарантирана слободата на здружувањето заради остварување на определени права и уверувања (член 20 став 1), и дека и странците во Република Македонија ги уживаат уставно загарантираните слободи и права на граѓаните – државјани на Република Македонија но под услови утврдени со закон (прокламирана еднаквост) и меѓународни договори (еднаквост врз основа на реципроцитет) – член 29 од Уставот.

Оттука, определувањето во означените законски одредби странец да може да ја оствари слободата на здружувањето во Република Македонија така што може да се здружи, под определени законски услови, со домашни граѓани, со други странци

во Република Македонија, како и истовремено со домашни граѓани и странци во подружница на странска или меѓународна невладина организација, фондација, сојуз, која е отворена на територијата на Република Македонија, не е во несогласност со наведените уставни одредби.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата дека членот 21 став 2 од Законот не е во согласност со член 29 и со член 51 став 1 од Уставот со оглед дека препушта домашното здружение на граѓани со статут да одлучува за здружувањето на странец во тоа здружение и дека статутот на здружението на тој начин добива поголема правна сила од Уставот и Законот, Судот оцени дека оспорената законска одредба не е несогласна со наведените уставни одредби бидејќи всушност претставува услов пропишан со Законот под кој странец може да ја оствари слободата на здружувањето во Република Македонија односно претставува операционализација на член 29 од Уставот.

Поради тоа, и по ова прашање Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. а) Во врска со оспорувањето на членовите 32-42 од Законот и на Законот во целина, и тоа од аспект на нивното предвидување да постојат фондации како форма на здружување, Судот утврди дека со член 32 од Законот се предвидува Фондацијата да е имотна маса осамостоена како правно лице која е обезбедена од еден или повеќе основачи (донатори), заради постигнување на определени цели, потоа фондацијата да ги остварува целите, правата, интересите и уверувањата за кои е основана преку стекнување и управување со средствата и имот, како и фондацијата да може да се основа со парични средства во висина од 10.000,00 ДЕМ во денарска противвредност според средниот курс на валутата утврден и објавен од Народната банка на Република Македонија на денот на поднесувањето на актот за упис во регистарот.

Понатаму, според член 33 од Законот, фондацијата се основа од еден или од повеќе основачи. Фондацијата по правило се основа за неопределено време или на определено време додека не се постигне целта утврдена со статутот. Како основачи на фондацијата можат да се јават физички и правни лица. Фондацијата може да биде основана и преку тестамент или легат заверен пред нотар. Тестаментот има карактер на акт за основање од членот 35 на овој закон. Ако завештателот не определи извршител на тестаментот, извршителот го определува основниот суд.

Во член 34 од Законот се определува кога основачи на фондацијата се повеќе лица, своите права можат да ги остваруваат само заеднички, доколку поинаку не е предвидено во актот за основање на фондацијата. Основачките права на основачите не се преносливи на нивните правни наследници. Донаторите што се јавуваат по основањето на фондацијата не стекнуваат статус на основач. Како основачи на фондацијата можат да се јават и странски правни и физички лица. Одредбите за основање, регистрација и работа на фондацијата од овој закон ќе се применуваат и за странските фондации.

Според член 35 од Законот, фондацијата се основа со акт за основање, кој содржи точно определени податоци.

Согласно член 36 од Законот, се додека фондацијата не е запишана во регистарот на фондации, основачот може да укине или прифати измена на актот за основање или на статутот. Ако фондацијата има повеќе од еден основач, актот за основање или статутот може да се укине или дополни, само со согласност на сите основачи. Ако еден или неколку основачи се повлечат, другите основачи можат да го дополнат актот за основање или статутот само во рамките на утврдените цели на фондацијата.

Понатаму, во член 37 од Законот се определува фондацијата да има статут, кој содржи прецизно утврдени податоци.

Според член 38 од Законот секоја фондација може да се спои со друга фондација под услови утврдени со статутот на фондацијата. Начинот за основање на нова фондација ќе се изврши според одредбите на овој закон.

Со член 39 од Законот се утврдува дека орган на фондацијата е управниот одбор, и дека со статутот на фондацијата можат да се предвидат и други органи.

Исто така, член 40 од Законот определува дека управниот одбор ја претставува фондацијата и ги води нејзините работи. Најмалку половина од членовите на управниот одбор мора да се државјани на Република Македонија. Член на управниот одбор се иззема од гласање за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар, роднини до втор степен, и за пршања што се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

Во член 41 од Законот е утврдено дека членовите на управниот одбор по правило не примаат паричен надоместок за нивната работа. Членовите на управниот одбор можат да примаат паричен надоместок соодветен на нивните задолженија, ако тоа е предвидено со статутот или ако тоа го дозволува финансиската состојба на фондацијата.

Согласно член 42 од Законот, членовите на управниот одбор, како и на другите органи на фондацијата, се одговорни за остварување на целите и задачите на фондацијата утврдени со статутот. Членовите на управниот одбор, како и на другите органи на фондацијата, се одговорни за штета предизвикана од нивната работа или поради нејзино запоставување. Членовите на управниот одбор, како и на другите органи на фондацијата во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член, се одговорни и пред основачот.

б) Според член 20 став 2 од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Имајќи предвид дека фондациите се, по својата суштина, идентични со здруженијата на граѓаните (имаат исти цели: остварување или заштита на определени права, интереси и уверувања – член 2 став 1 од Законот; и едните и другите не можат да се занимаваат со политички и стопански дејности – членовите 2, 3 и 7 од Законот; двата субјекти се организираат на исти начела: територијалност, правни лица, самостојност, јавност во работата, регистрација во ист регистар … – член 5, 6, 8, 43, 46 од Законот), независно од формалните разлики (околу основањето – член 32 од Законот, управувањето – член 33 од Законот; корисниците на услугите – член 37 од Законот), Судот оцени дека Законот во целина, како и посебно членовите 32-42 од Законот, не се во несогласност со член 20 став 2 од Уставот.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 144/98)

Leave a Reply