65/1998-0-0

65/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7.10.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 34 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).

2. Димитрија Ефтимовски од Ресен на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 34 став 2 од Законот означен во точка 1 од ова решение затоа што со него, по измените од 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/96), како основ за определување на најниската пензија е утврдена просечната плата само во нестопанството и се определени помали проценти за утврдување на нејзината висина, со што лицата што се пензионираат по тој датум се доведени во нееднаква положба во однос на оние лица што оствариле пензија пред тој датум, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 34 став 2 од Законот најнискиот износ на старосна пензија се определува од просечната плата во нестопанството во Републиката во претходната година, а во зависност од должината на пензискиот стаж таа може да изнесува од 34% до 40%.

Притоа, Судот утврди дека пред измената оваа одредба како основ за утврдување на минималната пензија ја предвидувала просечната плата во Републиката, а висината се движела од 50% до 60%.

4. Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Судот утврди дека оспорената одредба од Законот ја утврдува минималната гарантирана пензија на осигурениците и тој по својата природа има изразито социјална функција. Тој член ги покрива оние ситуации кога осигурениците кои ги исполнуваат условите за остварување на старосна пензија би оствариле таков износ на старосна пензија кој, според критериумите на законодавецот, не обезбедува минимални услови на егзистенција. Неспорно е дека социјалната политика и критериумите за остварување на определени социјални права зависат од реалните пред се, економски, услови кои се менуваат, на полошо или на подобро, што неретко го одредува нивото на социјалните права што државата реално може да ги поднесе. Новиот режим на утврдување на критериумите за остварување на минималната пензија, според тоа, не може да се третира како намалување или зголемување на правата за што треба да се бара правен основ, туку како израз на социјална политика димензионирана според одредени економски услови за што исклучиво одлучува законодавецот.

Оттука, фактот што новиот режим навистина придонесува за различна положба на новите и старите пензионери не произведува правна нееднаквост, туку е резултат на различен режим формулиран според реалноста на одредено време како основ за одредена социјална политика. Во тој контекст, долната граница на социјалната сигурност е прашање за кое Уставниот суд не може да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 34 став 2 од Законот со Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.65/98)

Leave a Reply